Проф. д-р Стојан Бајрактаров
Насилството раѓа насилство – тоа е стара вистина, која постојано ја потврдуваме, а сепак како општество одново ја игнорираме. Доколку не се превенира и не се санкционира, насилството не исчезнува – напротив, се шири како зараза. Токму затоа казнивоста на семејното насилство не е само правна формалност туку морален и цивилизациски императив.
Институционално молчење наместо заштита
Сведоци сме на хронично непостапување на надлежните институции и на игнорирање голем број пријави од жртви. Полицијата често одбива да започне постапка сѐ додека жртвата не приложи психијатриски извештај – како ние психијатрите да сме истражен орган, а не здравствени професионалци. Потоа започнуваат институционални лавиринти, кои траат со месеци и години, без исход.
Давањето изјави пред инспектори и обвинители често е трауматично искуство – како жртвата да е обвинет, а не жртва. А потоа, повторно молк, одлагање и непостапување. Сите сме сведоци како ваквите случаи премногу често завршуваат со убиства – јавни, брутални, најавени… Потоа сите се виновни – освен оние што се навистина одговорни.
Професионалците се борат – системот отсуствува
Како психијатар, секојдневно се среќавам со жртви на насилство. И можам одговорно да тврдам: огромното мнозинство лекари, психијатри, психолози, социјални работници и медицински сестри си ја вршат својата работа одговорно и посветено. Тие обезбедуваат стручна поддршка за жртвите и навремено ги пријавуваат случаите. Особено би нагласил дека Универзитетска клиника за психијатрија има долга традиција на високопрофесионално дејствување во оваа област и на обезбедување континуирана поддршка за жртвите на насилство. Имаме многу позитивни примери, како нашата социјална работничка која со посветеност им помага на многу жртви.
Сепак, паралелно постојат и случаи на судско-медицински вештачења што се прават по нарачка, нестручно и пристрасно, со што се носат неправични судски одлуки. Тие мора да бидат предмет на сериозна проверка, бидејќи ја разградуваат довербата во правдата.
Кога младите заминуваат – нацијата умира
Жртвите на насилство не се грижат за политички игри и престиж, тие сакаат заштита, сигурност и правда. Но нашето општество, наместо да се мобилизира, гледа настрана. Години слушаме „доста е, мора да дејствуваме“, но ништо суштински не се менува.
Се вели дека светот им припаѓа на младите, но младите веќе дејствуваат: тие си заминуваат. Не сакаат да живеат во општество каде што стравот е секојдневие, каде што нема перспектива, каде што правдата е случајност. Заминуваат затоа што сакаат да живеат во општества во кои ќе се чувствуваат безбедно, ќе напредуваат и ќе има иднина за нивните деца.
А ние? Ние како нација сме во процес на самоубиство. И за тоа не се виновни ниту соседите, ниту Европејците, ниту некакви „демони“ – виновни сме самите ние.
Дали може поинаку? Веројатно да. Но првиот предуслов е да престанеме со оправдувањата дека „секогаш друг е виновен“ и дека „се направило сè што може“. Недостига токму она што може да ја раздвижи оваа закоравена состојба: самокритичност и чувство на одговорност. Без тоа, нема надеж за промена.
Да, ваквата морална ерозија не е само наша – денес светот е полн со војни и убиства на деца, а реакциите се речиси непостојни. Но историјата покажува дека по секоја мрачна фаза доаѓа период на отрезнување и враќање на разумот. Ако се случи тоа, ќе дојде и моментот кога и кај нас ќе преовладуваат правото и разумот.
Ова не е судбина. Ова е избор. Ако сакаме нашите млади да останат, мора да изградиме општество во кое нема да се плашат, туку ќе можат да сонуваат. Во кое животот ќе вреди повеќе од политичките калкулации.
Авторот е психијатар