На час никогаш не се оди неспремен

Има едно многу поучно правило кое вели дека на час никогаш не се оди неспремен. И треба да важи секогаш пред учениците да го пречекорат училишниот праг. Читањето, а со него и учењето, е темел на сите знаења, јазични вештини и способности. Од читањето се тргнува. Учиме во текот на целиот живот и тоа е основа на нашето суштествување односно постоење. Кој како ќе се описмени, тоа е веќе друг проблем. Да запомниме и никогаш да не заборавиме дека без знаење, нема напредок, нема снаодливост, нема брзина во ниту една работа. Не случајно тука ќе цитирам една добра мисла, која гласи: „Во секоја работа треба да се биде мајстор, а не маткач“. Свесни сме дека се соочуваме со бавно (не)функционирање на институции речиси во секоја област од општествениот систем, а сепак сакаме, на пример, да завршиме работа што е можно побрзо, тука нормално треба да се споменат исклучоци каде што работата „лета“, ама тоа е веќе искуство, веќе совладано и научено. И тука, работите не можат да се променат. Ако се вратиме години наназад во образовните клупи, ќе се присетиме зошто е тоа така, зошто денес недостига и нема професионалност во познавање и знаење при извршување одредени задолженија и задачи, а со тоа секако и пропусти.
Образовната основа е темел, корен од кој или ќе никне растение или ќе се исуши. Но, основата тргнува од наставниот час, од оној што ја дава и пренесува. Без разлика колку е модерно денешното време, должност е на час да се биде подготвен (важи и за учениците и за наставниците). Се случува денес учена лекција, утре учениците или да ја заборават или да не ја паметат, односно дома воопшто не отвориле книга да ја повторат или просто не ги интересира. Исто така се случува повторување пред тестирање (ако се повтори, се разбира), ако не, одиме на среќа, па што ќе направиме, ќе направиме. Потоа ќе се молиме за оценки итн. Многу е важно како наставникот пренесува знаења, односно како ги учи учениците, како им објаснува итн. Наставникот е главен менаџер на часот и од него најмногу зависи како ќе им даде волја и мотив за учење на учениците. Оти, реално, имаме наставници што „душа оставаат во училница“ и не се штедат успешно да го исполнат целиот наставен час, а, рака на срце, имаме и исклучоци. И претходно сум посочил и пак ќе повторам: не смее денешните, ајде да кажеме модерни, технолошки зависни од социјалните мрежи наставници да бидат останати со телефоните в раце, особено не на час (тоа ќе си го остават надвор од работа), ами потребна е посветена работа со децата, љубов, трпение, советување… Таквите модерни и зависни од социјалните мрежи просветари никогаш нема да ги научат учениците на трајни знаења и вештини и секогаш учениците на час ќе им бидат неспремни, демотивирани и нормално дека ќе им биде досадно. Тоа децата го гледаат и пренесуваат. Меѓутоа, така е затоа што немаме ни строги опомени ни казни во воспитно-образовниот систем.

Додека тоа не се регулира како што треба, образовниот систем ќе остане таков како што е. Не е секогаш до МОН, БРО, ДИЦ… туку до оние што недоучиле како што треба или недозавршиле факултет, а стекнале „титула“ да учат деца. Знаеме денес со колкава брзина се стекнува диплома и се станува дел во одредена професија. Ама тоа е веќе друг проблем. Одговорност и доследност мора да има. Без нив, нема ни авторитет ни принцип. Кој како се поставил, така ќе биде третиран и запаметен. И најважно, на работа впрочем се оди со цел и должност, а не само за плата. Суштинската мисија на секој наставник е да има квалитетно подготвени ученици, односно да очекува резултати од нив, а не да не му е гајле дали учениците запомниле нешто денес на школо или не. Е, не е лесно, да, ама сите работи зависат од него, оти само со труд и ентузијазам секоја пречка е надминлива. Ни требаат ли толку незаинтересирани во наставата? Па, искрено, голем минус за нив. Велат, „ама секогаш имало и ќе има такви“, јас велам: не мора и не смее да има такви. За децата секогаш треба да се дава и пренесува најдоброто!
Го заокружуваме првото наставно полугодие, а јас ќе порачам до сите ученици дека е важно и треба да бидат подготвени за кој било наставен час, која за било презентација или дебата, односно за што било и кога било во животот. Ако го совладаат тоа од училиштето, понатаму во животот таа навика само ќе им биде од корист и напредок. На сите ученици и просветари во новата 2026 година им посакувам добро здравје, љубов, радост и најубави желби. Среќни новогодишни и божиќни празници!

Проф. Александар Адамовски