Нека биде…

Митови и легенди. Човекот милува да ги измислува, да ги измеша и вметне во реалноста, да ги негува и да ги чува. Во повеќето случаи, тие ја отсликуваат и денешната реалност. Тие чудесни творби создавани од страна на бистри умови, на кои во различни временски периоди им се додавале креативни елементи за помнење и генерациски трансфер, ја задржале актуелноста во кои било временски периоди.
Ретко кој не слушнал за митот за фригискиот крал Мида, синот на Кибела што побарал од богот Дионис да му овозможи сѐ што би допрел со раце, да се претвори во злато. Така и било. Човекот допрел дабово гранче и камен и тие навистина молснале во занесна жолта боја. Но гладот бил посилен од златото. А кога и сопствената ќерка со допир ја претворил во златна, сфатил дека Дионис му подарил зло. Мида станал свесен дека таа метална боја ја замаглува свеста и дека враќањето назад е само работа на боговите односно на разумот и самоспознанието. Лекот била реката Пактол, во која по препорака на Дионис требало да се избања. Мида се ослободил од проклетството, а реката била полна со злато и проклетство.
Мене ова ми личи на денешен американски сон што го сонува огромен дел од човештвото. Суштински, човечката природа е слаба кон металите на кои самата им доделила вредност. Таа вредност, за жал, вообичаено е покриена со многу човечки судбини и животи. Огромни количества на злато сопственост на Инките и Ацтеките не претставувала којзнае каква вредност на која би требало да ѝ се поклонат. За домородците и нивните поимања бил само обичен метал за локално китење и ништо повеќе. Доаѓањето на конквистадорите Фернандо Кортез и Франциско Пизаро на почвата на Латинска Америка со себе го носи духот на металното зло како концепт за статус во старата „добра“ Европа. Богопоклонение и виза за рајски живот. Да посакаме да биде духот пред материјата оти таа определба ќе го трасира патот кон иднината. Нека биде… барем малку поодмерено.
Хамелн е живописен и шармантен град во Германија, со прекрасни ренесансни градби. Со дрвениот декор личи на град засекогаш заробен во шеснаесеттиот век. Но градот доживеал страшен кошмар, мистерија што останала и до ден-денес. Приказната што браќата Грим ја запишале во својата збирка во 1812 година раскажува за доаѓањето на човек со кавал – флејта, кој побарал од градоначалникот 1.000 гулдени да го ослободи градот од накотените стаорци. Тоа се случило за време на беснеење на чумата низ Европа. Аранжманот бил договорен и човекот со флејтата си го остварил ветеното. Но кога дошло време за исплата, градоначалникот дрско го протерал без да му плати. На 26 јуни или празникот на Светите Јован и Павле по грегоријански календар, човекот со флејта повторно се појавил во Хамелн. Граѓаните вкочането гледале како, повикани од опојната музика на флејтата, децата од целиот град тргнале по таинствениот човек. Навистина, градот останал без нив оти тие исчезнале без трага. Во Хамелн останале само три дечиња. Едното било инвалид, второто наглуво, а третото слепо. За жал, тие не биле во состојба да го следат волшебниот свирач.
Објаснувањата на историчарите биле дека децата се поумрени од чумата што владеела во Европа, а човекот со флејта го третирале како персонификација на смртта. Но едно од објаснувањата на историчарите било дека децата со себе на чудесен начин ги повел педофил. Се разбира, оваа теза подоцна била побиена бидејќи и по темелни пребарувања, телата не биле пронајдени. Мислите ли дека е наивно споредбено верување во тезата дека за време на востоличеноста на Епстин или Епштајн во домовите на видни личности од џетсетот и политиката бројот на исчезнати деца ја замаглува свеста на еден здраворазумен хомо сапиенс? Веројатно станува збор за мутациски процеси кај одредени луѓе и кај цивилизацијата. Одговорот е сличен на оној од испитувањата и заклучоците на историчарите за случајот „Хамелн“. За жал, одговор за случајот не е пронајден.
Неспорно е меѓутоа дека и денес децата се посакувана цел за болни умови. Тие и најмногу страдаат. Најновиот случај од Канада. Вооружена стрелба во училиштен камп со голем број настрадани и повредени. Зарем има крај? Од нашите топли соби можеме само да си замислиме или да претпоставиме како им е на тие деца и на нивните родители што се принудени да не стават око на око заради татнежот на балистичките проектили, хаубиците и другите средства за сеење смрт, заради студот и ниските температури, заради смртоносниот шум на дроновите што висат над нивните глави, заради гордоста и престижот на едикојси. Нема оправдување за пробиена црвена линија. Затоа, нека биде разум…
Сто и педесет години секојдневие, исто толку одговорност, авторски текстови, анализи, колумни и занимливости, докажувања и борба за секој искрен читател и за вистината, „Вашингтон пост“ дојде до дереџе да отпушта новинари и да најави голема неизвесност околу опстанокот. Реномираниот весник, кој не поддржа ниту еден претседателски кандидат за време на последните избори (конкретно Камала Харис), веднаш загуби 200 илјади електронски претплатници. Тешко е да се дефинира границата на објективна подносливост, особено кај медиумите што настојуваат да бидат свои. Се чини дека таму на Запад имаат голема потреба да создаваат брендови до мера на митските форми на доминација. Но тие никогаш нема да опстанат, ниту да бидат светост, доколку не носат профит, за жал. Бидејќи за животот велат дека е збир од навики, секако дека на многумина верни на традицијата ќе им недостасува свежиот мирис на весникот испомешан со аромата на утринското кафе. Па, нека биде она што треба да биде…
Живееме во време кога цивилизацијата забележува интензивен прогрес. Четврта или како и да се нарече технолошка револуција и полна уста на тие што форсираат благосостојба и нудат олеснувања за човекот. Но каде е еволуцијата на човекот? Каде застана процесот на неговото приземјување од соништата што го оддалечуваат од реалноста? Ако голем број луѓе останат без работа, тогаш во што се состои тој напредок? Можеби наивно размислување? Или… на креаторите на тој процес, зашеметеноста на мнозинството им доаѓа како тивко ослободување од финансискиот товар. Кому ќе му биде од полза да користи вештачка интелигенција дури и за шолја кафе или за поздрав упатен од страна на робот на англиски јазик (ова за полесна комуникација и продажба) кога стомакот не знае за компромис? Со експлоатација на техничките достигнувања – омилен спорт на човекот – едноставно ќе се претвориме во хронично болни. Органите ќе ни атрофираат, а пред сѐ мозокот, па ќе бидеме стамболски дембели. Се чини дека вистинското прашање е како да ги ослободиме мислата, идејата, човечките права, кои се декларативни, и изворните критериуми на вредност на местото на лажните.
„Битлсите“ или „бубачките од Ливерпул“ се прославија со вечниот евергрин „Let it be“ – нека биде. Со еден збор, песната вели дека во мигови на маки и тешкотии, гласот на мајката Марија, со тоа што реално го согледува и прифаќа бремето на животот, мудро верува во зрак на светлина што ќе истури магична прашина на надеж за надминување на кошмарот. Па, нека биде така!

Љубомир Јованоски