Таа вели низ прстен те гледам, в срце да ти влезам. Колку убаво е кажано тоа. И сега ми доаѓа сликата на оние пет олимписки круга што се закачени на Ајфеловата кула и се прашувам што ли се гледа низ нив и може ли да се влезе во нечие срце. Погодувате – дилемата е наметната од свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, олимписки натпревари што се одржуваат во дури надреални слики, на места каде што некогаш се воделе битки, се сечеле глави на гилотина, се пеела Марсејезата, Лувр, Сена исчистена (до некое ниво на толеранција) од невкусни зборови на прочуените француски љубовници и мистреси… таму некој води битка за медал. Дали е изместена сликата за олимпизмот и може ли да биде поинаку?
„Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам!“ Ова е сентенца на апсолутна љубов, зборови на спој на два архетипа – мажот и жената. Оттаму почнува вечноста. Но претходно треба да удрат тапаните, громогласно да ја затресат земјата и да ја пренесат пораката – младоженците да се ќердосаат. Во други македонски села, пак, велат: Нема свадба без гајда! Некаде се бараат зурли… Тоа се инструменти што со својата сила, со татнежот се спојуваат со стариот свет, со предците. Свадбата е ритуал што трае и мора да трае три дена. Така налага традицијата, а има и причини зошто е тоа така. Да се знае кој е зетот, која е невестата, кумот, старејкото, свекорот, свекрвата… Свадбата е кулминација на сите претходни подготовки, кои траат најмалку една година. И кога ќе помине таа година на искушувања, тогаш младата и младоженецот можат да се спојат…
Таа вели низ прстен те гледам, за во срцето да му влезе. Колку убаво е кажано тоа. И сега ми доаѓа сликата на оние пет олимписки круга (континентите) што се закачени на Ајфеловата кула и се прашувам што ли се гледа низ нив и може ли да се влезе во нечие срце. Погодувате – дилемата е наметната од свеченото отворање на Олимписките игри во Париз, олимписки натпревари што се одржуваат во дури надреални слики, на места каде што некогаш се воделе битки, се сечеле глави на гилотина, се пеела Марсејезата, Лувр, Сена исчистена (до некое ниво на толеранција) од невкусни зборови на прочуените француски љубовници и мистреси… таму некој води битка за медал. Дали е изместена сликата за олимпизмот и може ли да биде поинаку?
Апсолутно не! Ова што се случува е токму одраз на тоа какви сме, до каде сме стигнале, кои сме и каде сме залутале. И конечно зошто (што па!) Олимписките игри би биле толку важни за човештвото? Ако бараме историски линк меѓу античките игри, за кои сите учиме дека се одвивале во Античка Грција во Олимпија, со модерниве, тешко дека ќе најдеме некој здрав и цврст артефакт. Сѐ ќе се сведе на следење на некоја таканаречена грчка митологија, или ако сакате медитерански приказни од старо време. Впрочем, сите си имаат свои олимписки игри, па и секое село и селце се натпреварувало и се натпреварува во нешто. Фрлаат камења, ѓулиња, креваат вреќи со брашно, потковуваат коњи и мазги, јаваат биволи… И ако за човештвото е важно да се базира на приказни, митови и легенди, тогаш нека (ни) им е се со среќа на олимписките игри!
И „Тајната вечера“ на Да Винчи совршено се вклопува во оваа матрица на размислување на европозападноцентризмот и џабе лутината за тоа што некој уметнички се заебавал со Исус и дванаесетте апостоли. Тие што добронамерно, Павле и Петар преку Македонците им го донесоа светлото за да не бидат варвари, сега се предмет на артистички потсмев. Тие всушност биле промашената историја, а еве ние, кои од сабајле до вечер менуваме 17 пола, сме во право. И ќе се заебаваме, бе, со сѐ! Па, и се заебавте, им одговара гласот на разумот, етиката и хуманизмот.
„Тајната вечера“ и не била тајна. Била на некој начин свечена, но и тажна пасхална вечера за сите што дале жртви за Евреите да излезат од ропството на М’сир (денес познат како Египет, што е уште една западњачка мирудија како и грчката, оти тие, демек, знаат сѐ). Затоа јаделе бесквасни лебови и пиеле вино, рујно вино без капка вода. Чисто, со сите информации собрани од почвата, воздухот и сонцето и истурени во пехар. Сите на масата биле облечени во најубави одежди, при што доминирал Исус, вистинскиот крал на Евреите. Таа чистота денес ја нема.
Затоа ни сервираат во огромни порции еден нивен поглед на нештата, да кажеме евроцентризам, американска исклучивост и англиски појадок, кој мора да е најдобар зашто е сервиран со индиски чај и млекце. Ова за Далечниот Исток е перверзија. И дотолку повеќе што овие западњачки приказни се сосема неразбирливи и неприфатливи за повеќе од пет милијарди жители на планетата. Милијарди луѓе немаат поим кои се браќата Андерсен, кој бил Пинокио или Алиса во земјата на чудата. Тамошните деца растат со свои јунаци, со свои митови и легенди, имаат свои херои. А, што видоа низ петте круга тие милиони и милиони луѓе на нашава иста планета? Им допреа ли пораките од Париз во срцата? Како да не! Но, најголемата несреќа е што тие пораки на славење на перверзноста удрија токму во темелите на западната цивилизација. Го испоганија христијанството, вредностите на архетипите. Кон тие ли височини се стремел Монголфје кога успеал да ги надлета Дедал и Икар? Не! Затоа и претставниците на христијанските цркви испратија жестоки реакции, а интересна и важна е и реакцијата на поранешниот олимпиец, трансродовиот Кејтлин Џенер: „Како олимпиец и христијанин, јас сум ужасната… тоа беа сцени на потсмев на една од најсветите сцени на нашата христијанска вера од радикалната мафија на виножитото. Срамота“!
Можеби ќе се разбудат вистинските христијани (и другите конфесии), но со векови токму Ватикан беше еден од центрите што и не се обидуваа сериозно да направат разлика меѓу т.н. грчка митологија и Библијата, па, така, и на фреските честопати може да се видат измешани приказни. Тоа било уметничко видување, како тоа на Леонардо да Винчи и на многу други.
Нека си ја тераат, и бидете сигурни дека ќе си ја тераат, зашто извинувањето од Интернационалниот олимписки комитет, за скандалозното свечено отворање, е само да се смират страстите. Ништо повеќе од едно обично извинување: „…и ако некој бил повреден, тоа не било намерно сторено“, потенцира ИОК. А бе, итри се. Затоа, ќе си продолжат да пијат од нивното вино, од нивните пехари и ќе си ја слават голотијата на телата без да водат сметка за чувствата на другите. Тоа е всушност дефиниција за нетолеранција и бесчувствителност и немање емпатија. Што се сериозни и индивидуални, а уште пострашно, општествени болести.
Но ние имаме, и мора да имаме, чиста претстава за тие христијански, човечки вредности што оставиле трага и на црквите. Имаме соодветни библиски претстави, нашето наследство оставено од нашите предци, а не сурогати. Имаме чудесии во Курбиново, Нерези, Кумановско, Дебарско, Солунско, Костурско. Ги имаме Галичник, Охрид и Солун и прстенот низ кој ја гледам фреската на Македонија – чиста, седната на трпеза апостолска, а јунаци славни пијат рујно вино македонско. Не дозволувајте ни капка вода да ви стават во него.
П.С. За да не ставам вода во виното, како пост скриптум, прашање за заинтересираните и љубопитни истражувачи: Зошто Атињаните некаде во 4 век од новата ера ги прекинуваат олимписките игри, што ги натерало на тоа и дали токму тој момент е всушност нивната пресвртница, кога ќе се соочат со христијанството, а не се богот Ѕе?