Ако научната фантастика пред еден век се сметаше за жанр што е врзан со иднината, денеска таа речиси се изедначува со сегашноста, како да претставува нејзина „гола рефлексија“. Феноменолошките концепции за времето велат дека времето како континуитет на субјективната свест може да се разложи на свои три модалитети, односно – минато, сегашно и идно време. Единствено сегашното време дава постојна основа на сите модалитети на временитоста. Но кога говориме за иднината како време на кое се однесува научната фантастика како жанр, говориме за она што е „отсутно од искуството, но присутно на ниво на спекулација“.
Кога научната фантастика се појавува како жанр на книжевната и уметничката сцена пошироко, таа прави револуција во поместување на границите на амбицијата, тесно врзана со научното достигнување. Научната фантастика е она што се поставува како цел (најчесто достижна) во иднината што треба да се исполни со помош на науката. Научната фантастика, односно македонскиот превод на жанрот, одлично ги презентира семиотички околината и контекстот во кој жанрот настанува. Во подемот на науката и научниот метод, многу луѓе создаваат дури и култура на верување дека науката единствена може да постигне видливи и значителни резултати, или во елиминациска смисла, она што не е научно докажано, не може да се смета за вистинито. Покрај тоа што, науката го презема суверенитетот на вистината, таа го презема и наративот, правецот на движење на мислата кон чисто емпириски и позитивистички пристап, но допре и до сферата на умот каде што ги презема и верувањата на луѓе. Поради тоа, се создаде и стереотипот дека научникот за да биде доследен на својата работа значи дека е атеист или во уште по рамнодушна форма мора нужно да биде агностик.
Замаеноста од подемот на науката, искомбинирана во оксиморонска кованица со фантазмите, ја изроди научната фантастика. Аспектот на фантазмот или на фантастичноста, уметниците не ја доживеаја како „фестивал за науката“ или култ во кој треба да се слави научното достигнување, туку како уметничка форма во која се изразува остра и основана критика кон сегашноста. Уметниците, преку научната фантастика, го прикажуваат извесниот исход на сегашноста, сликата на иднината, малиот човек во неа, додека тивко, ненаметливо, но упорно и суптилно го поставува прашањето – дали сакате да живеете во ваков свет? Уште попробивно поставено прашањето, дали сакате оние што ги сакате да живеат во ваков свет што не го избираат, туку го наоѓаат, а е директен производ и последица на вашата (не)одговорност. Научната фантастика станува поле каде што одново се засадуваат вечните прашања и дилеми, за улогата на човекот во светот, неговата позиција, за човекот како микрокосмос и, пред сẻ, мисловните етички експерименти, како што се размерите на последиците (консеквенционализам) на сопствените избори дури и тогаш кога претпоставката е дека намерата (интенционализам) е добра.
Научната фантастика го буди вечното враќање во мисловното битие на човекот од една страна, додека од друга страна го соочува со сегашноста подведувајќи ги неговата одговорност и улога и нудејќи му директен, отворен прозорец кон иднината.
Да се твори, пак, во жанрот на научната фантастика, значи да се има слобода да се каже она што само интуитивниот јазик може да го реферира и само внатрешниот глас да го каже. Затоа за многумина научната фантастика изгледа фантастично, несврзано со реалноста, нереално, идеалистички, занесено, дури и премногу откачено за воопшто да има потенцијал да биде веројатно остварливо. Но надвор од здраворазумското и ефемерно гледање на научната фантастика, читањето на симболите и интерјазичниот контекст, научната фантастика значи повик за длабока внатрешна катарза. Творењето во жанрот на научната фантастика, значи момент на инстантно соочување со голата вистина, момент на откровение и на јасна порака, која откако ќе се добие, веќе ништо нема да биде исто, особено во умот на читателот. Научната фантастика создава немир што повикува на итна акција. Таа не е тука да биде гледана како „туѓа“ приказна со која можеме, но и не мораме да се идентификуваме, дури и кога нема антропоморфни ликови, дури и кога нема типични ликови, таа отвора етички дилеми што го голтаат и ангажираат мисловното јадро со брзина на гравитација на црна дупка.
Во денешен контекст, научната фантастика е единствената вакцина против пандемијата наречена „рамнодушност“, таа јасно испраќа порака дека „не смее да ни биде сẻ едно“.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































