СДСМ и ДУИ одржаа меѓувладина конференција со Европската Унија.
СДСМ и ДУИ ги започнаа пристапните преговори со Европската Унија.
СДСМ и ДУИ станаа членки на Европската Унија… ќе станат членки во 2030 година. Фак! Фак! Фак! И со големи букви ФАК!
Мора ли, побогу, да биде 2030? Дај бе, ЕУ, не заебавај! Направи мала отстапка. Прими ги СДСМ и ДУИ во својата прегратка. Интегрирај ги! Нека се дезинтегрираат од Македонија. Засекогаш. Па не бараме многу. Зарем СДСМ и ДУИ не го заслужуваат тоа? И нивните поддржувачи, секако. Не бараме цела Македонија да ја интегрирате. Само СДСМ, ДУИ, нивната интелектуална бижутерија, фактчекерите, оние што пукаа од стоковната куќа „Мост“, дечкине од „Нема правда, ИМА грант“ и стотина други. Земете ги кај себе! Имаат европски вредности, редовно се бањаат, идентитетот им е бетон, Нордистан им ги плаќа сметките, ако треба, знаат да затнат нос и да голтаат. Ајде, бе, ЕУ, прими ги веднаш кај себе, биди права сексапил лејди, а не како што велат небањативе, вавилонска блудница. Колку само добро ќе звучи! Бујар и Таче, како Цветковиќ и Мачек, станаа полноправни членови на ЕУ.
Навистина, Европската Унија веднаш треба да ги прими СДСМ и ДУИ, нивните поддржувачи и интелектуалци. Па ако Украина онака детериторијализирана започнува преговори, може и нордистанциве без територија да бидат примени во ЕУ. И онака сè ќе прифатат. Дека Македонија е грчка, а Македонците се Бугари. Дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а ние тука зборуваме нордистански јазик што потекнува од кивањето на Аспарух, ама кодифициран е од Милка Планинц. Дека македонската нација е измислена, од ракав ја извади Тито, едно утро, уште мамурен, дури јадеше салата „Маседуан“ со Софија Лорен и Елизабет Тејлор, па да се направи важен ги праша „Сакате да ви измислам нација?“
Патем, Европската Унија не е свесна какви нестварни придобивки ќе има ако ги прими кај себе нашиве нордистанци. Само треба да ги интегрираат на власт низ Европа и веќе никогаш нема да имаат проблеми. На пример, веднаш ќе добијат 100.000 километри најмодерни патишта низ Европа, а градежните компании со прст нема да мрднат. Доколку ЕУ се соочи со тешка криза, да речеме, снема пченица или некој лек, тука се нашиве. Веднаш ќе им се јават на британските тајни служби. Ако тие не помогнат, тука е Вучиќ.
Нордистанциве можат да бидат и коректори на ЕУ. Каде што бирократијата ќе згреши, нашиве ќе исправаат. Како сега што се случи. ЕУ извади различни документи. За Албанија пишува дека започнала пристапни преговори, ама за Нордистан не го пишува истото. Нордистан не почнал никакви преговори. Тоа пишува. Е не може така, другари брисељаци! Рекоа ли Ковачевски, Османи и Маричиќ дека Нордистан започнал пристапни преговори со ЕУ? Рекоа. Си направија ли „селфи“ во авион? Си направија. Е па, што трескаат овие од ЕУ? Ако нашиве рекле сме почнале преговори, па уште се фотнале во авион, тоа е тоа.
Или дијалектичкиот хаос што владее низ Европа. Нашиве се експерти и за такви проблеми. Сигурно многумина се прашуваат, чиј дијалект е исландскиот јазик? Дали е севернодански или западеншведски? Да ги интегрира ЕУ кај себе СДСМ и ДУИ, нема да има вакви недоумници. За миг нашиве ќе пресечат: исландскиот јазик е севернојужен лапонски дијалект, а своите корени ги влече од ескимскобугарскиот јазик на прапингвините. Наука е наука, посебно географската дијалектика, која е во подем кај нас.
Ама Русјаков, Исланд не е во ЕУ.
И нема да биде додека не се соочат со вистината дека Бјорк е бугарска револуционерка.
Не ви е смешно? И мене не ми е, ама не можам да си ја најдам нервозата по дома, не знам кај сум ја затурил, а баш би сакал онака прописно да се изнервирам поради злосторствата што ни се случуваат. Ама веќе не можам да ги пофатам идиотштиниве и велепредавствата. Искрено да ви кажам, глупо ми е да се нервирам, оти нема логика. Ова околу нас, во режија на ЕУ и нашава октроирана власт, ај што е апсурдно, ама и за психијатриско набљудување е. Ги гледам, демек сериозни луѓе, големи политичари што си играат висока политика, фатиле да ми кројат дијалектичка мапа на македонскиот јазик, па уште ми објаснуваат, Мисирков вака, границите онака, до тука е мој јазик, а отаде границата… а бе дечки, вие сериозно не сте арни во главите. Нема спас! Па уште се топорат новинари, да ги дообјаснат. Не сте салам сите заедно, тоа е вистината. Ми продавате нацистички срања во 21 век и залудно правите умствени и јазични акробации и манипулации за да го објасните она што не се објаснува. Сите заедно сте нацисти и можете да се носите во три дијалектички мате… Мате Парлов е познат бугарски боксер, кој во левото кроше носеше европски вредности, а со својот аперкат знаеше да ја исцрта дијалектичката мапа на истранските говори, чиј корен Илирите го зеле од севернобугарските…
Ете, си ја најдов нервозата. Сум ја заборавил на закачалка зад врата. Фаќа прашина и руско влијание. А-ха, јас веќе со недели не отворам прозорци. Русите прскаат со влијание. Не може човек чист прозападен воздух да се надише. И да сакаш да затнеш нос и да голташ, гарант некоја подметната руска честичка ќе проголташ. Не диши, сине, Русите подметнуваат влијание во воздухот!
Не бе, ич не сте досадни со муабетите за руско влијание. Јас секое сабајле станувам и правам поздрав на сонц… на Путин.
Пак оној безобразен Путин. Ми се меша меѓу редови. Двојникот на Путин, секако, оти вистинскиот умре, така кажаа Британците. Нормално дека ќе умре кога прочитав еден тон наслови во кои пишува како држава по држава, од оние што го поддржуваа, му забиваат нож во грб. На толку ножеви во грб нормално е човек да искрвави. И сега двојник. Ама и овој двојников изолиран. Може да се шета само низ сто триесет и кусур држави. И тоа држави како Кина, Индија, Иран, цела Африка и Јужна Америка. Па добро, тоа држави ли се? Растат ли таму европски вредности? Ама ЕУ е милостива. Знае дека Путин умре, патем ја губи војната во Украина, народот му страда и гладува поради онолкав суфицит и затоа решија да тргнат дел од санкциите кон Русија. Е па, не е фер да ги остават Русите без гас, нафта, пченица, лекови. Не се они виновни што се Руси. Путин е виновен. И мртвиот и двојникот. Затоа Ердоган го остави да чека 40 секунди. И потоа му заби нож во грб. Па реши да не воведува санкции кон Русија и уште да оди во сојуз со неа. Затоа што е милостив. Како ЕУ. Каде што СДСМ и ДУИ започнаа пристапни преговори. Нека му ја мисли сега Путин!