Почина Игор Југ. Што и да кажам ќе биде лицемерно, зашто не сакам преку туѓата несреќа да правам себепромоција како многумина на социјалните мрежи. Го молам неговото семејство за прошка, бидејќи со овие редови им се мешам во најтешките емотивни моменти. Но мора да споменам дека во смртта на Игор Југ има соучесници. И не сакам да посочам прст во системот, затоа што тоа ми е премногу воопштено. Соучесници во неговата смрт се оние што ја водеа специјалната војна против Македонија и ги инсценираа настаните од 27 април, власта што дојде неуставно и преку злосторничко здружување го смени името, обвинителството и судот, кои спроведоа политичко полициски монтиран судски процес и пресудија со однапред напишани обвиненија. Нема што тука повеќе да се додава, освен фактот дека жртвите на овие монструозни настани мора итно да бидат на слобода.
Не ја познавам правната наука. Не знам дали претседателката на државата може веднаш да ги помилува невино осудените или прво тие сами треба да го побараат тоа од неа, но ми се чини дека трето нема. Доколку претседателката може да ги помилува, веднаш мора да го направи тоа, бидејќи како дама што доаѓа од правната наука, добро ја знае максимата, подобро сто криминалци на слобода отколку еден невин во затвор, а тука не само што станува збор за невино осудени туку и за тортура спроведена врз нив долга речиси цела деценија. Доколку невините жртви најпрво треба да поднесат барање за помилување за да може претседателката да дејствува, ако ме читате, ве преколнувам, браќа, понизно ве молам, веднаш да го сторите тоа и не, нема да ви остане трага на името и белег во душата дека сте виновни за нешто што не сте сториле, затоа што, најпрво сите знаеме какво зло ви спроведоа џелатите и, секако, можете да продолжите да ја барате правдата излезени на слобода, која веднаш ја заслужувате.
ЗНМ и Синдикатот на новинари кренаа глас против Трамп и Маск, кои замаваа по УСАИД, па ни објаснија дека тоа е напад врз независните и критички настроени новинари. Мајко мила! Па јас до вчера мислев дека ЗНМ значи „Зависни новинари на Македонија“. Зависни од странски грантови. Патем, повеќето новинари ми изгледаат како да избегале од „Новинарството во Тенеси“. Независни, ама со парите на владини институции од други држави. Критички настроени, ама кон националните интереси на сопствената татковина со цел нејзино идентитетско обезличување преку нацистички договори. А јас повторно ќе ви речам, без паника, за оние што не можат критички и независно да размислуваат без нечии грантови, секогаш се наоѓаат нови спонзори, денес САД и ЕУ, а веќе утре тоа можат да бидат Кина и Русија.
И така полека стигнавме до грбот. Симболично кажано, грбот е симбол на оваа држава, затоа што народот што живее во неа, не се дели, на пример, на Македонци и Албанци, христијани и муслимани, верници и атеисти, левичари и десничари, туку на оние што имаат или немаат грб. Не, ’рбет, да не се разбереме погрешно, туку грб.
Океј, започна дебатата за промена на грбот, поточно, се кренаа пискотници, кои циничниот намќор во мене тешко ги вари. Оти јас сум веднаш да се промени грбот. Имам и предлог што можам да го аргументирам со неоспорни факти. Новиот грб на Нордистан треба да биде (формално) гордо исправен и (суштински) сериозно смрдлив кенеф. Нордистан и ние што живееме во него го заслужуваме тоа. Најпрво, затоа што таму ги фрливме Македонија и нејзиниот идентитет, за да влеземе во друштво што врз нас практикува нацишовинизам, патем, продолжуваме да го правиме тоа и второ, затоа што како генерации диво месо требаше да завршиме во кенеф, ама не симболично, туку буквално, како што кажува и ликот во драмата на Горан Стефановски.
Туку да видиме чии пискотници слушаме околу можната промена на државниот грб. Врескаат оние што насилно, преку злосторничко здружување и терористичко загрозување на Уставот, спроведоа идентитетски холокауст врз Македонија, променија име, укинаа вековен континуитет на македонскиот бит, сменија историја како слуги на изопачената моќ, се посраа врз референдумската волја на народот, а задникот си го избришаа со придобивките од АСНОМ и сето тоа за да можат безмилосно да ја ограбуваат државата. Рамо до рамо со нив, вреснаа и оние, од нивниот мецена наречени шуто и рогато, шарените револуционери за една употреба, кои прекуноќ се ребрендираа во големи патриотишта, како што на времето комуњарите „магично“ станаа демократи, но беа и дел од бандата крадци на бонуси во СЈО, чија, пак, основна задача беше да врши правен терор и судски линч преку монтирани процеси за да ги принуди политичките противници на потклекнување и одработување на сето она гореспоменато што првите врескачи ѝ го направија на Македонија или, поинаку кажано, колку и да глумат загриженост за грбот, и едните и другите се во темелите на Нордистан и идентитетскиот холокауст преку кој истиот тој е создаден, што одново нè враќа на кенефот како исклучително прецизен избор за нов грб на државата. Патем, да си знае јавноста, немам никаков проблем ако организирано и здружно вреснете против мене и ова што којзнае по кој пат го пишувам, напротив, кладите на социјалните мрежи за палење неистомисленици ги доживувам како мека постела каде што толпата силува, а јас оргазмично уживам, зашто знам, на крајот, вистината најмногу ќе го боли оној што камшикува во име на лагата.
Не ми остана доволно простор да му се заблагодарам на претседателот Трамп за забавата што секојдневно ми ја приредува и не, не мислам на она што почна да го прави глобално, туку тоа што го спроведува низ Штатите, а јас, бидејќи секоја вечер, (пријателите ми велат дека сум за стручно набљудување) последните половина час пред заспивање ги поминувам гледајќи во избезумените лица и паниката во очите на новинарите од Си-ен-ен, кои не можат да пофатат што сè им се сервира од овалната соба, просто уживам во шокираноста на оние преку кои зборува длабоката држава, а богами, по телефонскиот разговор помеѓу Путин и Трамп, истата избезуменост започна низ Европската Унија, инаку позната и како послуга на таа иста длабока држава. Што ќе излезе од сето тоа, допрва ќе следиме, шоуто секако продолжува, она што е важно да се каже е дека секоја држава си има свој „дип стејт“ и ако сака да си ја спаси сувереноста, не гледам друг начин за борба, освен жестокоста со која американскиот претседател започна, а дали ќе издржи, тоа е сосема друга приказна.