Мозочниот развој не завршува со дваесет и петтата година

Во досегашната невронаука се тврдеше дека нашиот фронтален лобус „не е целосно развиен до 25 години“. Се сметаше дека дури во раната адултна возраст мозокот наводно го достигнувал максималниот развиток. Но ова верување се покажува повеќе како мит отколку како некаква пресвртница во мозочниот развој.
Раните скенирања на мозокот покажаа дека сивата материја драматично се менува во текот на тинејџерските години, а бидејќи студиите вообичаено престануваа со следење околу 20-годишна возраст, научниците проценија дека развојот може да заврши во средината на 20-тите години. Но поновите масовни истражувања за снимање на мозокот даваат поинаква слика: клучните поврзувања и ефикасноста на невронските мрежи во мозокот продолжуваат да се развиваат дури во раните 30-ти години. Ова истражување е објавено во „Неуросајенс“ (Neuroscience), од страна на Универзитетот во Монтреал (Université de Montréal), токму во февруари 2026 година.
Ако користите некои од социјалните мрежи, како што тоа го прават младите луѓе, веројатно ќе ја видите познатата реченица: „вашиот фронтален лобус сè уште не е целосно развиен“. Ова стана популарно објаснување кога некој прави сомнителни избори во овој животен период, почнувајќи од нарачување уште еден пијалак до испраќање пораки до некого кого сте ветиле дека ќе го избегнувате.
Фронталниот лобус е одговорен за многу способности од повисоко ниво, вклучувајќи планирање, донесување одлуки, процена и емоционална контрола. Поради тоа често токму тој се обвинува кога дејствуваме импулсивно или се чувствуваме несигурно во самите себе.
За многу луѓе во периодот од 20-тите и раните 30-ти години оваа идеја е навистина утешна. Ако животот се чувствува како неуреден или нестабилен, смирувачки е да се помисли дека токму биологијата е делумно одговорна за тоа. Верувањето дека нашиот мозок е сè уште недовршен/недозреан може да направи да се чувствуваме нормално.
Сепак, широко повторуваното тврдење дека развојот на мозокот, особено во фронталниот лобус, запира на 25 години не е точно. Иако се базира на вистински научни откритија, тоа го поедноставува многу подолгиот и покомплициран временски рок за мозочниот развој. Поновите истражувања покажуваат дека важните промени продолжуваат во нашите 30-ти години, што сугерира дека 25 години никогаш не треба да го означат крајот на созревањето на мозокот.
Фокусот на 25 години датира од студиите со снимање на мозокот спроведени кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите. Во студија од 1999 година, научниците постојано ги скенирале мозоците на деца и тинејџери за да ги набљудуваат промените со текот на растот и развојот. Тие ја испитувале сивата материја, која се состои од тела на невронски клетки, и често ја опишувале како „мислечко“ ткиво на мозокот.
За време на адолесценцијата, сивата материја се подложува на кастрење (прунинг во стручната терминологија). Рано во животот, мозокот формира огромен број невронски врски. Како што старееме, врските што се користат поретко се намалуваат или сосема исчезнуваат, додека често користените патишта се зајакнуваат. Овие промени во волуменот на сивата материја беа идентификувани како клучен дел од здравиот развој на мозокот.
Во подоцнежните истражувања предводени од невронаучникот Нитин Гогтај, учесниците на возраст од четири години биле скенирани на секои две години. Резултатите покажаа дека областите во фронталниот лобус постепено созреваат од назад кон напред. Регионите вклучени во основните функции, како што е доброволното движење, се развиваат многу порано. Посложените области поврзани со процената, емоционалната регулација и социјалното однесување сè уште созревале сѐ до последните скенирања, на околу 20-годишна возраст.
Бидејќи собирањето податоци завршувало околу 20-годишна возраст, истражувачите не можеле да утврдат кога развојот е навистина завршен. Возраста од 25 години стана груба процена за тоа кога може да заврши созревањето. Со текот на времето, таа процена се зацврсти во широко прифатено верување.
Невронауката значително напредна во периодот по тие рани студии. Наместо да ги испитуваат поединечните мозочни региони изолирано, истражувачите сега се фокусираат на тоа како различните области комуницираат помеѓу себе и формираат мрежи.
Неодамнешна голема студија ја процени ефикасноста на мозочните мрежи, во суштина како мозокот е поврзан, преку топологијата токму на белата маса. Белата маса е составена од долги нервни влакна што поврзуваат различни делови од мозокот и ’рбетниот мозок, дозволувајќи им на електричните сигнали да патуваат напред-назад. Истражувачите анализирале скенирања од повеќе од 4.200 луѓе од детството до 90 години и пронашле неколку клучни периоди на развој, вклучувајќи период од девет до 32 години, кој го нарекле „адолесцентен“ период.
Секој што е длабоко во зрелоста може да се чувствува непријатно кога ќе му се каже дека неговиот мозок е сè уште „адолесцент“, но овој термин всушност само означува дека мозокот е во фаза на клучни промени.
Врз основа на оваа студија, се чини дека за време на адолесценцијата мозокот балансира меѓу два клучни процеса: сегрегација и интеграција. Сегрегацијата вклучува градење „населби“ од поврзани мисли. Интеграцијата вклучува градење „автопатишта“ за поврзување на тие населби. Истражувањето сугерира дека оваа метафорична конструкција не се стабилизира во „возрасен“ модел сè до раните 30-ти години.

Студијата исто така откри дека „малиот свет“ (мерка за ефикасност на мрежата) е најголемиот предиктор за идентификување на возраста на мозокот во оваа група. Замислете го ова како „транзитен систем“. Некои рути бараат запирања и префрлања. Зголемувањето на „малиот свет“ е како додавање експресни ленти. Во суштина, посложените мисли сега имаат поефикасни патеки низ целиот мозок.
Сепак, оваа конструкција не трае вечно. По околу 32-годишна возраст, постои буквална пресвртница каде што овие развојни трендови ги менуваат насоките. Мозокот престанува да им дава приоритет на овие „експресни патишта“ и се враќа на сегрегација за да ги заклучи патеките што нашите мозоци ги користат најмногу.
Со други зборови, тинејџерските години и раните 20-ти години се трошат за поврзување на мозокот, а дури периодот околу 30-тите години е за смирување и одржување на нашите најкористени рути.
Ако нашите мозоци сѐ уште се во изградба во текот на нашите 20-ти години, како да се осигуриме дека ја градиме најдобрата можна структура? Еден одговор лежи во зголемувањето на невропластичноста – способноста на мозокот да се преструктурира.
Иако мозокот останува променлив во текот на целиот живот, периодот од девет до 32 години претставува одлична можност токму за структурен раст. Истражувањата сугерираат дека постојат многу начини за поддршка на невропластичноста.
Интензивните аеробни вежби, учењето нови јазици или занимавањето со когнитивно тешки хобија, како што е на пример шахот, можат да ги зајакнат невропластичните способности на нашиот мозок, додека работи како хроничниот стрес можат да ги попречат. Ако сакате мозок со високи перформанси во вашите 30-ти и потоа, тогаш е битно да го „предизвикате“ во вашите 20-ти, но никогаш не е предоцна да започнете.
Нема магичен прекинувач што се вклучува на 25-годишна возраст, па дури и на 32 години. Како и вашиот мозок, и вие сте во градежен проект долг неколку децении. Престанете да чекате до моментот кога ќе станете возрасни и почнете да правите активни избори за тоа како да го поддржите овој проект. Правете грешки, но знајте дека бетонот сè уште не е сосема стврднат.
Значи, пораката би била: јакнете ги созревањето и функционалноста на мозокот со ангажмани што ја засилуваат неговата пластичност!