На мозокот му треба одмор од интернет

Системите за одговор на страв се активираат речиси 24 часа на ден. Да се биде постојано онлајн и присутен во виртуелната заедница не е добро за човечката психа

Повеќе од кога било во човечката историја ние сме одговорни за сопственото ментално здравје. И повеќе од кога било постојат различни алатки што ни го овозможуваат тоа, но виртуелната реалност, светот на интернетот и социјалните мрежи зазедоа толку голем дел од просторот околу нас што е тешко да се исклучиме од него. Сепак, тоа е апсолутно неопходно ако размислуваме за нашето ментално здравје.
– Секој момент од денот и секое моментално искуство носат физиолошки отпечаток. Мислите и емоциите се регистрираат во мозокот, во биохемиските процеси, физичкото здравје, но и во емоциите и во психата. Како што знаеме дека телото се менува ако вежбаме редовно и се храниме правилно, така и емоционалните системи се приспособуваат според начинот на кој ги тренираме. Емоционалниот систем е „трениран“ од секое актуелно искуство, во зависност од тоа како живее човекот, на што е фокусирано неговото внимание, на што е ментално ангажиран – објасни психологот Алан Доерти во напис објавен во списанието „Сајколоџи тудеј“.
Таа предава Управување со стресот и емоционално здравје на Политехничкиот државен универзитет во Калифорнија.

Реагирање на страв

Емоционалното здравје, објасни Доерти, е поттикнато од една страна од одговорот на стравот, а од друга страна од нагонот кон смиреност и поврзаност. Тие се две сосема различни физиолошки состојби и двата нагона се неопходни за да опстанеме како вид.
– Онаму каде што сте најчесто е местото што доминира со вашето емоционално и ментално здравје, без разлика дали е тоа страв или мир и спокојство. Кога премногу често или предолго сте изложени на страв, се појавуваат чувства на вознемиреност, нервоза, грижа, беспомошност, безнадежност, стрес, лутина, депресија, како и проблеми со концентрацијата и многу повеќе – предупредува таа.
Од друга страна, луѓето што се смирени и повеќе поврзани имаат оптимистички став кон животот, креативни се и поспособни да се соочат со проблемите и да ги решаваат. Тие се исто така помалку осамени и поспособни да препознаат можности, шанси и решенија.
– Иако инстинктот да се одговори на стравот е неопходен за преживување, ако постојано се соочувате со страв, тој може да биде штетен. Спротивно на тоа, создавањето моменти во кои доминираат смиреност и желба за поврзување има позитивен ефект – објасни Доерти.
Денес, додаде таа, луѓето се обземени од страв и тој демне од премногу страни. Има малку одмор и причина за смирување. Таа потсети како во античко време на едно село можел да му се заканува тигар, но откако ќе поминела опасноста и тигарот ќе се повлечел во шумата, луѓето се смирувале, односно нивните емотивни системи се враќале во мирна состојба.

Игнорирајте ги вибрациите и зуењето

Постоеше подобра рамнотежа помеѓу време на тревога и време на смиреност. Луѓето имаа време да се вратат на смиреноста и секојдневието. Сега нашите системи за одговор на страв се активираат речиси 24 часа на ден. Нашата перцепција за закана во голема мера е резултат на нашата интеракција со технологијата, а многумина од нас се во дигитално преоптоварување 24 часа на ден. Секогаш кога ќе слушнеме зуење и вибрирање на мобилен телефон или паметен часовник на нашиот зглоб, се активира системот за одговор на страв и исчезнуваат неопходните моменти за одмор и смиреност. Иако секоја интеракција може да изгледа безначајно сама по себе, сето тоа се собира и му штети на целокупното ментално здравје – вели психологот.
За да бидеме емотивно здрави и урамнотежени, неопходно е да пронајдеме техники за релаксација и смирување, кои треба да бидат дел од нашата секојдневна рутина.

Како да постигнете смиреност

– Медитирајте;
– Најдете начин во вашите мисли да бидат присутни луѓето што ги сакате, дури и кога сте сами;
– Правете дигитална детоксикација – еден час дневно или повремено цел ден;
– Поминувајте време во природа;
– Занимавајте се со хоби;
– Смејте се често, гласно и од срце;
– Направете листа на она во што уживате да го правите и секојдневно занимавајте се со тоа.

Мариота Влаисављевиќ