Наука, империја или хаос

МИГРАЦИИ ВТОР ДЕЛ:

  • Миграциите се глобален проблем претежно во развиените земји. Ги плашат малите, бидејќи информациските системи им сервираат закани со глад и хаос. Гледате ли колку се моќни медиумите и службите? Ве имаат. Теориите одат претежно кон позитивност. Сепак, во последно време има девијации во правец на криминал, насилства, дрога, недозволена трговија, „регрутирања“ во разни банди, патологии и сешто. Во Македонија од тоа се прави политички покер

Овој текст произлезе во врска со два мотива – интерес кај извесен број читатели и вовед во еден иден текст што го планирам на темата „Капитализам“. Да да, капитализмот е дете на мигрантите. Во античките Елада и Рим до половина од луѓето биле робови (значи мигранти). Биле и војници. А Македонија? – Александар масовно во армијата користел „странци“. Библијата е историја на религиски номади, а светот е моделиран од милитаристички номади (Германи, Хуни, Османлии, Монголи). Којзнае, можеби сите во себе сме робови (дојденци). Овде ќе дадеме само малку теорија за овој „џин“ од проблем. Миграциите се империја, а нашите мозоци се хаос од информации. Пред сѐ неколку провокативни прашања. Дали ќе има миграција од Запад кон Исток и во БРИКС? Какво влијание ќе имаат ВГИ (вештачка генеративна интелигенција) и идните социјални мрежи? Дали ќе се концентрираат повеќе мигранти кон руската граница (фиктивна ЕУ-војна; индекс на мигранти во однос на резервисти)? Дали е тоа дамнешна политика? Колку мигрираат за преживување, а колку за профитерство? Како ќе влијаат климатските промени (подигнато морско ниво, декарбонизција)? Дали мигрантите во иднина ќе бидат „поинтелигентни“ од домаќините (ќе стане императив)? Какво влијание ќе имаат криптовалутите (форсирања од Трамп и други политички фактори – трошоци, ремитанси, енергетика, профитирање)? Како влијае диференцијалната култура (конфликти со фундаменталисти и разни етникуми)? Сиромаштијата во Македонија (2,2 отсто) станува гето.
Најпрвин на ум ми дојде аспектот на политичката економија и миграциите. Политичката економија (ПЕ) за некого е подзаборавена наука, но тоа воопшто не е така. Основачи се Смит, Маркс, Рикардо, Маршал, легнати во прашина на стари книги, но подоцна доаѓа воведување на математичките модели, со серија нобеловци и други авторитети – Фридман, Бјукенан, Хајек, Блек, Ароу, Самуелсон, Шумпетер, Дебре, Штиглиц, Ацемоглу и најсетне воведоа дисциплини (ќе зборуваме и за нив) како еконофизика и дигитална економија. Колку математиката и квантизацијата се важни за политиката (Ацемоглу, Бостром, Бринјолфсон, Коринек, Агровал, Каку)? И колку за пролиферациите и миграциите? Мала дигресија: еден од моите интереси се примитивните народи, а животот кај нив се миграциите. Зошто? – Мајстори се за преживување, суровост и простор. Мигранти (ловци собирачи) се на пр. Хаџа, Бедуини, Монголи, а „статички“ се агроградители – Харапа, Инка, Чако, Хопи, Ироки Догон…. Канибалистите се почесто „статички“. Зошто? Канибализмот е казна (смртна казна), а не исхрана. Но имаат и други казни. Значи – седентарите развиваат „казнен систем“, т.е. протозакон – т.е. протодржава. Сѐ почнува со миграции и војни. Жак Атали вели дека ние сме модерни номади или дури и „дигитални номади“ (конективност, дигитално банкарство, маркетинг, дури и медицина). Античките Евреи биле мошне воинствени номади, но Библијата вели дека тоа се „свети војни“. Хммм – дали се тоа праформи на денешните израелски војни и напади? – Ај да си ќутам, ќе кажат дека сум „Евреин антисемит“. Дали сум јас агресивен воин? Нееее… јас сум кукавица. Јас измислувам други методи – манипулации. На пример пишување, коментирање… Многу поголеми манипулатори – Маркс, Смит или Бадиу, Сартр или Бодријар би рекле дека миграциите се „класна борба“. Моите родители би рекле дека тоа е антифашистичка револуција (еј мајката, исто велат Сталин, Мао и Тито). Трамп би рекол дека контролата на миграциите е борба против дрога и мафија, Дон Корлеоне вели дека тој го прави она што не го прават држава и полиција, а ситниот јас би рекол сето тоа е бул… само што никој не ме слуша. А бидејќи сум антифашист, може да кажат дека сум класен непријател.

Да дојдеме до нашиот проблем. Накратко – Македонија го реши проблемот со мигрантите – не ги прима, ембарго, крај! Понатаму нема што да се зборува. Но ќе тераме така неколку години и…? Пак ќе букне. „Пак баба не јала, пак баба не пила“ – тоа ти се вика економски или историски циклус. А циклусите се природен закон! Или математички модел, ако ви се допаѓа повеќе. Притоа младите и понатаму ќе си одат – велат веќе си отишле 700 илјади, па ќе си одат уште 200 или 300 илјади – опаааа и кој ќе остане? Старци дијабето-срце-инсуфициентни, не дај боже дементалци – и што? Ќе има „дупка“ во егзистенцијата. И кој ќе ја пополни – роботи, квантум интелигенција? Леле леле, саде интелигенција ќе бидеме. Одговор: лумпен Кинези, или Непалци, или Арапи, или џихадисти, или Талибанци… тоа тоа… едни се мирни, други ќе нѐ тераат да се покрстиме. Тресам глупости? Прашајте го Самуел Хантингтон. Визионирајте малку и со свој мозок. А може да ни „подарат“ и некоја џерсинија (црна чума) „саканиве“ пријатели од Третиот Свет, кои ќе дојдат во орди за работа или под команда. Повторно не верувате? Пред неколку години имаше локални пандемии во Мадагаскар, Конго и во Перу. Поединечни случаи се јавуваат во САД и Јужна Америка (како може да останат локални – не знам). Што има тоа врска со мигрантите? Статистички (статистика е пропаганда), мигрантите не се поголеми трансмитери од преостанатото население. Но се повеќе вулнерабилни, што значи меѓу нив повеќе се шири болеста поради социјалните услови и густината на населението. Сега еден друг аспект што е за размислување. Во земји или популации каде што нема мешање со други (поради верски ограничувања или мигрантски политики – „ендогамија“), почести се генетските заболувања. Такви популации се Ашкенази Евреи, Словенија, острови во Хрватска, Исланд, Саудиска Арабија, Катар, Јужна Индија, Пакистан, Квебек и Финска. Во такви случаи имиграцијата е позитивна појава. Примарен заклучок: во моментов смалена е можноста за имиграционен бран во Македонија поради специјалните мерки, ветувања и интервентен закон („ембарго“) како реакција на населението. Сепак, тоа се „палијативни терапии“. Таа не зависи само од нас, туку и од глобалните сили и притисоци во светот. Доколку големите сили решат да нѐ принудат, тешко е дека ќе ги спречиме. Но ним им треба масата. Масата е армија (на пример на ЕУ ѝ треба за фиктивната војна во иднина со Русија). Ако сакаат „да ни набијат“ криминалци ќе имаат и самите проблем (фидбек). А и домашните не се малку. Веќе се опишани во книги трговските канали со западните пристанишни центри (Неапол, Корзика, Холандија, Белгија, САД, Јужна Америка). А и на нашите „ајкули“ влакно не им фали. На Западот сепак постои потреба од работна сила, а од Азија на пример доаѓаат доста способни кадри (кибернетика, електроника). Проблематични се структури како наркодилери, џихадисти, „револуционери“, проститутки, бездомници и слично, што статистиката вели дека се само еден отсто (јас лично се сомневам). Но потребата од работна сила кај нас и сега, а особено во иднина ќе биде проблем. Ако се одлеат над 80 отсто од работоспособните (одиме натаму) – нема закон, политика или партија што ќе може да спречи имиграција. Практично она од што се плаши нашето население се три фактори: инпут на криминал (нарко, оружје, недозволена трговија, мафија), верски инпут (талибанизам, џихадизам, па дури и масивен инпут од Украина, Кина – како што е во Србија), губење работа. Ништо не е невозможно.
Во врска со мигрантската економија постојат интересни теории. 1) Неокласичната теорија доста ја форсираат, но не би рекол дека е „доволно фундаментална“. Таа потенцира индивидуалност и утилитарност во разликите на платите и вработеноста меѓу државите. Движечки фактор за миграциите се платите, трошоците и побарувачката на работна сила. 2) „Новата“ економија на трудот е фамилијата, не индивидуата. 3) Фактор на привлекување е структуралната побарувачка кај развиени економии. 4) Кумулативно причински систем што намалува трошоци и ризици. Тој обезбедува самостимулација на миграцијата. 5) „Гравитација и простор“: привлечните фактори се правопропорционални, а дистанцата е обратнопропорционална со миграциите. 6) Хуманиот капитал вклучува способности и можности. 7) Историските теории вклучуваат колонијална политика, војни (денес посебно), диктатури и сл. 8) Административни теории: труд-пазар-линкови со специјални визи и документи. 9) Комплементарно фокусирање – миграции на селективни специјалности. 10) Ремитенциони (исплатни) шеми. 11) Флексибилни миграциони програми – сезонски, временски, циркуларни (наши одат во Грција, Хрватска, Словенија и сл). 12) Базична проблематичност: на пример конфликти (Украина, Сирија), развој (патишта, конекции). 13) Контроли како фактор – на пр. сензори на граници, финансиска полиција и сл. 14) Политичко-економски фактори: стандард, економски индикатори, имиграциони политики, пазар на трудот, институции, демографски политики, информациски системи и меѓународни договори.

Класичните политичко-економски фактори како што се учеле, а влијаат и на миграциите, се труд, осцилации (инфлација, стагфлација, кризи, „black swans“, циклуси), сила (војни, кај нас Балканските војни, востанија, пљачкања, светски војни, потоа класни конфликти – револуции, колонијалност, робови, корпорации на пр. EAC – East India Company и слични формации, верски конфликти), пандемии, климатски промени, верски промени (реформизам, ислам, комунизам, талибанизам). Важни автори се Адам Смит, Маркс, Кеинс, Маршал, Хикс, Самуелсон, Фридман, Хајек, Фон Мизес, Шумпетер… Маркс вели дека мигрантите се работничка класа. Модерната политичка економија и филозофија се ориентирани кон технологијата (Хајдегер, Бжежински, Славој Жижек, Јудит Батлер, Чантал Муфе, Венди Браун, Чомски, Маск и Инајатал) – кибернетика, роботи, сензори, нанороботи, вештачки пандемии, кибер-атака, оружја итн. Инаку, Ниче зачудувачки ги преоѓа тесните националистички граници – миграциите се мешање на расите, потребно да се срушат стагнантните, ригидни идентитети на држави нации. Спиноза вели човек има право да мигрира и да најде поголемо добро. Исто велат и современите филозофи Бадиу, Бодријар, Дерида, Делез и Кристева, а филозофката на холокаустот Донатела ди Чезаре неодамна ја издаде книгата „Филозофија на миграцијата“. Серијата „Алија“ на Салвадор Дали е мигрантски врисок… „самотијата е реинвенција на себе во тагата“. Современиот авторитет за миграции Дејвид Милер вели дека граѓаните имаат посебна обврска на еден кон друг во нацијата да ги контролираат границите, за разлика од универзалните космополити за слободни движења. „Треба да дефинираме кои сме ние со споделена историја и култура. Желба да се здружиме со одредена култура не значи да се влегува во некоја нација“. Предлага акт специјално за иселениците – прифаќа лимити, но потребни се оправдувања за негирање, третирање со достоинство, респектирање на хуманитарни должности. Македонските печалбари ја градеа Америка во Детроит и Аризона, потоа Австралија, Канада и Европа. Ајнштајн, Тесла, Кисинџер и илјадници славни дојденци се база на САД. Мигрантните религии пуританците, евангелистите и Евреите ја издигнаа. Тие се „магичната сила“. 15) Иднината на политичката економија: геополитички поделби, санкции, фрагментации, доминација на АГИ, роботи, платформи, гига-корпорации, дистрибуциски притисоци-дивергенции, нови работни институции (Гиг, хибридни). Фискални: инструменти, иновации, климатски влијанија = зголемено трошење и долгови. Владеење: фрагментираност и мултилатерализам на финансии, милитаризам, АГИ-команди, култура, дигитални пари. Демографии – старост, огромни градови, миграции (зголемени, конфликти, АГИ). Идеи: автономизам, суверенизам, нов глобализам, космос. Генерален заклучок: миграциите се глобален проблем претежно во развиените земји. Ги плашат малите, бидејќи информациските системи им сервираат закани со глад и хаос. Гледате ли колку се моќни медиумите и службите? Ве имаат. Теориите одат претежно кон позитивност. Сепак, во последно време има девијации во правец на криминал, насилства, дрога, недозволена трговија, „регрутирања“ во разни банди, патологии и сешто. Во Македонија од тоа се прави политички покер.

Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос