Антонио Кошта, претседателот на Европскиот совет на Европската Унија, презеде иницијатива за средба на претседателите на Македонија и на Бугарија, кои требаше да учествуваат на самитот на НАТО во Хаг, на 24 и 25 јуни годинава. Целта е да се надмине проблемот меѓу двете земји, заради блокадата на Македонија во ЕУ, од страна на Бугарија.
Македонија веднаш го прифати предлогот. Бугарија, пак, отворено се колеба и најави дека нивната делегација нема да ја води претседателот туку премиерот. Многу е веројатно дека таа промена е наменски направена, со цел да се избегне средбата со нашата претседателка. Нашата страна ја прифати и средбата со премиерот. Одговор – нема.
Логично е прашањето – зошто Софија ја избегнува средбата. Тоа секако не е случајно, исто како и промената на нивото на нивната делегација. Нема доволно информации околу сите овие настани, ама има претпоставки што изгледаат доста реално. Прво и клучно е дека средбата сигурно не е замислена само како некаков општ или начелен разговор или некаква размена на мислење, како што најавува Силјановска-Давкова („Спремна сум за разговор, нашите национални ставови се познати“, „Вечер“, 14.6.2025).
Со голема сигурност може да се тврди дека средбата, која ја иницира Кошта и на која треба да бидат и Фон дер Лајен, Каја Калас… значи врвот на ЕУ, а се зборува дека ќе биде и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е замислена како врвна медијација. Ако е така, а тешко дека е поинаку, не би требало да има дилеми дека зад иницијативата се крие прецизен предлог (диктат?) за надминување на проблемот меѓу двете земји. Ако не е така, сите овие личности – би губеле драгоцено време.
Кога ќе се стави на маса сѐ што во последниве неколку години се случуваше меѓу Македонија и Бугарија, како најверодостојна се наметнува можноста Брисел да предложи промена на нашиот Устав – со одложено важење! Со други зборови, да се прифати нашиот предлог и да нѐ стават пред свршен чин, кој, неизбежно, ќе води до наша катастрофа. Нивната намера е секако позитивна, бидејќи прифаќаат нешто што ние предложивме, ама тоа не ги намалува нашите последици! Така е бидејќи, во целина, за нас најголем проблем моментално не е самата промена на Уставот, иако таа во никој случај и никогаш не смее да се реализира, туку преговарачката рамка, со која Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Со ваков евентуален предлог на Унијата, рамката останува, а со тоа е завршена и нашата европска перспектива.
Во Брисел секако им се познати бугарските халуцинации во однос на Македонија, на кои, барем досега, не сакаа, а донекаде и не можеа да влијаат. Истовремено, кристално им е јасно дека нашиот предлог за одложено дејство на уставните проблеми е нешто што не може да се одбие. Тоа им дава исклучителна можност да покажат одредена добра волја кон нас, без никаква штета за Бугарија, доколку таа нема скриени намери какви што сепак – има. За наша несреќа, овој потег на Брисел, доколку се покаже точен, во конкретниов случај е контрапродуктивен за нас, бидејќи спомнатиот предлог беше наш изолиран потег.
И доколку се случи ваков исчекор од Брисел, останува дека беше бесмислено што, под туѓ диктат, од нас бараа да го менуваме Уставот, како услов за почеток на некакви преговори, кои може никогаш да не завршат (Турција). Во најдобри, идеални услови, нашиот прием во Унијата најрано може да биде за 15, 20… години, ама, според сегашните изгледи, може и никогаш да не станеме членка. Ако се случи тоа, што е доста веројатно, и промената на Уставот, било и со одложено дејство, значи дека ќе биде дадена голема отстапка, а за возврат нема да добиеме ништо.
Во Софија, најверојатно, точно знаат кои се намерите на Брисел, и само тоа може да биде поводот за ваквото нивно однесување и неприфаќање на средбата. Тешко е да се верува дека и нашите знаат што (ни) спрема Брисел. За наша голема среќа, Софија има изградено максимално цврста позиција во однос на Македонија; базирана на (квази) „научна“ основа на БАН; прифатена во Владата; со изгласана декларација во Собранието; и, преку „објаснувачки“ меморандум, доставена до целиот свет. Затоа им е тешко да го менуваат својот прецизно зацртан (иако налудничав) однос кон Македонија, што во случајов може да ни биде од голема корист. Дај боже да опстојат на својата позиција!
Софија за првпат е под сериозен притисок на Брисел. Тешко е да се замисли дека тие ќе бидат подготвени за еден ваков „компромис“, свесни дека Македонија може да влезе во ЕУ по многу години, или – никогаш! И сѐ, околу „Бугарите“ во Уставот, би им било – за џабе. Тешко ќе им биде овие свои сомнежи да ги објаснат во Брисел, а, од друга страна, ако не прифатат средба, тоа ќе биде голем удар врз нивниот рејтинг. Ќе покажат некооперативност.
Излез може да биде ако Софија покаже балканска итрина и, во последен момент, Жељасков се „разболи“ и биде заменет од министерот за одбрана! Во таков случај, средбата ќе биде беспредметна. Ако се потврдат горните претпоставки, само така Софија ќе го спаси образот.
Ако, сепак, Бугарија прифати одложена важност на промената на нашиот Устав, ќе нѐ стави во крајно непријатна, поточно – безизлезна позиција, иако тие нема да ја постигнат својата клучна цел, да станат „државотворни“. Ќе се прифати нашиот предлог и ние ќе мораме да продолжиме по диктатот на Софија и Брисел (преговарачката рамка), кој нема да нѐ одведе никаде. Ќе останеме без никаков маневарски простор за какви било алтернативни и радикални потези. Ќе биде невозможно откажувањето на вториот протокол, со што единствено ќе го започнеме процесот на расчистување на односите со Бугарија; на нивно ставање на реални реципрочни основи; и градење рамноправни билатерални односи. Така, ќе го одбраневме и македонизмот и ќе се најдевме на прав и чист пат кон Брисел. Вака…
Нашиот предлог за одложена важност на уставните промени беше одличен потег на почетокот, бидејќи ставивме до знаење дека предавничките политики на претходната власт не можат да поминат. Тоа, меѓутоа, како изолиран потег, имаше привремена улога и мораше да следува втора фаза, со директно осмислено разбивање на бугарската агресија. Мораше да се оспори и преговарачката рамка, од што ние, крајно непотребно, и од непознати причини – се воздржавме. Треба внимателно да се следи развојот на ситуацијата, за да се оцени дали сѐ уште има услови за откажување на вториот протокол. Ова е опомена тој потег што поскоро да се преземе. Така најлесно и најбезболно ќе излеземе од ќор-сокакот.
Во Хаг, пак, во случај на евентуална кооперативност на бугарската страна, што не е за очекување, ние нема да имаме опција за повлекување од сопствениот предлог. Затоа треба на самото место, веднаш, со претставниците на ЕУ и на Бугарија, да инсистираме и на приспособување на крајно неприфатливата преговарачка рамка, со барање веднаш да се прецизира одредена процедура за таа цел. Промената на Уставот, и со одложено дејство, е наша огромна отстапка и тоа мора да се валоризира. Мора да се нагласи дека рамката ги рефлектира максималистичките бугарски фантазмагории и дека е таа за нас неприфатлива бидејќи, со неа, Македонија нема никогаш да стане членка. Промената на Уставот, и со одложена важност, мора да се услови со приспособување на рамката.
За крај, да повториме уште еднаш. Внесувањето на „македонските Бугари“ во нашиот Устав, и тоа како „државотворен народ“, би значело дефинитивен крај на македонскиот карактер на оваа држава. За Софија, сите ние сме токму „македонски Бугари“ и ништо друго и, со текот на времето, бугаризацијата ќе биде неизбежен процес. Тие отворено играат на картата на потписите од над 120.000 Македонци дека се Бугари (заедно со нивните семејства, тоа се речиси 500.000). Ќе биде неизбежен нов и пострашен рамковен договор од охридскиот, и сѐ друго што логично следува.
Мора да бидеме свесни дека, на крајот од преговорите со Унијата, ако тоа некогаш се случи, нашето членство ќе мора да го ратификува и бугарското собрание. Што мислите, ако не прифатиме дека сме „Бугари по род“, и како такви сме биле сѐ до 1945 година; дека нашиот јазик е бугарски дијалект; дека имаме заедничка историја, значи бугарска… можно ли е нивното Собрание да го ратификува нашето членство? Такво нешто не е и нема да биде можно.
Дури и по 50 години!