Најскапата кражба е онаа што ни ја украде иднината

  • Да ја замислиме државата што ќе реши да престане да краде. Не затоа што станала морална и чесна, туку затоа што станала рационална. Да воведе дигитална администрација, јавни бази на податоци, автоматска проверка на имот, вештачка интелигенција што ги следи тендерите и не ги потпишува шефот, кумот, „мојот човек“, туку алгоритамот. Ако ја искорениме корупцијата, не со патетични и евтини политички пораки, туку со функционални механизми, економијата ќе се ослободи од најголемиот сопствен непријател. Македонија би можела да влезе во циклус на раст меѓу седум и десет проценти годишно, што денес изгледа невозможно само затоа што сме навикнати на стагнација. Еден таков раст не би произлегол од нови кредити или субвенции, туку од едноставна промена на системската логика. Да се работи чесно, упорно и предвидливо. Во држава без корупција, довербата станува капитал, а капиталот, кога е заштитен, секогаш се множи

Во Македонија, целосно уништена одвнатре, клекната на колена, силувана од своите политичари и одамна навикната да ја прифаќа неправдата како дел од секојдневниот поредок, идејата за држава без корупција звучи како бајка за некоја поинаква епоха, за некој народ што не живее таму и за малкумина што останаа да се надеваат на подобро утре. Но, ако ги отстраниме цинизмот и агонијата од премногу лоши искуства, останува едно едноставно прашање. Што би се случило кога државата би престанала да краде од самата себе?
Замислете ја Македонија без корупција. Тоа би било како филм со научна фантастика, снимен на локација во која главната актерска екипа останала без улоги. Таа слика изгледа комично, речиси навредливо за нашето колективно чувство за реалност. Замислете ден во Скопје кога тендерите не се пишуваат на расклатени маси во партиски штабови или луксузни кабинети на министри платени од народни пари, кога директорите не се избираат по роднински или партиски врски, кога инспекторите не бараат „рушвет“ и „евриња“ во плик, туку носат извештаи и ја вршат работата за која се платени, кога јавната служба не е примитивно племенска поделба на позиции за партиски членови, кога болниците повеќе се грижат за пациентот отколку што се грижат уште колку нули да додадат на набавката, туку систем што функционира со логика, ред и одговорност. Тоа утро би било првиот вистински ден на македонската економија.
Корупцијата, иако во јавниот дискурс се третира како морално прифатлива девијација, е најголемиот економски товар што оваа земја го влече три децении. Но, еве ја вистината: Македонија без корупција би била најпрофитабилниот економски проект во својата историја. Според процените на Европската комисија, Македонија годишно губи меѓу една и една и пол милијарда евра поради корупција. Пари што никогаш не се видени од обичниот народ, но сите ги чувствуваме во секоја дупка на патот, во секоја минута додека чекаме на државен шалтер, во секоја бескрајна бирократска процедура што чини повеќе нерви отколку пари. Тоа е нашата цена за „системот на снаодливи“. Тоа не се апстрактни бројки, туку конкретна вредност на уништени можности. Со тие пари може да се модернизира целата железничка и патничка мрежа, да се дигитализира администрацијата, да се реновираат училиштата и да се зголемат платите во здравството и во образованието. Наместо тоа, тие средства исчезнуваат во сенките на системот, претворајќи се во станови на партиски избраници, патни трошоци што никој не ги направил и договори што се потпишуваат само за да се исперат пари.
Да ја замислиме државата што ќе реши да престане да краде. Не затоа што станала морална и чесна, туку затоа што станала рационална. Да воведе дигитална администрација, јавни бази на податоци, автоматска проверка на имот, вештачка интелигенција што ги следи тендерите и не ги потпишува шефот, кумот, „мојот човек“, туку алгоритамот. Ако ја искорениме корупцијата, не со патетични и евтини политички пораки, туку со функционални механизми, економијата ќе се ослободи од најголемиот сопствен непријател. Македонија би можела да влезе во циклус на раст меѓу седум и десет проценти годишно, што денес изгледа невозможно само затоа што сме навикнати на стагнација. Еден таков раст не би произлегол од нови кредити или субвенции, туку од едноставна промена на системската логика. Да се работи чесно, упорно и предвидливо. Во држава без корупција, довербата станува капитал, а капиталот, кога е заштитен, секогаш се множи.

Во таква Македонија, буџетот би добил дополнителни стотици милиони евра од елиминираните злоупотреби. Тоа не се пари што треба да се најдат, туку пари што веќе постојат, само што не стигнуваат таму каде што треба, барем не каде што треба да е фокусот на јавниот интерес. Јавниот долг би се стабилизирал без потреба од нови заеми, платите би се зголемиле за една третина во рок од неколку години, а приватниот сектор би функционирал без „плик-данокот“ што денес го плаќа во секоја административна постапка. Македонија би станала пример за Балканот, држава каде што не владее магијата на врските, туку законитоста на процедурите.
Но најтешкиот дел не е технолошки, туку психолошки. Македонија живее во еден длабоко корумпиран ментален свет. Корупцијата не е исклучок, туку систем за преживување. Ако не поткупиш, ништо нема да завршиш. Ако не си нечиј, никој нема да те забележи. Таа филозофија на подаништво ја претвори државата во приватна фирма на неколку генерации партиски менаџери, кои ја третираат власта како сопствено наследство. Затоа и никој не сака вистинска антикорупциска реформа. Таа би го прекинала најпрофитабилниот бизнис во државата.
Во земја без корупција, половина политичари би останале без занимање. Администрацијата би морала навистина да работи. Судството би морало да суди, не да калкулира. Бизнисот би морал да создава вредност, не врски. Тоа е вистинската причина зошто промената е невозможна: не затоа што не знаеме како, туку затоа што премногу луѓе добро живеат од тоа што знаат дека ништо нема да се смени.
Многу примери како треба да се сменат работите постојат надвор од нашите граници. Естонија ја дигитализираше администрацијата и за десет години ја намали корупцијата за седумдесет проценти, со раст што надмина осум проценти годишно. Грузија, по реформите на полицијата, за неколку години стана една од најбезбедните земји во Европа, а инвеститорите ја препознаа токму по стабилноста и предвидливоста на нејзиниот систем. Финска ја изгради својата економија не на ресурсите, туку на довербата. Онаа доверба дека институциите работат за граѓаните, а не против нив.
Во Македонија, корупцијата одамна престана да биде само дел од политиката, таа стана дел од начинот на преживување. „Сите така прават“ е реченица што звучи како оправдување, но е вистинскиот опис на националната депресија. Таа реченица ја убива амбицијата на чесниот човек, ја задушува креативноста на младиот претприемач и ја претвора државата во систем на услуги за малкумина привилегирани. Сè додека оваа логика е на власт, Македонија ќе остане сиромашна, не затоа што нема пари, туку затоа што нема доверба.

  • Кога еднаш ќе се скрши тој ментален образец, кога системот ќе стане транспарентен и одговорен, капиталот ќе се врати сам. Инвеститорите не бараат субвенции, тие бараат стабилност. Граѓаните не бараат милост, тие бараат правдина. А државата, кога ќе престане да краде од своите граѓани, ќе почне конечно да создава богатство. Македонија без корупција би била мала, но горда држава што стои на сопствени нозе. Би имала економија што расте не од случај, туку од доверба. Со раст од седум до десет проценти годишно, за осум години би го удвоиле бруто-домашниот производ и би се доближиле до словенечкиот стандард, не со чудо, туку со дисциплина

Но, кога еднаш ќе се скрши тој ментален образец, кога системот ќе стане транспарентен и одговорен, капиталот ќе се врати сам. Инвеститорите не бараат субвенции, тие бараат стабилност. Граѓаните не бараат милост, тие бараат правдина. А државата, кога ќе престане да краде од своите граѓани, ќе почне конечно да создава богатство.
Македонија без корупција би била мала, но горда држава што стои на сопствени нозе. Би имала економија што расте не од случај, туку од доверба. Со раст од седум до десет проценти годишно, за осум години би го удвоиле бруто-домашниот производ и би се доближиле до словенечкиот стандард, не со чудо, туку со дисциплина. Во таква Македонија, парите што денес исчезнуваат во бездната на наместени тендери и проценти од доделена зделка би оделе во училишта, болници и патишта. Буџетот би добил речиси милијарда евра годишно само затоа што државата престанала да ги краде сопствените граѓани. Јавниот долг би почнал да се намалува, платите би се зголемиле, а најголемиот парадокс би бил дека тогаш никој повеќе не би морал да биде „близок до власта“ за да преживее.
Корупцијата ја направи Македонија бедна не затоа што нема ресурси, туку затоа што ја уништи верата во сопствената способност. Ако таа верба се врати, Македонија може да стане вистински пример на Балканот. Држава што не го моли светот за помош, туку му покажува дека чесноста може да биде економска стратегија.
Македонија без корупција не би била совршена држава, но би била нормална држава. А во ова време на општа исцрпеност, можеби токму тоа е најголемиот сон што вреди да се оствари. Живот во земја каде што богатството не се мери по блискоста со власта, туку по силата на идеите, трудот и чесноста. Кога тој ден ќе дојде, Македонија конечно ќе стане држава што престанала да се објаснува и почнала да создава.
Можеби, на крајот, нема да нè уништат ни политичарите, ни партиите, ни нивните бескрајни тендерски фамилии. Ќе нè уништи нашето достоинствено молчење, тоа тивко прифаќање на понижувањето како дел од националниот идентитет. Ќе нè уништи навиката да се наведнуваме пред секоја неправда, само затоа што сме се научиле дека така се преживува. Македонија нема да пропадне од кражбата, туку од тишината. А гледаме како нè крадат со рамнодушност што одамна престана да биде страв и стана карактер. И кога ќе дојде тој последен ден, нема да остане никој што ќе нè ограби. Ќе останат осиромашените Македонци, ограбени од сопственото молчење.

Кирил Колемишевски