По децении промашувања во надворешната политика и стратегиски порази, Македонија е заглавена во „дипломатијата на пенкалото и вратоврската“ и слепата посветеност на идејата за евроатлантска интеграција како „света судбина“ на државава. Надворешната политика на Македонија стана заложник на умот на безумните политичари неоптоварени со мисловниот процес и со три грама школо, кои го компромитираа националниот интерес за лична корист. Тоа е срамно, но може да биде и погубно за државата доколку новата власт не дејствува брзо и решително во надворешната политика. Моментот за дејствување на власта не можеше да биде полош, зашто македонската надворешна политика е контролна листа на неуспеси, оставени како сидро што нѐ влече надолу. Неспособноста да се совлада политичката динамика во надворешната политика ја остави вратата отворена на соседните држави да работат на подолги временски рамки кон конкретни цели на обезличување на македонската држава и нејзина маргинализација во меѓународните односи. Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се доказ за моќта на лошите идеи во надворешната политика и споен мозаик на преклопени стратегиски интереси на државите во нашето опкружување, кои се подготвени да ги искористат сите расположливи средства за да ги остварат своите историски интереси кон Македонија. Затоа власта мора да почне да гради нова надворешнополитичка стратегија за да ја избави државата од заложништво на „политиката на шахтите“ на претходната власт.
Можеме ли да излеземе од ќор-сокакот на безумието во кое сме втурнати како држава во односите со нашите соседи? Едноставно: може ли да се поправи македонската надворешна политика? Без оглед на нашите често навидум самоуништувачки напори да ѝ се додвориме на меѓународната заедница во нашите заложби за интегрирање во Европската Унија, од суштинско значење за оваа власт е да го признае степенот до кој се влошени структурните пукнатини во нашето надворешно политичко претставување и да почне стратегиски да ја менува нашата надворешна политика. Ова не значи дека треба да се повлече од светот изолирајќи се, да ги поништи сите свои постојни обврски, или да не презема нови. Но ќе мора да ги разгледа и менува оние преземени обврски на надворешнополитички план, кои ја ставаат во ризик државата во меѓународниот систем, притоа раководејќи се од највисоките национални приоритети. Не менувајќи ја сегашната траекторија во надворешната политика власта може да ја постави сцената за катастрофа. Затоа, прво што мора да се направи за да се свртат работите во наша корист е да се идентификуваат недостатоците во концепцијата и водењето на надворешната политика и да се поправи она што може да се поправи. Поточно, да се амортизира штетата што претходната власт ја нанесе врз националните интереси, како основа за дефинирање на нашите надворешнополитички цели. Новата власт мора да инсистира на изменета улога на македонската држава во надворешнополитичкото дејствување, каде што ќе биде повнимателна кон вредностите и долгорочните интереси на своите граѓани, кои претходно беа лесно распродадени, изманипулирани од меѓународниот фактор и слепо консумирани од власта.
Исто така, власта треба да престане да размислува за моќта во надворешната политика, а да почне да размислува за влијанието. Нашето вистинско влијание во односите со другите држави ќе може да се процени само со нашата способност да го добиеме она што го сакаме во односите во меѓународниот систем раководејќи се од националниот интерес. Ова влијание произлегува од две варијабли за кои креаторите на политиката на Македонија премногу малку размислувале досега: довербата на другите дека Македонија легитимно ќе се бори за националните интереси во меѓународната заедница; и вербата во самите себе дека сме способни да го постигнеме она што сме го зацртале како надворешнополитички цели. Зашто досегашните неуспеси во планирањето и извршувањето на надворешната политика оставија белег на сликата за државата на меѓународен план: нè направија да изгледаме погрешно и ранливо во односите со другите држави. Она што е највпечатливо за последните седум години е степенот до кој, поради постојаната ерозија на легитимитетот на државата, се зголеми скептицизмот за нашата компетентност во надворешната политика. Власта мора да покаже дека заврши „едношалтерското купување“ во надворешната политика на државава.
Власта мора да креира амбиент за надворешнополитичко претставување на државата со кој ќе ја потврди подготвеноста да се подложиме на меѓународните правила, да продолжи да се потпира на меѓународните институции à la carte, извлекувајќи ресурси од нив кога е погодно и да бараме од нив строго почитување на меѓународните правила што сами ги пропишале. Стратегиски преориентирајќи се кон поголема селективност во своите обврски и ангажмани надвор, власта конечно ќе проектира почитување на суверенитетот и суверената еднаквост на нашата држава и ќе потврди дека ништо не е вечно во меѓународните односи, освен интересот. Вклучувајќи го и оној на Македонија. Зашто помина времето на полирање на чевлите на меѓународните бирократи, кое го најави премиерот.
Проф. Звонимир Јанкулоски