Вистина е дека човекот како битие е склон кон натпреварување и самопотврдување, притоа изборот на средствата понекогаш е контроверзен, но во секое модерно општество постојат механизми што ги ограничуваат пренагласената себичност и саможивост, затоа што секоја претераност е на штета на општото добро
Вил Дјурант, американски историчар и филозоф, вели дека ниедно друштво не може да постои без поредок, а поредокот не може без прописите. Тие може да бидат различни во различни групи, меѓутоа во рамките на групата мора да бидат во суштина исти. Тие правила може да бидат конвенција, обичај, морал или закон. Конвенциите се облици на однесување што некој народ ги установил како соодветни, обичаите се конвенции што се прифатени од неколку последователни генерации, а моралот е оној обичај што заедницата го претполага како „суштествен за благосостојбата и развојот“.
Според видувањата на Дјурант, во примитивните друштва во кои не постојат пишани закони, суштинските обичаи или моралните правила ја регулираат секоја сфера од човековата егзистенција, со што се овозможуваат „стабилност и континуитет на општествениот поредок“. Со текот на времето, обичаите, благодарение на постојаното повторување, стануваат дел од човековата природа, а доколку бидат прекршени, човекот чувствува страв, непријатност или срам. Дјурант вели дека токму тоа е потеклото на свеста или „чувството за морал“.
Дјурант исто така вели дека на еден повисок стадиум на развој, свеста е општествена свест, односно чувство на поединецот за припадност на одредена заедница и дека во одредена мера на заедницата ѝ „должи лојалност и обѕир“. Оттука, моралот можеме да го разбереме како соработка на делот со целината, вклучувајќи ја и соработката на секоја група со поголемата целина. Затоа Вил Дјурант заклучува дека без моралот (односно чувството за лојалност, обѕир и соработка), цивилизацијата би била невозможна. Измина половина век откако Вил Дјурант ја објави својата „Историја на светските цивилизации“, но неговите видувања за општествениот моралот сѐ уште се актуелни и валидни.
Каде сме ние, како општество, во оваа приказна. Денес, Македонија како да личи на островот Доба, кој го опишува Рут Бенедикт во „Обрасци на културата“. Општествениот живот на Доба, филозофите го разбираат како Хобсовото видување за човековата природа, состојба на војна, и тоа таква војна во која „секој човек е против секој човек“. Затоа Бенедикт вели дека за Добанците добар човек, успешен човек е оној што со „измама зазел туѓо место“. Добанците својот живот го минуваат во одбирање на жртвата врз која може да ја излеат злобата. Ним секој живот им се покажува како „беспоштедна борба“, во која смртниот непријател војува еден против друг, спорејќи околу животните добра. Сомнителноста и свирепоста за Добанецот се „најверното оружје во расправата, во која не знае за милост, како што не ја бара и од другиот“.
Неколкумина мислители во втората половина на 20 век се обидоа да ги исползуваат моралните вредности на островот Доба, за да ја доведат во прашање човековата природа и да го релативизираат моралот во целина. Но добанскиот начин на живеење е исклучок, а не образец.
Да се навратиме на суштината. Денес, во нашето општество како само навидум да постои морален вредносен систем, кој ги негува и поттикнува слободата, правичноста, пожртвуваноста, лојалноста, трудот и така до бесконечност. Како општество, како само навидум да се стремиме кон напредок и преобразба, како да забораваме дека во модерните и напредни општества криминалот, корупцијата, клиентелизмот, невладеењето на правото се осознаваат како „канцер“, кој ја разурнува секоја заедница. Затоа овие морални девијации се осудуваат и се казнуваат.
Во изминативе децении како да создадовме еден потаен и паралелен вредносен систем, кој како да личи на однесувањето на Добанците или Хобсовото – секој човек е против секој човек. Вистина е дека човекот како битие е склон кон натпреварување и самопотврдување, притоа изборот на средствата понекогаш е контроверзен, но во секое модерно општество постојат механизми што ги ограничуваат пренагласената себичност и саможивост, затоа што секоја претераност е на штета на општото добро.
Не случајно Рут Бенедикт вели дека животната историја на секој поединец, пред сѐ е приспособување на обрасците и мерките што во неговата заедница се пренесуваат од колено на колено. Од моментот на неговото раѓање, обичаите на светот во кој е роден ги „обликуваат неговото животно искуство и однесување“.
Затоа време е да се подзамислиме за нашите морални вредности и не смееме да заборавиме дека моралот е основа на секое општество, но не секој морал е темел за општествен напредок. Бидејќи поединецот се приспособува на обрасците на заедницата, како општество мораме да ги негуваме оние вредности што ги поттикнуваат благосостојбата и развојот на заедницата, овозможуваат стабилност и континуитет на општествениот поредок, создаваат чувство за заедништво и лојалност кон државата, ја овозможуваат соработката помеѓу поединецот и заедницата, како и соработката на заедницата со другите заедници во полза на заедничките државни и општествени цели. Затоа Дјурант е во право кога вели дека без моралот е невозможна цивилизацијата како највисок општествен стадиум.