Народна приказна од онаа заборавена торба на терзијата

Во оваа невозможна земја и градовите се нормално невозможни… како и сѐ друго…
Во невозможниот град Прилеп има еден споменик на добро одбрано место за таа намена… Граѓаните знаат за него… бил собирач на традиционални преданија (има податок за 10.000). Ме зачуди – славните браќа Грим се далеку попознати иако нивната бројка на собрано наследство е само 806! Но за ова известување добив поттик од еден минувач, кој додаде дека постои и една заборавена торба со преданија што спаѓа во категоријата ВОНБИЛАНСНА ЕВИДЕНЦИЈА… ме одведе до просторија низ подземниот пристап во Могилата на непобедените и ми даде една приказна, која, иако нецелосна, тој успеал да ја фотографира и препише …
Ја пренесувам во целост…

ИЗВЕСТУВАЊЕ бр. 13022025… Трета планета/Сончев систем/Локална група… 20 милијарди светлосни години по Големиот Почеток…

(С)КАЗНАТА НА ЦАРОТ ТЕМЕН
…раскажано од градинаро од Железна Река…

Некогаш… Одамна… беше си бил еден цар. Го кажуваат ТЕМЕН… Управувал добро – земјата напредувала. Неговата палата била највисоко на градо послан на падина на висок рид, чунки од високо можел да види сѐ… Како големината и благосостојбата растеле, решил да си земе советник. Тоа било мудро оти на тој начин полесно се владеело. По некое време, советникот мудро го посоветувал да земат уште еден (проверен послужник на советникот) за поефикасна контрола на народот. Царството напредувало… се изградила поголема палата погоре на ридот… Потоа првиот и вториот го посоветувале царот да земат трет како понизок ранг… потоа сите заедно донеле следен, кој, се разбира, хиерархиски стоел подолу од другите… Така стигнале до пет советници.
Со секое ново место во власта, палатата на царот се градела погоре и најпосле била изградена на билото на возвишението со поглед посекаде над царштината… Од врвот царот можел да види сѐ. Во негова чест го именувале тоа што било: БИЛО – ОЛИМБ! Царот бил задоволен. Можел да види сѐ, а другото им го препуштил на советниците. Советниците биле задоволни, чунки царот им верувал. Се состанувале често (тој таен собир не го нарекле СИМПОЗИУМ туку ВИЦЕ… чинам доаѓа од „винце“), оти таква им била работата и еднаш помислиле дека на царот можи да му текни и да ги смени. Денски не, оти секој ден му соопштувале само добри работи за благосостојбата на народот и за недобројните доблести и убавини со кои царот е обдарен… ама… ШТО АКО НА СОН МУ ДОЈДЕ ГРЕШНА МИСЛА!!! Чаре? Думај-шестај… нејсе:
Се собрале сите пред царот и му предложиле СОВЕТНИК ЗА СОНИШТА. Советникот ќе му прикажува сказни, ќе му ш’пка на уво приспивно за да ужива и во соништата… Царот Темен, кој понекој пат имал и лоши соништа, кои го буделе често без да може да се сети на сонот, прифатил… Трпело времето… Поднесувала земјата… Темен, одделен од реалноста на животот, не забележал дека царштината раководена од советниците е далеку од сликата што му ја прикажуваат советниците…
Една ноќ советникот за соништа заспал пред царот да заспие. Царот веднаш му простил во себе и заспал според природниот негов соновник. Сонувал: пет јаболка.
Кога се разбудил, покрај прозорецот го видел уплашениот советник, кој гледал надолу кон пазарот каде што еден земјоделец продавал јаболка. Советникот веднаш паднал на колена барајќи прошка. Царот се насмевнал и го прашал за значението на сонот со јаболката. На советникот му олеснило: ЧЕСТИТИ ЦАРЕ, ЈАС ПРЕД ВАС ЗАСПАВ ЧУНКИ ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ СОНУВАТЕ ЈАБОЛКА И ЗАТОА НАРАЧАВ ДА ДОЈДЕ НАЈДОБРИОТ ЈАБОЛКАР ВО ЦАРШТИНАТА НА ПАЗАР ЗА ДА ВИ СЕ ИСПОЛНИ СОНОТ.
Почитувајќи ја хиерархијата, царот го повикал првиот советник и му дал пет сребреници да купи јаболка од пазарот. Почитувајќи ја хиерархијата, првиот советник го повикал вториот и му рекол: ЕВЕ ТИ ЧЕТИРИ СРЕБРЕНИЦИ ОД ЦАРОТ И КУПИ ГИ СИТЕ ЈАБОЛКА ОД ОНОЈ ШТО ПРОДАВА НА ПАЗАРОТ. ВНИМАВАЈ, ПОЛОВИНАТА ЌЕ ГИ ТРГНЕШ НАСТРАНА ОТУ СЕ ЗА МЕНЕ И ЗА ВИЦЕТО! Потоа вториот советник му рекол на третиот советник: ЕВЕ ТИ ТРИ СРЕБРЕНИКА ОД ЦАРОТ. КУПИ ГИ СИТЕ ЈАБОЛКА ОД ОНОЈ ШТО ПРОДАВА НА ПАЗАРОТ, АМА ВНИМАВАЈ ПОЛОВИНАТА СЕ ЗА ПРВИОТ СОВЕТНИК И ВИЦЕТО, А ПОЛОВИНАТА ОД ПОЛОВИНАТА СЕ ЗА МЕНЕ… Третиот советник го повикал вториот и му рекол: ЕВЕ ТИ ДВА СРЕБРЕНИКА ОД ЦАРОТ И КУПИ ГИ СИТЕ ЈАБОЛКА ОД ЈАБОЛКАРОТ ДОЛУ НА ПАЗАРОТ, АМА НЕМОЈ ДА СИ ЗАБОРАВИЛ: ПОЛОВИНАТА СЕ ЗА ПРВИОТ СОВЕТНИК И ВИЦЕТО, ПОЛОВИНАТА ОД ПОЛОВИНАТА СЕ ЗА ВТОРИОТ СОВЕТНИК, ПОЛОВИНАТА ОД ТАА ПОЛОВИНА ЗА ТРЕТИОТ, А ПОСЛЕДНАТА ПОЛОВИНА ЗА МЕНЕ!… и така до првиот советник…
Речено – сторено: ВО СРЕБРЕНА ЧИНИЈА ПРВИОТ СОВЕТНИК МУ НОСИ ПЕТ ЈАБОЛКА НА ЦАРОТ!
ЦАРОТ ТЕМЕН ПОЧНУВА ДА ЦРВЕНЕЕ… пет јаболка за пет сребреника… ПОТОА ПОМОДРУВА… овој народ нашол та зашол… И… СЕ СТЕМНУВА ПОТЕМНО ОД ИМЕТО… ЦАРОТ Е ТЕМЕН…
ЦАРОТ ГО ПОВИКУВА ТЕЛАЛОТ И НА БАРАБАНИ ИЗДАВА НАРЕДБА ДА СЕ НАГОЛЕМАТ ДАНОЦИТЕ ВО ДРЖАВАТА ПЕТ ПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ПОСТОЈНИТЕ…

Приказната е недовршена… недостига наравоучение.
Веројатно затоа останала исклучена од редакторите што ги приредиле МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ пред повеќе од еден век. Момент, има нешто допишано од опачината на оваа страница…:

ВО ИМЕТО НА LICENTIA POETICA:
АКО НЕМА КОРУПЦИЈА …
КАКО НАРОДО ЧЕ СЕ РАЗБУДИ…
ОД СПАЊЕТО ВО ЧУЖДИ СОНИШТА… И…
КАКО ЧЕ И ОТВОРИ ОЧИТЕ ВО ВИСТИНАТА НА СВОЕТО МИНАТО…
Еве:…додавам уште еден збор… како вистина во која верувам…
БУДЕЊЕТО Е МОЖНО САМО ВО МИНАТОТО.

Вангел Божиноски