Вчерашниот изумрен свет
Давам најпрвин две слики од вчерашниот, музејски свет. Некаде 1974 година, есен е. Се сеќавам дека сум четврто одделение и дека учителката ме прозива да излезам пред географската карта на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Ми поставува прашање: од кои републики се состои нашата социјалистичка татковина? Убеден во едноставноста на прашањето и во своето знаење, одговарам автоматски: „Социјалистичка Федеративна Република Југославија се состои од: Социјалистичка ФЕДЕРАТИВНА Република Македонија, Социјалистичка ФЕДЕРАТИВНА Република Србија, Социјалистичка ФЕДЕРАТИВНА Република Босна и Херцеговина, Социјалистичка ФЕДЕРАТИВНА Република Хрватска…“ И така, со она вишок „федеративна“, ги наведувам сите шест единици на Титовата федерација, без да знам дека за тоа може кривично да се одговара, зашто навестува сепаратизам – федерализација на веќе постојни единици на Федерацијата. За младите, еве пример: денес, Босна и Херцеговина „виси во воздух“: народите што ја населуваат, сакаат да се отцепат. Значи, поради чист лапсус сум станал СЕПАРАТИСТ, зашто евентуалната федерализација на секоја од социјалистичките републики беше најголемиот идеолошки злостор што можеше да се замисли: отцепување делови од територија на веќе признаени федерални единици под капата на Југославија.
Потоа, веќе имам 18 години и на отслужување на воениот рок сум. Значи, 1982 година. Таму често го слушав зборот „сепаратизам“ од еден поручник: за него, тоа што Албанците навечер се собираа зад магацинот и свиреа на чифтелија албански народни песни беше сепаратизам насочен против братството и единството. А непосредно пред брат ми да замине „во војска“, се случи масакр во Параќинската касарна, кога сепаратистот (тогаш и медиумски го слушавме тој збор) Азиз Кељменди со автоматска пушка стрелаше во полна спална заспани војничиња. Крвта ни се смрзна во жилите – ако сепаратистите, оние што сакаат да ја расцепат Југославија успеале да се инфилтрираат во (тогаш) една од најсилните армии на светот – што ни преостанува нам, цивилите?
Новиот свет, на сепаратизмот гледа вака: секој народ има право на самоопределување до отцепување. Рака на срце, тоа е стара работа во меѓународното право, некаде од половината на XIX век, ама денес тоа стана „евровизиски“ рефрен во светската политика. Интересно е дека и Уставот на СФРЈ од 1974 година предвидуваше, како демократски устав – исто така, право на секој народ на самоопределување до отцепување. Ама во пракса, за пропагирање такви идеи се одеше на Голи Оток, за да се спречи она што и се случи по 17 години.
Најпрвин, секаде во светот, а кај нас посебно, ПОЛИТИКАТА се отцепи од ДРЖАВАТА. Политиката си стана „самостојна република“ меѓу занаетите и професиите, а токму занаетите и професиите ја „држат“ државата. Платата на еден македонски врвен лекар е далеку помала од платата на еден просечен политичар и затоа изгледа дека едниот живее во Нигерија, а другиот во Дубаи. Значи, две различни држави во иста држава. Се отцепи ПОЛИТИКАТА и од НАРОДОТ, кој ѝ служи само како слот-машина при гласање или за, не дај боже, водење војни. Тоа се случува и глобално: Доналд Трамп ви е пример за отцепен државник, и од народот и од државата. Пишува царини како селски келнер вересии (од око), отпушта „народи и народности“ од САД, а фрла око и на туѓи територии како Гренланд.
Се отцепи политиката и од ИНТЕЛИГЕНЦИЈАТА, со што во најголем дел ја принуди да поита кон партиите, кои, пак, не ја прашуваат за ништо (дури не ја прашаа ни кога менуваа име на државата). На партиските интелигенти не им се бара стручно мислење, туку им се даваат конкретни партиски задачи – медиумски да ликвидираат некој колега од спротивниот табор. Партиската интелигенција е, според тоа, сепаратистичка: таа веќе не ѝ припаѓа на науката, туку на актуелната политичка идеја. Отцепените од науката си создаваат свои нови партиски научни енклави, во кои можат да бидат први. Кога не беа отцепени од интелигенцијата, која по дефиниција е космополитска (притоа, космполитизмот не го исклучува патриотизмот на интелигентот), беа медиокритети.
Факултетите се „во стечај“. А бидејќи и во светот се бараат SKILLS, младите полека се отцепија и од татковината, па сè почесто зборуваме за неопечалбари и масовно иселување. Воопшто не им забележувам на тие што си одат: противприродно е во општество што функционира како центрифуга да се бориш да останеш во центарот.
Конечно, се отцепија и членовите на семејството од семејството. Нашите деца се сепаратисти: седат со часови во својата соба, отцепени од дневната, која во стариот изумрен свет служеше да се сретнеш со оние што те родиле, со брат и сестра, а неделите служеа за неделен ручек. Седат и „типкаат“ свои мислења на социјалните мрежи, отцепени од игроорна или планинарска дружина, од кошаркарски или гимнастички сали, од идеалите за слобода што мојата генерација ги пропагираше „на кеј“ (за тоа култно хипи-зборно место – друг пат). Отцепени сме и од роднините: се гледаме само за свадби и не дај боже за лошо. И тоа ми изгледа многу пострашно од оној сепаратизам на кој се жалеше оној поручник – кога група Албанци, зад магацинот, навечер си свиреле на чифтелија.