Дојде моментот за „лаф-муабет“ изнуден од немај-каде бидејќи јавниот повик од страна на репортерот Поинаковски преку јавните гласила не можеше да се одбие. На средбата во вилата на Демократијата во која беше организиран приватен маскенбал, личноста што требаше да даде интервју се појави во руба на кловн. Кловнот носеше шапка со разиграни пискули, груб стап во едната и морков во другата рака. Веројатно се работеше за некој перформанс. Околу базенот имаше многу маски зад кои се криеше џет-сетот ама и фукари што се протнаа за да дрпнат нешто од богатите. Протокол-мајсторот донесе еден глобус, а кловнот горделиво стапна со нога врз него. Глобусот застенка. Веројатно се работеше за еден вид вештачка интелигенција.
– Бараше средба со мене?
– Простете, а кој сте вие?
– Сега се правиш нетокму. Ти си тој што сакаше средба со мене и лаф-муабет. Последното интервју што ти го дадов, а кое беше доста провокативно, не ми се допадна. Ама ајде, си реков, повторно да ги соочиме фактите.
Репортерот се удри со дланка по челото.
– Заборавив дека постојано носите маска, Демократијо. Гледам дека организиравте маскенбал, па тешко е да се препознае вистинско лице. Претпоставувам дека меѓу поканетите има пирати, анархисти, комунисти, леви, десни, десни кон центар, леви кон периферија, корумпирани, нелојални, превртливи, малоумни, агресивни, покорни и какви се не ликови, кои во суштина се безлични. Но, кога сме тука, да почнеме ако немате ништо против. Потенцирам, за читателите на мојот весник, имам повторно лаф–муабет со Демократијата. Искрено, токму во мигот кога ѝ пукаат шевовите на ризницата со нејзините вредности.
– Го гледаш стапов?
– Ми се заканувате? Зарем на Демократија ѝ приличи со стап да ги решава несогласувањата?
– Немој да инсинуираш. Јас во моментов го подигнав морковот, а тебе ти се виде стап. Освен тоа, за какви шевови и за какво пукање зборуваш?
– Што се однесува до шевовите, сосема е видливо. Како што знаете, овде со мене се претставници на Седмата сила. Тие сите видоа пример на закана. Нели е така, колеги?
Молк. Никој не потврди, туку само ги сведнаа главите. Репортерот се вџаши бидејќи не знаеше зошто толку се плашат од Демократијата.
– Што се однесува до вредностите за кои реков дека се разводнуваат сѐ повеќе и повеќе, а чиј корен потекнува од антиката, веќе сме заситени од тие понуди, кои на некој начин сѐ повеќе се декадентни и крадат буква по буква од вашето свето име. Некако сѐ стана стереотип, конзервативно, безнадежно испревртено. Зарем се браните само со флоскули?
– Мразам кога ја извртуваш вистината, репортеру. Јас навистина го кренав морковот и понудив питомина. Воопшто не ме засега што сте виделе ти и твоите колеги. Впрочем, моето секогаш е последно!
– Чинам дека тоа е метод на тоталитаризмот и автократијата?
– Ајде настрана со тоа. Дали одбра теми за разговор?
– Во своето дело „Политика“, Аристотел се обидува да одговори која форма на уредување на општеството е најдобра. Политичките режими ги дели според две начела. Првиот е оној колку луѓе учествуваат во власта, а вториот е како власта ги спроведува одлуките. Тука е исклучена употреба на сила. Сѐ е договор.
– Многу си умен – се смее кловнот. – Аристотел? Секако дека сум го обработувал, но тој е некој друг свет, кој е декадентен и подзаборавен. Ама ти не кажа ништо ново. Зарем јас не ги носам одлуките во договор со мнозинството? Зарем моето владеење не е подредено на потребите на луѓето? Дури и ако употребам сила, тоа го правам во блага форма и дискретно. Тоа е исклучиво заради одбрана на демократските вредности што мнозинството ги изгласало.
– Како Демократија, сметам дека сѐ повеќе се служите со методи на прекумерна употреба на сила. Освен тоа, многу ги забрзувате процесите. Дали човек што на себе носи стотина килограми и е во полна работна сила, може да извади за леб и за другите потреби на семејството? Да бидам појасен, дали со плата може да се обезбеди солидна живејачка?
– Секако, секако!
– За оние што правилно ги разбрале демократијата и нејзините правила, не се сомневам. Но зошто луѓето и во еден толку напреден амбиент, кој може да се пофали со врвни демократски вредности, се принудени да бараат и второ работно место за да опстанат?
– Тоа се должи на нивната лакомост. Зошто им треба повеќе од понуденото?
– Е па, ако е така, тогаш имаме сива или паралелна економија, која ги нарушува правилата напишани од Адам Смит, нели?
– Смит го предвидел и тоа, па затоа постојат санкции за сличните аномалии на кои не е имуно ниту едно општество ниту напреден систем како мојот.
– Санкции? Но кога се санкционира, се раѓа малигност, односно корупција, поткуп. Зарем вие како Демократија се служите со санкции, а корупцијата ја аминувате?
– Ако е потребно, да. Јас сум процес што може да погреши на патот кон постојано градење на кројката што ја поставиле античките мислители.
– Простете, но вас ниту за главата ниту за опашот. Едноставно, ми личите на риба. Ако е така, тогаш да одиме по ред. Кои се вашите клучни поими?Ќе ве потсетам дека тоа се слобода, плурализам, правда, еднаквост, одговорност, јавен интерес. За да не ја шириме темата, ќе спомнам нешто и за темелите на вашата кројка, како на пример сувереност на народите, владеењето на мнозинството, правата на малцинствата…
– Зошто ми солиш ум кога јас стојам зад секој од клучните поими и темелите на мојата кројка?
– За да посочам на тоа дека поимот слобода сѐ помалку е карактеристика на човештвото и дека нејзината суштина ја чувствуваат само одбрани. Со плурализмот се случија вистински поделби меѓу луѓето и алчност за власт бидејќи таа гарантира полни џебови. Во него секој посакува да стане министер. Потсетете ме што беше тоа правда? Правдата е мислена именка, која постои само во главата на обесправените, кои уште долги векови ќе ја бараат мислејќи дека ќе ја најдат. За еднаквоста воопшто и не ми се зборува бидејќи и таа сигурно ќе си остане белег за иднината…
– Ти да не си идеалист, тврда главо? – реагираше гневно Демократијата и повторно замавна со стапот. Веројатно тоа ѝ беше влезено во навика. – Што можам јас тука кога од раѓање не сме еднакви? Како можам да се мешам во работите на Севишниот?
– Иако сум агностик, честопати во моите молитви барам од него да стори нешто за еднаквоста, но и за другите клучни поими на Демократијата, Демократијо. Што се однесува до темата со која можеби најмногу се фалите ќе додадам дека како мошне интересен тренд во процесот на владеењето на мнозинството се нагласува можеби подзаборавениот термин „моја банда – твоја банда“. Кој ќе се обиде да застане на средината, тој настрадал и нема ниту ронка ум во главата. Единствено може да се надева на уште еден од темелите на вашата суштина, а тоа е еднаквоста на луѓето пред законот.
– Слушај ваму, ти си закана за демократијата, репортеру! Тебе треба да ти ја затнам устата за да не шириш фејкирани гласови. Сѐ до пред твоето појавување на јавната сцена, никој немаше ништо против моите постапки и правила. Затоа, умот во главата. А сега бриши оттука!
– Умот го носам со себе, а со разумот ги оспорувам востановените правила, кои се извитоперуваат. Останавме недоискажани околу силната милитаризација на општествата. Зарем се враќаме во минатото, Демократијо…?
– Едно да си знаеш – Демократијата го впери стапот во репортерот – вината не е кај мене како систем. За тоа ќе мора да бараш одговори од господата што застапуваат методи на апсолутизам. Тоа ќе го откриеш кај диктаторите, кои себеси се ставаат над државата и го попречуваат мојот напредок.
Репортерот тешко воздивна.
– Така е, но јас не гледам некоја голема разлика…, патем, вие треба да се вакцинирате!
– Да се вакцинирам? Што зборуваш ти?
– Да, по препорака на здравата логика, Демократијо. Треба да примите вакцина против мутации. Освен тоа, носот многу често ви расте! Сетете се на Пинокио.
Демократијата замавна со стапот, а репортерот му ја летна да бега за да се спаси од нејзината долга рака. Таа го истури својот насобран гнев врз глобусот. Силно го стапна со нога и притоа му ги извади ѕврцките…
Љубомир Јованоски