Пред секое училишно тримесечје обично се прават тестови и писмени и има испрашувања, затоа што учениците треба да добијат оценка за постигнатиот успех во одреден наставен период. Период на проверка на наученото. Секој наставник знае колку и како постигнал знаења неговиот ученик. Се разбира, тоа е период на многу активности во текот на целата учебна година, кои се следат и се бележат во евиденциониот дневник на наставникот, што е доказ за предложената и напишаната оценка од наставникот. И секој ученик добива можност да поправи, доколку се случи да не биде задоволен од резултатот што го добил. Но што е поважно – оценката или трајното знаење? Секако, трајното знаење. Оценката е само формална бројка на која не треба да се потпира ниту еден ученик. Знаеме дека единицата е лоша, а петката најпосакувана. Акцент не се става на бројчаната оценка, туку на нешто поважно од неа – на знаењето!
Изминативе неколку години, оценката предничи, а знаењето?
Токму така, некако многу повеќе ѝ се придаваат важност и „големина“ на оценката отколку на она вистинско знаење, во секоја смисла на зборот. „Што ќе добијам?“, „не ми пиша тоа и тоа“, наместо: што научив? Многу погрешно! Тоа, некако се случува во континуитет. Не сакам да звучам парадоксално, но зошто се оди на училиште? Одговорот е многу јасен и познат. Верувам и очигледно е дека сега е друго време, технолошки напредно време, дури познато е дека имаме специфични генерации на ученици, но сепак, мора да се издвојат и исклучоците, кои уште од дома тргнуваат со континуирано учење, повторување, начини на однесување итн. и, секако, нема да имаат никакви проблеми и забелешки, ниту со наставата, ниту со наставниците, ниту со околниот свет што ги опкружува. Ги изделувам, бидејќи навистина се во многу мал, редок број. Кај тие деца, навиката за учење еднаш е стекната и ќе трае целиот живот. Не е придобивка да се учи напамет, ниту пак да се спуштаат од интернет, еве на пример, готови прераскажани лектири и сл. (Каде е она реално читање книга?) Толку ли, паметните уреди и социјалните мрежи, ја заменија книгата? – Штета! Штета, непоправлива, која остава и ќе остави трајни последици. Мислам дека е време да се врати учењето и истражувањето од книгите. Не е доцна, потребна е само силна волја. Наместо напамет, со разбирање и критичко размислување да се стекнуваат знаења и вештини, кои понатаму полесно ќе се надградуваат и ќе може во пракса успешно да се применуваат. Тоа е паметно и одговорно. Така треба да изгледа. Тука, се разбира, најголемо влијание на своите деца имаат родителите (со ретки исклучоци), кои никако не смеат да се мешаат во работењето и во одлуките на наставниците, за тоа како ќе ги оценат нивните деца. Тие треба да си ја гледаат својата работа и да им дозволат на своите деца да мислат со своја глава, односно да ги натераат и кога ќе згрешат самостојно да се поправат. Така, ќе имаме многу подруга и пореална слика во воспитно-образовниот систем. Таа промена тешко оди, но никогаш не е доцна да се започне од некој почеток, кој ќе се движи во вистинската насока. Со таа промена се гради: поглед на свет. ДА, за реално стекнато знаење, НЕ, за врски и претерувања. Таа лекција, нека се научи еднаш.
Училиштето е свет храм, а не игроорна
Ред, принципи и кодекси на однесување и почитување треба да постојат, како во училиштата така и во секоја друга работна организација (без разлика дали се работи за државен или за приватен сектор). Во таков среден и координиран систем, очекуван е секој напредок и просперитет. Интеракцијата, а паралелно со неа и социјализацијата: наставник – ученик, е незаменлива и се разбира дека се одвива во училница, исто како што разликата: онлајн/физичко присуство е голема. Но тоа го видовме и насетивме во сите можни облици на одвивање. Столбот на писменоста во една држава е образованието. Без него, не би имале писмена нација. Училиштето е свет храм што дава многу животни поуки и мудрости, тоа е извор на умеењата, интересите, етичките вредности во животот. Непроценливо искуство, кое постојано извира како вруток и од кое може многу да се очекува. Наше е да знаеме правилно да го искористиме. Училиштето во никој случај не смее да наликува на: „игроорна“. Се знае кои се „главните играчи“ во школската средина, јасно е кој стои пред тој млад и убав свет и сака од ученичињата да направи прави ученици. Во таа суштинска врска, никој не смее да се меша, односно да создава неред и притисок. Во дамнешно време, многу дамнешно, петката беше незамислива, а денес? Денес, толку бурно се реагира за неа, па и крајно неконтролирано. Но, искрено, би сакал секој да размисли, и ученикот и родителот и колегата/колешката, кога се бара „надуена“ оценка дали со тоа се прави добро за личноста на ученикот? Одговорот нека биде и остане, еве со јазикот на стилистиката: реторско прашање. На крајот, како наставник што бескрајно ја сака и почитува својата професија, а со неа и сите во училишната средина, особено најмилите, се знае, сакам да порачам: Учете за знаење, а не за подарени оценки! Благосостојбата и придобивката од првата цел ќе ве градат во личности со интегритет и авторитет. Со втората цел не се доловува правата суштина, ами се оди во незнаен правец. Наше е да одбереме која цел сакаме да ја постигнеме. Игроорната се учи низ игри, училиштето се учи низ книги. Ако во тоа успееме, реформите ќе бележат раст и развој.
Ученици: ви посакувам успешни резултати на училиште. Еве го, пред нас, уште некоја недела, и крајот на првото полугодие. Верувам во вашата интелигенција и посакувам паметно да ја користите. Поздрав до моите и до сите други ученици!
Колешки и колеги, вам, исто така, успешно низ трпеливоста и издржливоста во училница. Можеме дури и повеќе отколку што мислиме, гледајќи ги таа љубов и радост пред кои неуморно стоиме. Нашата мисија е одговорна и треба да ја браниме и успешно да ја продолжиме!
Автор: професор Александар Адамовски

































