(… секојпат кога ќе се исправиш пред ОГЛЕДАЛОТО
ти текнува дека повторно мораш да ја пишуваш
сопствената историја… Таква е НЕЈЗИНАТА ПРИРОДА –
синтеза помеѓу Џон Дјуи и Рене Магрит)
Сега, како ќе ти дојде,.нека има некоја логика: тргај ги превезите од огледалата… Види се… Види сѐ… колку можеш… КОЛКУ МОЖЕШ?
1979
„… зарем е возможно сѐ да било лага… само некој сонил употреблив сон и го раскажувал со години врз невини генерации… трпело времето… генерациите талкале низ делничноста… поднесувала земјата… оние што го заборавиле сонот се „нашле“ себеси… другите загинале како загината генерација .што останува со нашите дела?!“ (непознат македонски автор)
„… сите деца од бога дарени обуј ги во чевли железни, така бришеш проблеми…. сите добри луѓе читаат само одобрени книги и, ете, чисти совести… што има нејасно… чиста ти е совеста… наутро, додека ги бришам веѓите, бришам и спомени… непријатни… би сакала да имам подобро мислење за себе и никогаш да не постапувам според твоите совети и .да бидам непослушна… види ми ги очите… холограми… види, твојата љубов поцрвене на моите дланки… ти си само вознемирување во мојата трезвеност… и не ме загрижуваат туѓите мислења… со широко раскрилени раце божјите чеда го остваруваат подареното…“ (Т. Тикарам)
„… ко челик сме ние… со Титови сили… стивна… умов стои… пред нас… како штит… бригадата наша… ко чекан е свит… низ планини стрмни…“ (народна)
„… на терапискиот тренинг по северната падина на Водно почина архитектот Љубен Најденов…. веројатно, најдобриот професор, педагог на Архитектонскиот факултет… споменот за него…“ (немонтиран прилог на Радио Скопје – Втора програма, уредник)
1989
„… што сакам? сакам вода во чашата… сакам вино, крв… коловрт до изворот… го сакам изворот… ти нудиш како е… јас сакам да биде како што ветуваш… тоа што го ветуваш никако не се остварува… во чашата водата вкус нема… нема вкус на вино, нема вкус на крв… и… кога ќе ја допрам со усните ни чашата не е чаша… во чаша сите течности прават улишта, се истураат, течат.. а ти… сакаш да ја скршиш?! … си ја грабнал и стискаш ли стискаш… а жеден си… “ (Т. Шапкот)
„… ете, веќе немам што да ѝ соопштам на мојата лева рака… бевме блиски… сѐ додека не ми се обеси на рамото со неподносливо штипење… кога не спие по цел ден… цел ден боцка… кога јас сакам да заспијам почнува со глупавите прашања… види, јас не сакам да бидам испрашуван од моите составни делови… особено не кога сакам да спијам… не ме плашат чесните прашања… што имам јас за криење? што можам да скријам од мојата лева рака?! освен што прави десната?“ (Џ. Киарди)
„… СФРЈ, односно Република Македонија освои бронзен медал на Светското биенале за архитектура за објектот ’Нишка прекуокеанска пловидба’… објектот е реализиран во Ниш, веднаш до ѕидините на Константиновиот дворец…“ (извадок од завршен Извештај на Интерарх, оставен на бирото на претседателот, проф. Георги Стоилов, Софија, 1989)
„… негде ќе те премолчат… негде ќе те сокријат… гроб до гроба ќе покријат… само ти си бесмртна… жива вода подземна… кај што тонеш… ти извираш… векови… пеколни… заедно ќе минеме… вечна земјо македонска… така е… пишано… ништо да не бидеме… ти без мене… јас без тебе“ (народна)
„… не знам… ќе бидеме ли во ЕСЕНТА НА НАРОДИТЕ или во СЛОВЕНСКАТА ПРОЛЕТ…“ (во доверлив разговор му вели Живко Павлов на Владо Јоциќ во крчмата кај Мравка…)
1999
„… во ’недовршената симфонија’ големиот математичар Поанкаре укажува ако набљудуваме две тела, тие секогаш ќе се движат околу гравитационото средиште на системот… меѓутоа, со воведување трето тело во системот, ситуацијата се усложнува заради гломазноста на равенките на движењето… ова сериозно го отежнува практичното предвидување на состојбата во системот за подолг временски период… или доволна е мала промена и целокупниот систем да биде пренесен во потполно несакана ситуација… дури и кога ни се познати сите услови не можеме да предвидиме како ќе изгледа… дури ни за кус временски период… Почетоци на хаосот…“ (д-р Б. Перчинкова)
„… денес свечено заврши показната вежба… беше изведена од Македонската армија на полигонот Криволак… во соработка и .сценарио на нашиот стратешки партнер… Македонската армија успешно ја изведе воената вежба, која симулираше копнена атака врз територијалниот интегритет на Македонија од страна на терористичка организација од Косово… според сценариото на вежбата, клучната база за снабдување со оружје на терористите е претпоставено дека ќе биде маргиналната касарна ’Гризли’, во која треба да биде складирано украдено оружје од Албанија, и преку Скопска Црна Гора да се изведуваат терористички диверзии во Македонија… нашиот стратешки партнер искажа високи оценки за успешноста на воената вежба…“ (некомплетно зачуван новинарски извештај со датум …1998)
„… и откако приврзаниците на Тито Петковски го изгубија правниот спор околу претседателските избори, Борис Трајковски стана претседател на Република Македонија… со 51 глас ЗА и 49 ПРОТИВ… тој е умерен политичар…“!!?
(одвај новинарски извештај, реставриран како археолошки артефакт)
2009
„… за првпат од постоењето градскиот стадион на фудбалскиот клуб ВАРДАР доби име… на иницијатива на граѓаните најголемиот спортски објект го доби името на најголемиот политичар на антиката (подвлечен уште во времето на Александриската библиотека) и победник на спортските игри во Дион и Олимпија ФИЛИП II МАКЕДОНСКИ… неговото име беше запишано со букви на најстарата азбука од периодот на младото камено време…“
(извадоци од Дебармаалски сеќавања)
„… почина Ванче Стојчев, воениот историчар што го осветли воениот гениј на Филип II Македонски и кој го востанови единствениот Музеј на воената историја на Македонија…“
(случајно зачувана снимка на некој IN MEMORIAM емитувана на Радио Македонија)
„… почина Миле Попоски, новинар, публицист, комедиограф, сценарист на најгледаната претстава во историјата на Македонскиот театар ’Солунски патрдии’.“
(тажен помен во весникот „Нова Македонија“)
„… МАНУ ја издаде првата Македонска енциклопедија…“
(ударна вест, општо)
„… МАНУ… не ја издаде… првата Македонска енциклопедија…“
(ударна вест, општо)
„… во соседна Грција се востанови фондација КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ…“
(несигурен извор… но нека стои, можеби ќе се расчисти)
„… од извори блиски на редакцијата… владата подготвува Проект: Скопје 2014… по повод 100-годишнината од првиот урбанистички проект за Скопје… и ќе креваат споменик на Александар висок 40 метри!!!… а народот гладува… но тоа сѐ уште не може да биде објавено…“ (независните опозициски медиуми)
„…. шарените исто така готват свој проект… но, тоа… сѐ уште се крие…“
(преземено од редакцијата „Ослобоѓена Јевропа“)
2019
„… северџанија… честитаа… Фредерика Могерини и Јоханес Хан… ѝ препорачаа на владата да оформи кандидатура за Нобелова награда за заеб… Столтенберг и Ципрас… го поддржаа… НАТО ја прими Северна, но никако не ја прима Македонија… беше развеано албанско знаме на Самоиловите кули…“
(збирен профил на ударните вести кај националните концесионери)
„… историска посета на римскиот папа Франциск… богослужбата се одржа во светилиштето на Мајка Тереза во Скопје…“
„… воената вежба на НАТО во Криволак…„ОДЛУЧЕН УДАР“… со 27.000 војници од 5 земји… заврши успешно…“
(стендап-извештај од терен, зачуван на Фејсбук)
„… испратен е ултиматум до македонските општини… во рок од 14 дена да избришат сѐ што е историја на Македонија пред Христа…“
(стендап-извештај пред канализациска шахта, се гледа и слуша брусилица….)
„… со законски акт е избришана националноста МАКЕДОНЕЦ од сите правни документи на северџанија… МАКЕДОНЕЦ СЕ ЗАМЕНУВА со ’граѓанин’… или за покусо со три коси црти…“
(оф тон за телоп на кој се гледаат документот и членот од законот)
„… градоначалникот ветува уривање на спомениците… масовно се бришат имињата на спомениците иако таа градителска категорија спаѓа во уметничко дело… се краде бронзата и се кршат скулптурите… задоволни се и ЕУ и НАТО… сторителите се непознати…“
(ноќна снимка, но се гледаат и ликовите на вандалите што го кршат носот на споменикот)
„… прагот на соништата .го пречекорија: Мето Фотев, Ивко Панговски, Ристо Јачев, Гоце Жура, Киро Ценевски, Биле Беличанец, Тамара Арсовска, Гоце Влахов, Васил Пујовски, Илија Панговски, Таска Балабанова, Диме Чемков…“
(преземено од мрежата)
Во Македонија постои сѐ освен заборав… Задача на архитектот: кристализација на спомените затоа што тие се единствениот градежен материјал на архитектурата. Обврска на архитектот: Гради со спомените што доаѓаат од Ноуменот..!
Времето и постапките на општеството ќе предизвикаат лавиринт околу стожерот… Потоа… Ќе мораш да понудиш решение, но не летај над лавиринтот. Изгради тунел под него.
Ванг елБожиноски
































