Мртви спомени

Да ве предупредам: оваа колумна не е политичка; повеќе е човечка, а можеби и лична. Втората годишнина од смртта на мајка ми беше токму пред Духовден. Така се погоди оваа година. И ние што не сме верници имаме внатрешна потреба да ги посетиме местата каде што почиваат нашите сакани, особено на некои важни датуми. Тргнавме порано наутро поради горештините, но на гробиштата во Бутел веќе беше раздвижено: многу семејства дошле да подзачистат и да се подготват за наредниот ден (всушност, денови) кога традиционално се одржуваат верските обреди и раздавања, кога се собираат оние што останале и ги споменуваат починатите. Не можев да останам подолго на местото на кое почиваат татко ми и мајка ми, а каде што веќе знам дека ќе почивам и јас еден ден. Како стареам, сè повеќе личам на мајка ми, а нејзините умни пророчки зборови ги разбирам во сета нивна длабочина. Кога порано одевме да го „посетиме“ татко ми, ќе седнеше таа, ќе запалеше цигара и една ќе оставеше на работ (за него, симболички) и по кусо време ќе ми речеше: „Е, што дека дојдов? Ниту го видов ниту го слушнав! Ајде да си одиме дома, нема овде да го најдам Љубе.“ Сега и јас реагирав на сличен начин, несвесно. Јас не раздавам, не правам обреди (всушност, и јас како и двајцата родители сум атеист); затоа, не е ни чудно што не верувам во утешните приказни, кои веројатно им помагаат на верниците – околу душата, како и врската меѓу живите и мртвите. А не дека не ми треба утеха, бидејќи денот кога ја изгубив неа секоја година тежи повеќе од претходната. Мајка ми си ја наоѓам дома, таму каде што мина најголем дел од животот. Таа е тука во секој предмет, украс (дури и во тие што не ми се допаѓаат ама ги чувам заради неа), во цвеќињата што ги посадила и негувала, во готвачот напишан со нејзиниот прекрасен ракопис, фотографиите што „стратегиски“ сум ги разместила низ домот, за да не ја изгубам од вид. И така ја одржувам жива, во срцето и во умот. Таа сè уште ме кара, ме опоменува, ме советува – иако и на возраст од 65 години човек може да се почувствува како сирак, кога ќе остане сам со спомените на тие што му биле семејство од денот на раѓањето.
Каква случајност, што истиот ден ми пратија фотографија на една врамена слика на свршеници од далечната 1932 година. Лежела на плочник, во близина на еден поголем пазар, каде што се продава разна присобрана стока, најчесто од втора рака, или најдена од отпад. Сцената беше толку трогателна што ме натера да размислувам за тоа колку и до кога се грижиме за нашите предци (впрочем, за десетини години и јас ќе бидам само во листата на предците на кои ќе се сеќаваат моите деца и внуци). Всушност, ова не е ни првпат низ градот, во близина на контејнери да најдеме расфрлени фотографии од непознати луѓе. Не сакајќи ќе ги згазиме, а и да не го сториме тоа – тие, сепак, се сега само смет. Непотребен товар во нечиј дом, чии домаќини сакаат да си го исполнат и средат по сопствена желба, а со намера да создадат свои спомени од новото семејство, кое веќе не може на плеќи да го носи товарот на починатите. Се раздаваат или најчесто фрлаат старите облеки, предмети, украси, но, ете, дури и фотографии. А во секоја стара фотографија, од некое време кога тоа било реткост (замислете колку чинело да се оди на фотограф барем еднаш годишно по некој повод за да се обележи чинот), лежи животна приказна. Ги гледав долго ликовите на тие двајца (веројатно вљубени) свршеници, родени околу почетокот на Балканските војни. Си ја врамиле сликата, им значела како знак на нивната младост и љубов, а потоа останала во нечие „наследство“ – сè до моментот кога или последниот член на семејството не починал или заминал, а тоа парче хартија и тие ликови престанале да бидат важни, па се нашле во смет. На улица! Нечија младост и љубов фрлени, и најважно заборавени, како никогаш и да не постоеле.
Дејствува грубо, брутално, нечовечно… Но, кога ќе се смират емоциите и ќе завладее разумот, човек сфаќа дека сите наши стари фотографии (ние кои сме од времето кога тие беа во хартиена форма) ги чека иста судбина. Нашите животи ќе престанат, по сила на законот на природата, па човек се прашува: до кога ќе живеат спомените на нас? Кога ќе станеме некои безимени прапрапрабаби и дедовци? Мајка ми, како прав атеист, би рекла дека е тоа неважно и дека е најважно како се однесуваш со човек додека е жив. Кога ќе почине попусто е ронење солзи, раздавање за задушница, палење свеќи и градење монументални споменици. Татко ми, пак, велеше дека човек не умира додека се споменува. И тоа е всушност најболниот момент, моментот кога не само што нема да те споменуваат туку и името нема да ти го знаат, па затоа и твоите пожолтени фотографии ќе изгубат вредност. Новите генерации, па и ние што сме современици на оваа нова технолошка револуција, веќе користиме мобилни телефони наместо фотоапарати. Кликаме и фотографираме сè и сешто, а многу често и наместо да уживаме во некоја природна убавина, настан или дружење, ние седиме со подготвените мобилни за да „уловиме“ некој специјален момент. Резултатот е инфлација на „специјални моменти“, а со тоа губење и на нивното значење и сеќавање за доживувањето. Идните генерации нема ни да имаат фотографии за фрлање во контејнер; доволно ќе биде да се кликне „избриши/delete“ – и сè ќе исчезне за миг. Стануваме површни, стануваме автоматизирани и наместо да се гледаме очи в очи и држиме за рака, ние гледаме преку камерата на најновиот мобилен телефон.
Ќе речете, ништо необично, ништо специфично за нас. Глобален феномен е ова. Но, поради контекстот во кој живееме, бришењето не на индивидуалната, туку на колективната меморија уште за време на живот, ревидирањето на историјата, инженерингот на идентитетот, поигрувањето со нашето заедничко име (по кое се препознаваме како „свои“) – сето тоа ја прави оваа тема многу поболна. По повод споделувањето на сторијата за фрлената фотографија на свршениците, имаше и ваков коментар: „Ние сме народ што, за жал, не само што не си го цени и почитува минатото туку не покажува никаков респект дури ни кон најблиските предци. Колку Македонци си ги знаат предците од пред три-четири поколенија? Мал е тој број. Разговарајте со некој за неговите предци и ќе забележите студен тон како да разговараат за некој што не им е ни крв. Не ни можат да проникнат и го сфатат менталитетот ниту психологијата на сопствените предци. За разлика од други западни нации, каде што често знаат од каде и од кого потекнуваат во последните 300-400 години. Затоа никој не нè цени; прво сами не се респектираме.“ Можеби сме престроги кон себе и својата нација, бидејќи потекнуваме од сиромашен народ, кој живеел и преживувал во невозможни услови. Фотографиите ретки бидејќи биле скапи, војски минувале и жареле и палеле, мнозина заминале на печалба, неписменоста екстремна, па немало кој ни да остави пишани текстови и преданија.
Се плашам дека дури и на Запад (или каде и да е), семејните стебла стануваат реткост. И таму, како и овде, престанавме семејно да се гледаме и дружиме. Се отуѓивме едни од други за време на живот. (Посебно ми е мачно кога семејни собиранки има само за време на погреб, и тоа со покана. Чуму тогаш кога покојникот бил избришан уште многу порано?) Се отуѓуваме и сами од себе. Дозволуваме разни влијанија и „инфлуенсери“ од нас да прават нешто што не сме длабоко во себе, само за да бидеме прифатени од средината – и тоа површно, без длабока емоционална врска. Размислете на колкумина можете да се потпрете кога ви е тешко! Колкумина ќе дојдат да помогнат во мака? Па, денес вообичаено е да се минува „мртви-ладни“ и покрај (живи) лица што лежат по плочниците – од болест, пијанство или некоја друга причина. Станавме себични – и осамени. Дури и кога сме опкружени од многу луѓе (на спортски настани, забави или партиски митинзи) – ние сме сами. Кога некому и ќе му бидете потребни и драги во одреден миг, не чудете се ако ве заборават веќе наредниот ден. И ќе ве фрлат како фотографијата на свршениците (која, за волја на вистината, некој сепак ја чувал над деведесет години).
Луѓето се раѓаат и умираат, и тука нема ништо чудно и ново. Треба да сфатиме дека дури и спомените за нас и нашите животи не се бесмртни, дури и во најблиското семејство. Уште викторијанската поетеса Џорџ Елиот разбрала дека нашите починати не се мртви за нас додека ги паметиме. Жалам што животната приказна на мајка ми не ја запишував, а понекогаш можеби и не ја слушав со полно внимание поради зафатеност. Купив диктафон со намера да го снимам нејзиното раскажување, но проектот не ми успеа. Сега некои ми велат: зошто не напишеш автобиографија, мемоари? А јас се смешкам тажно и си велам: кој ќе го чита тоа, кога дури и овие колумни не знам до колкумина стасуваат? Кого го интересира мојот живот? Денес луѓето едвај и да читаат книги. Притоа, која сум пак јас, зошто би бил значаен мојот живот за некого? На кој јазик да пишувам? Моите правнуци тешко дека ќе знаат македонски, кога и децата денес меѓу себе разговараат на англиски! Останува само надежта дека додека сме живи сакањето и чинењето добри дела некому ќе му го подобрат или разубават животот, ќе му помогнат да си го најде патот кон себеостварување. Memento mori, не заборавај дека ќе умреш, не само ти туку и спомените за тебе. Таа латинска изрека е важно потсетување на нашата смртност со цел да се живее со полни гради и со мирна совест… особено, ние што не очекуваме награда за добрите дела на „оној свет“. За заборавот на нашето колективно минато и идентитет, во друга пригода. Заборавот е моќна работа, сеопфатна, и прекрива и личности и колективитети.