Мудрост – знаење што не се заборава

Знаењето што го акумулираме во текот на животот формира дел од нашиот личен развој и самоспознание. Кога знаењето се комбинира со љубов кон себе, резултатот е мудрост. Умот и срцето се хармонизирани; теоријата и практиката се интегрирани. Мудроста е животно важна за достигнување врвен раст.
Нашите когнитивни вештини стануваат збогатени од животните искуства, со што се продлабочуваат нашите размислувања за себе и своето опстојување. Како резултат на сето ова дознаваме повеќе за животот, не од книги или други извори на знаење, туку од сопствени внатрешни богатства. Мудроста не подразбира акумулирање факти и настани во главата, туку подлабоко разбирање на суштината, нешто што останува непроменето и покрај променливоста на надворешни случувања или привидни промени. Суштинското знаење за животот станува природен дел од нас.
Исто така, мудроста е еден вид знаење што не се заборава, зашто расте според нашето животно искуство. Тоа ни обезбедува цврста основа за справување со нови ситуации. Нашата ризница на мудрост не е ограничена на нешто што е веќе познато, туку има флексибилност директно да се приспособи на она што го бара секоја нова ситуација. Мудроста е применлива во контексти за кои не се достапни готови решенија т.е. онаму каде што постојат предизвикувачки проблеми исполнети со нејаснотии и противречности, како и во појавата на комплексни и неизвесни животни прашања што бараат од нас да откриваме и утврдуваме смисла на нештата.
Мудроста постојано ја восприема пошироката целина, онаа што е над нашите непосредни интереси или која било кратковидна гледна точка. Мудроста внимателно избира добродушно решение за сите засегнати, надминувајќи недоразбирања на актуелна ситуација.

Разлики помеѓу знаењето и мудроста

Цели: за интелектуалното знаење – квантитативни, акумулирање факти и информации, додека за мудроста – квалитативни, подлабоко разбирање на настаните; знаењето тежнее кон откривање нови вистини, додека мудроста повторно ги открива важноста и смислата на древните вистини; знаењето се насочува кон познавање и управување на надворешниот свет, мудроста кон внатрешниот свет; знаењето исклучува случајности и неизвесност, а преку мудроста разбираме како да се отстапи место за неизвесност и коинциденција во сопствениот живот; знаењето одговара на прашањето како се прават нештата, мудроста – дали треба да се прават тие нешта.
Начини на постигнување: знаењето преку учење од книги, предавања, медиуми или истражувања, мудроста, пак, со „патување“ низ животот и стекнување лични искуства.
Пристап: знаењето користи научен, теоретски, апстрактен, независен, неличен, мудроста – духовен, применет, конкретен, посветен, личен пристап во релација со другите или себеси.
Примена: знаењето зависи од времето, местото и технолошкиот напредок или историските околности, специфично е и поврзано со определена област, мудроста е универзална и холистичка без оглед на научниот напредок, културна заднина или специфични околности.
Поврзаност со возраста: знаењето го достигнува својот врв во средна возрасна доба, мудроста – можно е да расте со тек на годините.
Ефект на поединецот: знаењето – гордост и чувство на супериорност во однос на луѓе со помало интелектуално знаење, мудроста – емпатија и разбирање за другите, без гордост бидејќи постои целосна свесност за она што не се знае.
Мудроста понекогаш се смета главно одлика на повозрасните луѓе. Меѓутоа, може да биде пројавена и кај помлади лица. Се изразува преку нивниот капацитет да ги користат проблематичните ситуации како пресвртна точка за сопствен раст и да извлекуваат вредни поуки од негативни искуства. Мудрите млади поединци исто така преферираат да живеат целесообразен живот, отколку да се стремат кон живот исполнет само со уживање.
Истражувачките наоди откриваат карактеристики на мудрите поединци: отвореност кон искуства, емпатија и вештини за активно слушање, способност да се идентификуваат чувствата и емоциите, познавање на себеси и свесност за сопствените ограничувања, колебливост да им се наложува својата визија на другите, чувство за правичност, толеранција, разбирање на човековите интеракции, способност за долгорочна процена на проблемите. За мудрите луѓе првенствено се значајни нештата што ги надминуваат личните интереси и повеќе се насочени кон добросостојба на другите отколку потрага по лична среќа. Имаат цел што придонесува за пошироки интереси на човештвото и не ги нарушува правата на другите. Нивната животна мудрост е изразена преку служење во заедницата.
Мудрите луѓе поседуваат емоционална посветеност, која се манифестира со внимание, интерес и пренесување инспирација. Нивните вредности не се ориентирани кон уживање во животот, туку кон личен раст, разбирање, добробит на другите, општествена одговорност и заштита на животната средина. Нивната животна ориентација не е компатибилна со егоизам и хедонизам; тие претпочитаат да ја сфатат комплексноста на животот и да развиваат човечки потенцијал кај себе и кај другите. Кога ќе произлезат конфликти се определуваат за кооперативни стратегии, а не за доминација, потчинување или избегнување. Мудроста подразбира интерперсонален став чиј стремеж е воспоставување рамнотежа помеѓу сопствените и туѓите интереси. Мудроста се развива пред сѐ низ соочување со значајни емоционални, интерперсонални и егзистенцијални дилеми.

Авторката е развоен психолог

Денови на психологијата – Комора на психолози