Го живееме шестиот век од турското ропство – медиумски сме окупирани од Саваши, Султани, Голем брат и сѐ така околу 30 серии. Така приватните телевизии ги креваат рејтингот и гледаноста. МРТВ (фала богу) не смее да го прави тоа. Нејзината улога и законска обврска беше и е да продуцира играни и детски серии, документарни филмови, едукативни емисии, да произведува играна програма. Добро е да биде со современа структура и содржина (не само македонски приказни, едуциран кадар, имаше и пари се наоѓаа и ќе се најдеа). Обидот со надворешни продуценти или копродукции можеби е поевтин, но не и поубедлив и посигурен како уметнички резултат. Неколку збора и за партиската обоеност… тоа е само низ дискурсот на вести што отсекогаш биле посакуван плен на политичките пресметки. И тука работата е проста – лесно ќе се насочеше сѐ кон партиска еквидистанца и пообјективно известување. Политичкиот моментум ја диктираше таквата промена. Македонија на Македонците – МРТВ на вистинските професионалци од куќата. Само така ќе се избегнеа непотребното талкање и девастирање на системот.
Но, да појдеме одново и по ред. Во почетокот на транзицијата, без да размислиме, влеговме во зоната на т.н. див либерализам, при што ги уривавме монополите и создадовме неверојатен медиумски неред, со кој и денес не знаеме како да се справиме.
Според истражувањата и кажувањата, во Македонија на почетокот на транзицијата и демократијата се потрошени над пет милиони долари, евра ли, странски пари за уривање на монополите МРТВ и НИП „Нова Македонија“. Подоцна уште стотина милиони за континуирано разнебитување, дробење, на медиумските професионални ткива, во име на демократијата, плурализацијата. Во најново време и демонополизација на МАНУ. Што се однесува до јавниот сервис, кога се оценува и разговара за трансформацијата во него, се прават аналогии и паралели со Хрватската радио-телевизија, која, според согледбите, беше и остана најдобрата во регионот.
Според истражувањата и анализите за медиумските прилики и неприлики во Македонија, на мал медиумски простор се распослаа и работат повеќе од 200 медиуми. Освен „урнатиот мастодонт“, јавниот сервис МРТВ, најголемиот број медиуми се во приватна сопственост.
Во хрватската држава во периодот на бурните историски премрежиња, ценејќи дека медиумски стожер на осамостојувањето, но и понатамошниот демократски развој ќе биде токму Хрватската телевизија, таа финансиски и советнички беше поддржана од моќните покровители, пристапи кон нејзина стабилизација, организациско и технолошко трансформирање. Акцентот и стратегијата во тие трансформации, освен на технолошки план, беа и останаа на напорите како да се зачуваат продукциското високо ниво, умеења и знаења и кондиција стекнати во еден сложен систем на ЈРТ, која беше дел и од европската радиодифузија.
Најпрво се донесе закон со кој се ограничи бројот на радиодифузери. Навидум ригидно недемократско однесување. Но успеа, најпрво сложениот продукциски систем, ниво и кондиција, да го заштити од налетите и анархијата на дивиот медиумски либерализам, девастација и депрофесионализација и да го зачува, за да продолжи да го развива и доизградува. Академија на ХРТ ги едуцира и доедуцира редовно своите кадри и ги одржува во кондиција, технолошки и занаетски ги подготвува за следни нови продукциски предизвици, со годишен буџет од 260 милиони евра. Така настанаа големите хрватски серии, забавни и образовни програми, кои имаа можност да ги видат и нашите гледачи. Регионалните центри се зајакнати и доекипирани и со многубројни содржини се вклучија во програмската шема. Програмските појаси со плурални политички содржини – дебати, дискусии, останаа на програмите, но се поместија во подоцнежни термини, со што јавниот сервис ХРТ малку се дистанцира од притисокот на политичките влијанија и одговори на задачите и на законските обврски.
Наместо уривање и палење на монополот ХРТ, најпрво законски се ограничи отворањето нови медиуми, со што се изгради цврст бедем и се зачуваа целоста, продукциската кондиција, професионалноста на силен информативен систем, хрватската држава вложи над две милијарди евра за да се одржи системот (не да се урива и разнебитува). Со политички умни одлуки и закон го ограничи бројот на радиодифузери, сервисот технолошки се рефрешира со технолошки иновации и ја искористи продукциската стекната кондиција за создавање сопствена програми, што беше и останува суштинска обврска, а тоа е создавање квалитетна програма. И денес на почеток на програмата се емитува хрватската химна, што не е случај кај нас во Македонија.
А ние! Ние без да размислиме и да погледнеме пошироко и подалеку, влеговме во зоната на див либерализам, ги уривавме монополите и создадовме неверојатен медиумски неред, бркотница, со што и денес не знаеме како да се справиме. Разнебитувањето на МРТВ, во име на демократскиот плурализам и слободата на медиумите, започнува со осамостојувањето. Оттогаш јавниот сервис континуирано е зона на политички претумбации, пресметки, што го стесни просторот, за избалансирано секојдневно следење на настаните и информирање од историските збиднувања, за големите играни серии, за одржување континуитет на документарниот жанр, секогаш квалитетна образовна програма, со која пораснаа и ќе растат другаруваат генерации, слушајќи го и учејќи ги македонскиот јазик, песни, обичаи и настани, како дел од уставната и законска обврска на овој сложен радиодифузен систем, столбот на македонската сувереност.
И така, МРТ наместо да се развива како содржински чинител на една нова историски спознајна димензија и да ѝслужи на пошироката заедница, во напорите за демократизација и ослободување од долгогодишна ментална инерција, јавниот сервис на граѓаните е континуирано дел од негативната перцепција на сите минати (и најверојатно и идни) опозициски незадоволства. Таа во нивните оцени, како по правило, е најпрвин режимска, тоталитарна, заробена, па потоа следува здодевна, малку гледана, но во сиот тој транзициски медиумски галиматијас – секогаш силно посакувана. Цел на критики, закани, напади, цинични драмолетки и перформанси… Сѐ што прави и што е направено во седумдецениското продукциско постоење не чини, лошо е, не е вредно.
Овде долги плурални години се пресметуваат политики, се кршат копја, се уриваат на груб недостоинствен начин угледот, професионализмот, етичките норми, со што во парчосаниот етер се емитува и претставува како искривена слика за ниско продукциско ниво и солвентност, што нѐ разнебитува, нѐ отуѓува од светот и нѐ претвора во случаен автоматски придонес во комплексната и зона на глобалните демократските интеракции.
Битката за домашна играна филмска и ТВ-продукција континуирано ја губиме триесетина години. Најпрвин се мислеше дека тоа е дел од некаков процес на трансформација на големите (вистински) продуценти како „Вардар филм“, Македонска радио-телевизија, раситнување на огромни средства на над стотина „продуценти“ во некакви докрај неразјаснети околности и конкурси, со резултати што ги знаеме, сите одат до границите на нашата татковина, на понекој фестивал, во придружба на агресивен пиар. Убав пример се и Турците, кои брзо го капираат потенцијалот на телевизиските серијали и пред некоја година се враќаат кај нас да ни покажат кој пат да фатиме.
Во Битола и во околината неколку години се снимаше ТВ-серијата „Збогум, Румелија“, која ангажира голем дел од македонските филмски работници. Се снимаше и во Скопје пред некое време турската серија „Балканска приспивна песна“. Им благодариме и за таквиот вид ропство.
Создавањето домашна продукција е прашање за кое не може да ни биде виновна Турција ниту, пак, кој било друг. Ако не се турските серии, ќе бидат некои други. Создавањето домашна продукција е наша домашна работа, наш проблем на кој треба да се осврнеме што поскоро, а не да обвинуваме некој друг за тоа. Проблемот е наш и е решлив.
Аљоша Симјановски