Живееме во сериозен свет. Страшно сериозен геополитички свет. Јас веќе уста на отворам кога се прават сериозни геополитички муабети. На астал, пред гранапче, по социјални мрежи. Не ми доликува да се мешам. Несериозен сум. Немам капацитет за сериозна расправа. Политика, геостратегија, тензии, војни, економија, нафтени кризи, петродолар, берза… не може мојот несериозен писателски ум да ја дофати таа стравично комплексна материја.
Не е на арно работава, брат! Ноќеска ќе се искачи цената на нафтата на 111 долари за барел, а тоа значи дека и светските индекси на берзите ќе паднат. Лошо му се пишува на светот.
А зошто?
Како зошто? Војна со Иран. Ормуски Теснец. Комплексна геополитичка ситуација. Шах, човече. Позаебано од шах. Вистинската заднина на војната. Конфликтот меѓу САД и Кина. Што ќе одиграат ЕУ и Русија? Моќта на петродоларот. Светата војна на Израел. Библиски потреси. Ционистичко-евангелистичка црква против ајатоласите на џамахиријата. Нова распределба на моќта. Катар, Емирати и Саудиска Арабија. Криза како онаа околу Суецкиот Канал. Што планираат Египет и Турција? Ама не можеш да разбереш. Геополитиката е сериозна работа. Трамп рече дека ќе ги нападне инфраструктурните капацитети на нафтената индустрија на Иран. И берзите откачија. Цената на нафтата до плафон.
Моите инфраструктурни капацитети во главата не можат да процесираат вака комплексни геополитички превирања, ама да не отскокнувам од мнозинството, си легнувам во паника мислејќи на сите оние силни барели и индекси кои ноќва ќе се соочат со крајно сериозни потреси и не можам да заспијам затоа што не знам во каков свет ќе се разбудам утре, оти некако се чувствувам веќе старо за „Лудиот Макс“ дистопија и, така вознемирен, одеднаш ја чувствувам нежната рака на Шарлиз Терон, облечена и нашминкана како Фуриоза, која почнува да ми пее приспивна песна и јас полека запаѓам во зззззз… А утредента…
Што правеше ноќеска?
Водев љубов со Фуриоза во нејзиниот камион среде Вејстленд.
А бе, само заебавај се ти кога светот е пред апокалипса. Јас цела ноќ око не склопив. Очи ми истекоа зјапајќи во берзански графикони, ама добро е, брат, цената на нафтата падна на 90 долари за барел, а европските индекси на берзата се стабилизираа.
Да? А зошто?
Како зошто? Па Трамп се премисли, рече дека нема да ги напаѓа инфраструктурните капацитети на иранската нафтена индустрија.
ШТО??? Само толку? Рече дека ќе напаѓа и светот почна да се костимира во лудиот Макс, ама сега се премисли и одеднаш сè е океј. Значи си играме „Сајмон сејс“, тоа ли е муабетот?
Кој Сајмон?
Батали! Трамп рече и тоа е тоа?
Да бе, брат, џабе ќе се обидувам да ти објаснувам, ова се сериозни геополитички превирања, немаш капацитет за такво нешто.
А зошто тогаш Трамп не каже дека ќе ги бомбардира инфраструктурните капацитети на иранската порно индустрија?
Прашањето предизвикува благ шок кај мојот соговорник, при што неговиот сериозен израз на лицето преоѓа во телешка експресија. Како да му уфрлив фигури од „Не лути се, човече“ среде тешката геополитичка партија шах или да му подметнав шпанска мушичка во процесорот за контрола на неговите мисловни инфраструктурни капацитети за геополитичко расудување. Неколку секунди му требаат да се соземе. А потоа…
Иран нема порно индустрија и зошто ме прашуваш глупости?
Не бе, онака, чисто да видиме што ќе се случи со цената на барел афродизијак и со индексот на страсни воздишки низ берзите.
Не бе, не! На вас писателите треба со закон да ви се забрани мисловен и вербален пристап до сериозни теми како геополитика. Едночудо луѓе со недостиг од бесмислена фантазија вложиле години труд да израснат во геополитички, аналитички и експертски колоси и на крајот да дочекаат да им се појави некаков беден писател, кој на сите нивни жртви ќе им се посере со своите метафори, сарказам, гротеска и…
И синегдоха.
Што Доха? Остај ја ти Доха. Доха, Ријад и Дубаи можеби сега се во тешка состојба, ама на крајот Техеран, Москва и Пекинг ќе ги изеде темницата, само ти не заслужуваш да ти објаснувам. Не можеш да разбереш. Немаш капацитети. Отсуството на аналитички пристап кон светските превирања се обидуваш да го надополниш со глупата фантазија, ама џабе ти е, фантазијата не се мери во барели, што автоматски ја прави бескорисна. Среќа што никој не ве есапи, оти ако ги слушавме таквите како тебе, никогаш немаше да влеземе во НАТО.
Во право си. Нафта се пие, фантазијата опива. Туку, кога го спомна НАТО, имам едно геолингвистичко прашање. Знаеш што значи кратенката НАТО?
Тоа и мали деца го знаат.
Не ако пораснат и станат политичари. Знаеш или не знаеш?
North Atlantic Treaty Organization.
А ОТАН?
Organisation du Traité de l’Atlantique Nord. Француски, шпански и португалски превод на НАТО. Зошто?
Па, зошто и ние да не направиме наша транскрипција? САДО звучи некако многу пологично и симболички прецизно. Или ОСАД. О, САД уште подобро. А кога ќе станеме НАТО-лидери може да додадеме и М пред О, САД, па скратеницата ќе звучи скроз мадафака како…
На ова мислев. За секој писател, само „Процес“ му е мајката. Се буди и цап… лисици на раце.
Знам и јас да бидам геополитички сериозен. Тоа што за човекот е водата, за економијата е нафтата. Ама никој не обрнува внимание на влијанието. Влијанието е моќ, а моќта диктира геополитика, војни и економски кризи. Затоа мора да се види и позитивната страна на оваа војна. Можеби државите се во паника поради залихите нафта, кои од ден на ден им се намалуваат, ама треба да се среќни дека капацитетите за влијание нагло им пораснаа.
Што сакаш да кажеш?
Па, сите инфлуенсери, особено инфлуенсерки, се вратија во своите држави бегајќи од воените жаришта.
Ма, носи се бре во…
































