Недоволното внесување витамин К може да го забрза опаѓањето на меморијата поврзано со староста

Витаминот К спаѓа во витамини растворливи во масти (липосолубилен). Тој му помага на телото да се развива и да функционира правилно. Витаминот К е всушност активна хранлива материја. Тој е вклучен во градењето здрави коски и помага во згрутчувањето на крвта за да можат повредите брзо да заздрават. Витаминот К се наоѓа главно во храна од растително потекло и во ферментирани производи како кисела зелка.
Постојат два вида витамин К, кои доаѓаат од различни извори: витамин К1, или филокинон – почест тип што се наоѓа претежно во растителната храна, особено во зелениот лиснат зеленчук како спанаќ и кељ.
Витамин К2, или менакинон – помалку чест тип што се наоѓа во некои животински храни и ферментирани производи. Цревните бактерии во нашето тело исто така го произведуваат овој тип.
Некои студии сугерираат дека она што витаминот К го прави за нашето тело може да оди многу подалеку од коските и крвта. Може да помогне во ублажување на утринските мачнини и заштита на когнитивни (менталните) способности. Витаминот К може дури и да го намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања и смрт. А неодамна, истражувачите открија дека една форма на витамин К дејствува како антиоксиданс што може да биде клучен во спречувањето на Алцхајмеровата болест и други невродегенеративни состојби.
Сепак, една од најважните задачи на витаминот К е да произведува четири од 13-те протеини потребни за згрутчување на крвта. Згрутчувањата на крвта го спречува крвавењето од повредите или раните за да можат да заздрават. Името К доаѓа од данскиот и германскиот збор коагулација (коагулација) или згрутчување. Во секојдневната пракса, најчесто витамин К се дава превентивно кај новородените деца за да се спречи крвавење, поради фактот што бебето не го синтетизира доволно.
Додека научниците се обидуваат да ги откријат сложените потенцијални врски помеѓу исхраната и стареењето на мозокот, нова студија од истражувачите во Истражувачкиот центар за човечка исхрана и за стареење при „УСДА Жан Маер“ на Универзитетот „Тафтс“ фрла светлина врз тоа како недоволното консумирање витамин К може негативно да влијае на когницијата во периодот кога луѓето стареат.
Истражувачите покажаа дека недоволното количество витамин К може да му наштети на здравјето на мозокот и меморијата како што старееме. Кај модели на глодачи, исхраната со недостиг од витамин К довела до зголемено воспаление на мозокот и помалку новоформирани неврони во хипокампусот – клучни фактори во процесите на учење и меморијата.
Експерименталните глувци со низок витамин К имале проблем со задачи за меморија и просторно учење, што укажува на јасни когнитивни дефицити. Во таа насока, истражувачите ја нагласуваат важноста на здравата исхрана богата со лиснат зеленчук наместо пропишување додатоци за поддршка на здравјето на мозокот за време на стареењето.

Витаминот К се наоѓа во зелен лиснат зеленчук како што се бриселско зелје, брокула, зелен грашок, кељ и спанаќ. Веќе кажавме дека игра суштинска улога во згрутчувањето на крвта, а истражувањата сугерираат дека може да има позитивни ефекти и врз кардиоваскуларното здравје, како и врз здравјето на зглобовите.
Но, еве, истражувањата покажуваат дека витаминот К придонесува за функцијата на мозокот, а се знае дека функцијата на мозокот се намалува за време на процесот на стареење.
Во новото истражување, објавено во „Џрнал оф нутришн“, истражувачите спроведоа шестмесечна диететска интервенција за да ги споредат когнитивните перформанси на глувците што биле хранети со храна со низок витамин К и оние што примале стандардна храна.
Истражувачкиот тим се фокусирал на менакинон-4, форма на витамин К распространета во мозочното ткиво, и открил значително пониски нивоа на оваа хранлива материја во мозоците на глувците со недостиг од витамин К. Овој недостиг е поврзан со забележителен когнитивен пад, мерено во серија тестови за однесување дизајнирани да ја проценат нивната способност за учење и меморија. Во тестот за препознавање нови објекти, глувците со недостиг од витамин К покажале намалена способност да разликуваат познати и нови предмети, што е јасен показател за нарушена меморија.
Во вториот тест, за мерење на просторното учење, глувците добиле задача да ја научат локацијата на скриена платформа во базен со вода. На оние со недостиг од витамин К им требало значително подолго време за да ја научат задачата во споредба со животните со соодветни нивоа на витамин К.
Кога истражувачите потоа го испитале мозочното ткиво на глувците, биле најдени значајни промени во хипокампусот, регион на мозокот клучен за учење и меморија.
Поточно, забележан е намален број на размножувачки клетки во дентатниот гирус на хипокампусот кај глувците со недостиг од витамин К. Ова намалување резултира со помалку новогенерирани незрели неврони, процес познат како неврогенеза.
Се смета дека неврогенезата игра клучна улога во учењето и меморијата, а нејзиното оштетување може директно да придонесе за когнитивниот пад забележан во студијата.
Додавајќи уште еден слој на сложеност, истражувачите пронајдоа и докази за зголемена невроинфламација во мозоците на глувците со недостиг од витамин К.
Имено, пронајдени се поголем број активирани микроглија клетки, кои се главните имунолошки клетки во мозокот. Додека микроглијата игра витална улога во одржувањето на здравјето на мозокот, нивната прекумерна активација може да доведе до хронично воспаление, кое сè повеќе се препознава како клучен фактор во когнитивниот пад поврзан со возраста и невродегенеративните заболувања.
Според тоа, најбитно сознание од оваа студија е дека луѓето треба да се хранат здраво!

Богат со витамин К главно е зелениот лиснат зеленчук како спанаќ, кељ, брокула, зелка и зелена салата. Друга храна со витамин К вклучува овошје (боровинки, смокви и конзервирана тиква се добри извори) и маслиново, соино или масло од канола. Исто така, овој витамин се наоѓа во помали количества во месото, јајцата и млечните производи како сирење, јогурт и путер.
Луѓето што јадат вегетаријанска исхрана имаат среќа кога станува збор за овој суштински витамин. Дефинитивно може да се најде во друга храна, но чинија лиснат зеленчук е најбитна кога станува збор за витамин К.
Најдобро време за земање витамин К е откако ќе јадете храна што содржи масти. Ова ви помага да ја максимизирате неговата апсорпција.
Клучни факти:
Нарушена меморија: Глувците на диета со низок витамин К покажаа слаби резултати на тестовите за меморија и учење.
Намалена неврогенеза: Недостигот од витамин К го намали формирањето нови неврони во хипокампусот.
Зголемено воспаление: Глувците со недостиг покажаа повеќе активирана микроглија, што укажува на воспаление на мозокот.
И во тој контекст, препораката е да се храниме здраво и да живееме активно. Нема потреба од разни додатоци во исхраната, кои фармацевтската индустрија ги препорачува и се богати на наша сметка.