На Исток се робува за слобода, на Запад слободен си да робуваш

Имав идеја за научнофантастичен роман, сајберпанк дистопија што ќе ги обедини сите култни дистописки приказни. Во блиска иднина постои една држава и власт што ја владее планетата. Моќта спроведува крајно налудничав систем на владеење. Сите морбидни општествени системи смислени од писатели и сместени во нивните дистописки романи, изопачената моќ ги има вградено во реалноста. Сето она што писателите го смислиле како гадост што нè очекува, поаѓајќи од максимата на Реј Бредбери дека „научната фантастика не треба да ја предвиди, туку да ја спречи иднината“, светската влада го имплементирала како сурова пракса. Луѓето не знаат дека живеат во свет веќе измислен од книжевници, дека егзистираат меѓу редови, од „1984“ на Орвел, преку „Ние“ на Земјатин, до „Сонуваат ли андроидите електрични овци“ на Филип К. Дик. А не знаат затоа што книгите се забранети и збришани од стварноста како во „Фаренхајт 451“ на Бредбери.
Не го напишав романот. Ми стана јасно дека мојата идеја веќе се спроведува. Не буквално, до последна запирка што ја смислиле книжевните генијалци на фантастиката, ама забележав голем дел од нивните фантазии, на каде не треба да оди светот, имплементирани во секојдневјето, што ме натера да се соочам со фактот дека моќта веќе ја пишува мојата идеја исткаена од туѓи приказни, и тоа тука, среде „меѓународната заедница“ на Западот.
Нема да ве шетам низ научнофантастични ремек-дела што можеби и не сте ги читале, ќе се задржам на „1984“ од Џорџ Орвел, романот што повеќето го знаете. Трите постулати со кои владее системската диктатура на Големиот брат се: „Незнаењето е моќ“, „Војната е мир“ и „Слободата е ропство“. Сите три веќе се имплементирани кај „меѓународната заедница“ како врвни цивилизациски вредности.

Многу мои врсници или пријатели постари од мене честопати велат дека денешното образование, за разлика од она во нивно време, е крајно девастирано и намерно уништено. Се согласувам со тврдењето дека образованието е намерно уништено. Но, тоа не е процес што се случува во 21 век. Напротив. Кога јас го почнав својот образовен пат, токму во 1984 година, образованието веќе беше уништено. Уништувањето секако е намерно, добро осмислено и низ деценииве спроведено, ама како идеја започнува по Втората светска војна, а во пракса го спроведоа токму оние демек слободоумни, кои се нарекуваа „шеесетосмаши“, и тоа кога самите станаа моќни, леви или десни политички субјекти.
Ова сценарио, дека незнаењето е моќ, децениски спроведувано, денес е секојдневје. Можете да го видите, од богатиот бизнисмен што со гордост вели „немам прочитано ниедна книга, па, види, што ми фали“, најдолгата реченица што некогаш ја склопил, преку вообразениот новинар на Си-ен-ен со плиткоумност брендирана како елитизам, кој на крајот од интервјуто со Роџер Вотерс (музичарот не ѝ дава поддршка на Украина, бидејќи ја гледа големата слика), бива испратен до најблиската библиотека за нешто да прочита, оти не може да разбере што му зборува ерудитот од „Пинк Флојд“, па сѐ до… па сѐ до Камала Харис.
Војната е мир. Па, нормално! Да, нормално, ама не и буквално. Оти војната е мир ако ја започнат САД, ЕУ и НАТО, ама војната исто така е агресија, кога зад неа стои злото наречено Русија. Ако незнаењето ти е моќ, тогаш претходнава реченица за тебе е апсолутна вистина и фактот дека си лицемерно глуп е небитен, зашто од уши ти течат западни вредности како припадник на граѓанството урбани луѓенца.
Војната е мир како нафта за храна. Кога САД и нивните сојузници вршат геноцид врз ирачки цивили, затоа што на Буш и Блер, нивните корпорациски шефови им рекле дека таму има хемиско оружје кое Ирачаните вообичаено го кријат во детски џебови, тогаш имаме војна за слобода, мир и демократија. Ирак е само камче во мозаикот држави каде што западната моќ спровела воени агресии за воспоставување траен мир кај нападнатите „диви“ народи. А има ли потраен мир од смртта?
Тоа што Русија тврди дека нивната воена интервенција врз Украина е за да се заврши војната почната во 2014 година кога украинската власт тргна во крвава пресметка со дел од својот народ, односно, акција на Кремљ со оружје да се донесе мир по саботирањето од Запад на мировните договори, мора да признаеме, звучи глупо, и тоа од лингвистички причини. Да, да, истото кажано на англиски, француски или германски звучи кул и веднаш ти е јасно дека нивната војна е за мир, а изговорено на руски, сеедно што исто кажуваат, добива грозен агресорски призвук, затоа што јазикот е глуп и агресивен.

Остана уште она, слободата е ропство, ама веќе немам простор во колумнава, а јас тоа намерно. Ја ползувам слободата на моето ропство да не го изговорам она што го чувствувам, оти ич не ми се оди патот на Асанж, Сноуден и Дуров. Тројцава едноставно не сфатија што е слобода на говор. Моќта убаво дефинирала, слобода на говор е да имаш право на мое мислење, а не да кажеш што ти мислиш или чувствуваш, оти кога зборуваш против таа иста моќ, тоа е говор на омраза и треба да се казни, затвори, ликвидира. Гореспоменатава тројка исто така не разбрала што е разликата меѓу Исток и Запад. Во диктатурите на Русија и Кина луѓе робуваат за слобода, а во демократијата на САД и ЕУ ја имаш сета слобода да робуваш.
Патем, оној Путин гадно ја оплеска работата. Да го пикнеше навреме Дуров во затвор, сега сопственикот на „Телеграм“ ќе беше и жртва на злото и херој на вечноста, оплакуван и славен од слободоумниот Запад, а продуцентите на „Навални“ ќе направеа документарец за него што ќе беше крунисан со „оскар“. И што направи Путин? Не го уапси и сега Павлушка е соучесник на кримоси, терористи и педофили.
Третиот постулат на Орвеловиот Голем брат, „Слободата е ропство“, најбавно се спроведува, но не значи дека не тера по зацртаниот пат. Ако САД во моментов се идеолошка и економска локомотива на Западот, сè ми се чини дека овие што постојано врескаат против вториот амандман (оружјето), всушност со сите сили работат на укинување на првиот, слобода на говорот. Затоа што, да не заборавиме, сите ние имаме право на нивно мислење и целосна слобода да им робуваме.