Септемвриско утро, раните деведесетти години, се чини обично. Распадот на Југославија веќе се случи. Насекаде страв, трепет и јанѕи, ќе има ли војна шепотиме како први христијани. По улиците некоја напната тишина, некои тешки денови на големата неизвесност. Јас заедно и моите колеги студенти излегуваме од универзитет и се упатуваме кон плоштадот „Македонија“, таму веќе се насобрала толпа. Ја пееме македонската химна колку што нѐ држи гласот, „Денес над Македонија се раѓа новото сонце на слободата“. Тој септември, се сеќавам паѓаше некој слаб раноесенски дожд, кој се слеваше по нашите лица заедно со некои солзи радосници и солзи полни со некоја возбуда, ќе објават ли „Да живее слободна и независна Македонија“. Ќе се оствари ли она Рациновото силно светнал ден за нас Македонците?
Дојде 8 септември, во воздухот струи претпразнична возбуда. Пред моите очи како на брз филм се менуваат сцените на македонската трагична историја. Стојам пред македонското знаме од Кутлеш, замислувам како пред мене векови гинеа за него и одејќи во борба пред него. Се сеќавам на Богомилите, Кирил и Методиј и нивното страдање за нашиот јазик, на Климентовата Охридска книжевна школа. Во Охрид, онаму каде што се испреплетуваат светото, светлото и свештеното, културниот центар на истокот на Византиското Царство. Охрид каде што нашите архиепископи во најстарата Охридска архиепископија ги пееја литургиските песни на нашиот изворен македонски јазик. Се сеќавам на нашите знаменити и образовани војводи, на отпорот преку црното и црвеното на таа наша темница што штрека над вкрварената зора, на ништењето на сѐ македонско. Се сеќавам како во минатото Македонците успешно го зачуваа својот идентитет – со перманентно спротивставување на насилството. Ги гледам нашите илинденци, македонскиот страдалнички народ како во крв му се задушува последната надеж, Илинденското востание и ја гледам Крушевската Република во пламен. Гледам како Мисирков го пишува аманетот „За Македонцките работи“ и како во пламени јазици гори во центарот на Софија, во истата таа крвава 1903-та.
Се сеќавам на трагичните судбини на Прличев, Вапцаров и на Рацин, на неговите зборови, „ја сакам неа, мојата татковина у вија гради малечка“. Се сеќавам на нашите народни херои, на АСНОМ, на тешко и крваво-херојски спечалениот наш суверенитет во поранешната федерација.
Но, сега сѐ беше поинаку, како да се остварува сонот на Брашнаров и Ченто, толку години подоцна – Македонија колкава и да е, на Македонците е. Си споменувам на онаа Македонија што се раѓа како пиреј, пиреј како троскотна трева (П.М. Андреевски), трева што некои ја викаат коштрева, а ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа не умира, затоа што е бесмртна жива вода ненасушна, кајшто тоне таа извира. И само малку да се допре до земјата, таа пак ќе се фати, ќе оживее.
Со копнеж повторно си приспомнувам на Петре М. Андреевски, на „Дениција“, македонската амблематска поема, а пред моите очи продолжуваат да минуваат како на филм незаборавните мигови на историјата, кога се случуваат неверојатни настани, револуции, убиства, политички утопии на уништување и масакри на македонската надеж.
Но сега, во тој судбински осмосептемвриски ден во Македонија беше продолжена духовната основа на македонскиот национален идентитет преку стиховите на Андреевски, кои стануваа идентификација на сите поколенија од блиското минато и на големата иднина.
„Кога ја љубев Дениција
Како да учествував во создавањето на
првата македонска држава“.
Затоа што Дениција е нашата љубов, таа е и нашата болка, нашата судбина што ја носиме во себе како смрт и го најавуваме доаѓањето на идеалот. Низ таа љубов ние ги поставуваме оние вечни, перенијални, трансисториски прашања. Кој сум, од каде сум, за што вреди да живеам, а за што да умрам? „Дениција“, како што нѐ потсетува авторот, е онаа тишина во погледот, прстен што се става на раката, две рани што се прегрнуваат како завет среде срцето, онаа што можеби ќе нѐ надживее“.
Дениција е и барањето на светлината во овој земски свет, онаа што топи снегови во движење, онаа што има моќ да ги бакне металот и громот едновремено. Дениција е и онаа за која дојдовме на земјата да ја чуваме, затоа што ништо не беше поприсутно од нејзината отсутност. Дениција е онаа љубов кога телото станува непотребно, а останува само душата како песна на славејот, која ги спојува небото и земјата. Дениција за која не ќе можевме да умреме ако никогаш не се родеше. Дениција што ги подразбира љубовта и страдањето, онаа што постои во секоја клетка на нашето битие, која ја носиме во себе сѐ до нашата смрт како божествениот дух во себе и надвор од себе, таму каде што повторно ќе ја најдеме.
И како да го слушам Конески кога говори „да ги чуваме името и јазикот големи ни се“. Под тоа кутлешко знаме како повторно да одекнуваа неговите стихови на „Тешкото“. На таа грандиозна идеја реализирана во нејзината историска поетска парабола со која се поврзуваат минатото и сегашнината во една единствена целост, во нејзината голема поетска и митска сила да го открие во еден капитален македонски симбол – „Тешкото“.
Таму го гледаме најсликовито историскиот протек на инферналните македонски епохи на опстојба, таму се вплетува тоа македонско оро, во тој негов единствен ритам и во тие негови единствени движења, ритамот и движењата на нашата историја, на вековната ропска македонска историска стварност. Зашто во „Тешкото“, во тие и среде тие зурли штом диво ќе писнат и во тој тапан штом грмне со подземен екот, во тој писок и во тоа ’рзнување како да се збрани сите македонски крвави солзи и сите македонски црни клетви, сите лути рани, сите пламнати ноќи, сите болки и пеплишта пусти, сиот пустош и сето крвје, сите јадови од векови збрани. И токму затоа, во тие чудни и чудесни старци и во таа молња што светнува во секој нивни глед, има таква и толкава исконска сила што земјата ја врти и со која просто како да го корне стресениот век, зашто во „Тешкото“ шуми на реките зборот, рика див ветер и страшен и дише земјава наша, во него е наталожен сиот оној чемер и јад од нашата историја, во него се самооткрива, самоостварува и самоосмислува народов наш и неговата душа: И душата чиниш на родот мој мачен вo тешково оро се уткала сета – век по век што трупал се попуст и мрачен од крвава болка, од робија клета, век по век што нижел од корава мисла за радосна челад, за слободен свет, од песна – за љубов што гине со пискот ко жерав во лет.
Ова најмакедонско од сите македонски ора не се игра, меѓутоа, на некоја планина, ниту на некоја ледина и рудина, туку на самата сцена на историјата. Времињата мрачни се неговото поле и тоа продира низ густата магла на историјата и од таа густа историска магла сè сенка дo сенка, сè еден дo дpyг – / вο бескрајно оро син оди по татка / по деда си – внук, зашто тоа е оро на историјата, оро што ја обликува неа, што ја пресоздава неа, што се плете и вплетува од/во неа. Низ него народот наш и неговата историја ни доаѓаат од вековно ропство, тоа е танец од крвје и оган. Низ него дефилираат времињата на родов наш сè до денешниов слободен ден, сè до онаа пророчка кода во последните стихови од песната што го изразува дефинитивниот чин на македонската слобода. Колку што плени со својата историска и поетска парабола, со своето средиште на историјата во кое е збрана сета драма и драматика на нашето историско опстојување.
Но имаше право Петре М. Андреевски кога запиша „доколку Македонија не беше голема и ако не беше божествена, досега ќе нѐ снемаше во миг, како пердув кој се дига во непостоењето, како искинат лист хартија, но, Македонија е икона на Балканот, црква на Европа и манастир на светот“. Македонија е бесмртна и никој никогаш не успеа целосно да ја пороби. Посебно пред тиранијата таа никогаш не потклекна. Така беше и сега.
Ете, на тој 8 септември, како повторно силно да биеја камбаните над Крушево, како да ја читавме онаа најпозната македонска аксиома „Слобода или смрт“, да се биде или да се умре.
Во тие најисториски мигови за Македонија долго ќе се памети триумфот, но и еден тежок аманет свален на нас, ние што ја дочекавме независноста на Македонија, да ја чуваме од заборавот и со неа никогаш повеќе да не тргуваме.
Да ја чуваме којзнае по кој пат во историјата, од себе самите.
Во минатото правевме големи грешки. На овој голем ден за Македонија не би сакала да се задржувам на сето она што Македонија мораше да го преживее речиси неколку децении. Можеби затоа што сега дојде една нова мудра генерација, која со гордост, знаење и интегритет конечно ја води Македонија во вистинска насока.
Мимоза Рајл
Нека ни е честит Денот на Републиката!