Ова лето ѝ платив на мојата 12-годишна ќерка 100 долари за да прочита книга. Што се однесува до мајчинските „маневри“, тоа дефинитивно беше последен пат да применам ваква практика и големината на исплатата секако беше преголема. Не можам да кажам дека сум горда – но сум исклучително задоволна. Затоа што планот функционираше. Се одвиваше толку добро, што би им препорачала на другите родители на неволни читатели да ги отворат своите паричници и да ги подмитат нивните деца за да читаат.
Ќерка ми е паметно дете, дефинитивно попаметно од мене на 12 години. Читаше книги за на училиште, но да ја натераш да го направи тоа беше како „вадење заби“, додека сама читаше неколку графички романи и слушаше аудиокниги од серијата „Хари Потер“. Ниту една од тие активности не стана можност за создавање каква било навика на она што би можела да го наречам класично длабоко читање – со две очи пред страниците од книгата, како ништо друго да не се случува во тој миг.
Кога се соочив со оваа вистина пред неколку месеци, почувствував родителски неуспех. Иако читавме многу книги со приказни кога таа беше помлада и живееме во куќа полна со книги, јас не успеав да му всадам едно од основните животни задоволства на моето дете.
Непосредно пред ковид-пандемијата, депресивно државно истражување откри колку е намалено читањето од задоволство кај децата. Речиси 30 отсто од 13-годишниците рекле дека „никогаш или речиси никогаш“ не читаат за забава, што е значително зголемување од осум отсто во однос на оние што го кажале истото тоа приближно 35 години порано. Со оглед на тоа што времето на децата поминато пред уредите со екран исто така значително се зголеми за време на пандемијата, фер е да се заклучи дека слободното читање е сè позагрозено меѓу децата.
За оние од нас што се доживотни читатели – кои ги ценат ноќните масички наредени со кули од книги; кои ги чуваат во умовите, како пријатели, идеите и ликовите што ги собираат со години од печатените страници – пренесувањето на важноста на читањето не треба да биде тешко. Сите ние разбираме како читањето ја подобрува структурата на нашето искуство. Сепак, ми беше чудно тешко да ѝ пренесам нешто од ова на мојата ќерка, која не сакаше да чита. Таа тврдеше дека не сака да чита. Покрај тоа, таа не се грижеше читањето да ѝ се допадне. И таа не гледаше на ништо од ова како проблем. Многу нејзини пријатели, ми објасни таа, едноставно „не се занимавале“ со читање. Сфатив дека ако сакам да му ја пренесам на моето дете радоста од читањето, морам да разјаснам каква е радоста за мене.
Секако, тоа што ќерка ми минатата година имаше паметен телефон, користен ајфон со илјадници родителски контроли и временски ограничувања, претставува дел од проблемот. Пред да го добие телефонот имав дете што беше дружељубиво, квичеше од задоволство по нешто едноставно како нов десерт што се лади во фрижидер. По употребата на телефон имав мрзливо дете што само сакаше да остане во својата соба со спуштени ролетни, затворена врата и под јорган, држејќи го тој мал правоаголник, како да одделувањето од него ќе доведе до исчезнување на нејзиниот социјален живот. Ако нешто не беше поврзано со нејзините пријатели или не беше нејзиниот телефон, тоа значеше само една работа: дека е здодевно.
Миреј Силкоф
Авторката е културна критичарка