ALL CHILDREN SHOULD BE GIVEN A CHANCE TO FIND THEIR OWN IDENTITY. CHILDREN MUST NOT BE ABUSED FOR POLITICAL AIMS…
Taken from United Nations „Declaration Of Children’s Rights“
На децата треба да им се дозволи да изградат сопствен идентитет. Децата не смеат да бидат злоупотребени за политички цели…
Од „Декларацијата за правата на децата“ на Обединетите нации
ЛАКРИМАРИУМ… Тоа е мало стаклено шишенце што го користеле римските грации, а подоцна и современичките на Дулчинеја. Во него ги собирале солзите* исплакани за своите љубени мажи. Или љубовници. Додека тие биле отсутни. Најчесто, во војна. Количеството на солзите во лакримариумот и наталожените кристали сол сведочеле за големината, силата, вистинитоста, љубовта и тагата.
Неколку реда наместо солзи. Умираат ѕверовите што немаат лице. Умираат оние што убиваат, а за оние што се убиени, измачени, запалени – нема смрт, тие живеат вечно. Нема смрт за убиените во големиот број конфликти во Газа, Палестина, Беслан, убиените деца во Украина, случувањата во училиштето во Белград, петтемина скопјани ликвидирани пред некоја година, спроти Велигден, крај водите на езерото кај Смилковци, нема смрт за убиените и закопани крај Скопје, за оние кај Вејце, Карпалак… нема смрт за човекот – синот на вечноста. И еве сме уште еднаш, како многупати во времето, исправени пред дилемата дали и како човекот и понатаму може да се нарекува човек и да остане интегрално суштество што размислува за светот и за себе, за историјата, за уметноста, да љуби, да страда, да се жртвува за други.
Граунд зеро на Менхетн. Декември. На местото што во светската историја се меморира како 9/11 e скицирaн и дел од оваа документарна сторија, првично насловена „Светот како место на пеколна неслога“.
Ситуацијата за децата во Газа во моментов е срцепарачки тешка. По моментите на минлив мир, нивните ноќи сега се исполнети со застрашувачки звуци и опасности. Уништувањето оди подалеку од зградите – соништата и иднината се уништуваат. Децата наместо да уживаат во своите разиграни и радосни моменти, живеат во постојан страв.
За да ги здружат своите тешкотии, тие сега се соочуваат со тешки услови. Болките од гладот и болестите од изложеност на штетни состојби станаа секојдневна борба. Тоа е реалност што е незамислива и, најважно, никогаш не треба да ја доживее ниту едно дете.
Овде да се потсетиме,за да не се заборави, на случајот „Беслан“, кога во тој град во Северна Осетија во 2004 година беше нападното училиштето број 1 и каде што животите ги загубија 316 луѓе, од кои 186 деца. Тие се погребани во меморијалниот центар „Градот на ангелите“. Во ваквите трагедии, најстрашен од сѐ е молкот. И сето тоа се случува пред очите на вмрежениот глобален поглед, во ерата на човечките заложби да ги укине границите на просторот и времето, да ги запознае најоддалечените светови и да ја осознае иднината.
Светот на силните продолжува да протежира лицемерен политички баланс и да опстојува без оглед на солзите, кои сѐ повеќе се доживуваат како застарена метафора на тагата и опстојувањето. Умираат ѕверовите што немаат лице. Умираат оние што убиваат, а за оние што се убиени, измачени, спалени – нема смрт, тие живеат вечно. Нема смрт за децата, нема смрт за човекот – синот на вечноста.
И покрај очигледното тежнение на горните неколку реда да го афирмираат животот, и редот на нештата во светот, погледнати од перспектива на настаните во Беслан, во кои животот го загубија над 350 луѓе од кои над 160 деца, убиените во бројните конфликти во Газа, Палестина, убиените деца во Украина, случувањата во училиштето во Белград, петтемина скопјани ликвидирани пред некоја година, спроти Велигден, крај водите на езерото кај Смилковци, нема смрт за убиените и закопани крај Скопје, за оние кај Вејце, Карпалак… еве сме уште еднаш, како многупати во времето, исправени пред дилемата, дали и како човекот и понатаму може да се нарекува човек и да остане интегрално суштество што размислува за светот и за себе, за историјата, за уметноста, да љуби, да страда, да се жртвува за други.
Паѓа во вода и мудроста на почитуваниот Фјодор Михајлович Достоевски за големината на Детската Солза, наспроти сите идеологии и политики на овој бездушен свет, и се претвора во обична попатна белешка на извесен луциден старомоден идеалист, бледнее сместена меѓу сјајот и бедата на современиот човек, на светот на грубата, ниска, острвена и закрвавена реалност, цинизмот, биолошка себичност вгнездена во мрачната утроба на хомо сапиенсот и денес во голем број воени случувања и пресметки се манифестира во својата изворна нецивилизирана крвава варијанта. И сето тоа секојдневно се одвива пред очите на вмрежениот глобален поглед, во ерата на човечките заложби да се укинат границите на просторот и времето, да ги запознаеме најоддалечените светови и да ја осознаеме иднината.
Низ светот се разлеваат некакви диви крици, восклици на човечки накази што се обидуваат да ги сотрат хуманизмот и детската невиност и да ги распнат на крстот на чистата совест, проектирајќи го својот внатрешен хаос, истакнувајќи ги своите мрачни симболи врз невините детски безживотни тела.
За Беслан потрошивме само 8.000 евра. Скромно, нема што, тоа не се „преголеми“ трошоци за таква монструозна акција. Дополнително, како екстра-трошок се бараше и „неутрална анализа на настаните“. Врв на цинизмот. Способностите и талентот за организирање терористички акции на Бесаев се неспорни. Тој со својата крутост удира онаму каде што никој не се надева – ќе забележат и објават редица бездушни „објективни“ журналистички авторитети, ставајќи ги во своите аналитичко-истражувачки стории на политичката вага животите и на 160 невини детски животи. Во мртовечницата во Владикавказ и во Беслан сѐ уште има непрепознаени тела на загинати. Стварноста испресечена со брејкинг њуз претворен во бројки, забрзано исчезнува низ лавиринтите на масмедиумската симулација. Според оцената на закоравените политички аналитичари, објективно Русија немала никакви шанси да ги врати во земјата одбегнатите терористи што добиваат политички азил на либералниот демократски Запад. Светот на силните продолжува да протежира лицемерен политички баланс и да опстојува без оглед на солзите, кои сѐ повеќе се доживуваат како застарена метафора на тагата и опстојувањето.
На децата треба да им се дозволи да живеат, не смееме да дозволиме децата да бидат убивани заради мрачни лични, ниту локални и глобални стратегии и цели…
Аљоша Симјановски