ТРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД АТЕНТАТОТ ВРЗ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ КИРО ГЛИГОРОВ (1)
Се навршуваат 30 години од неуспешниот атентат врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, извршен на 3 октомври 1995 година околу 9.45 часот во Скопје, на улицата Македонија, во близината на хотелот „Бристол“, од сѐ уште непознати сторители, со т.н. „автомобил-бомба“. Од експлозијата, како што официјално е информирана јавноста, претседателот доби повреди во пределот на главата, лицето и екстремитетите, по што во 10.10 часот беше однесен во Градската хируршка болница во Скопје, од каде што по укажаната прва помош и спроведената реанимација беше префрлен на Хируршките клиники на Медицинскиот факултет, каде што, пак, по изведената дијагностичка постапка, конзилиум на лекари (определен од тогашниот министер за здравство) реши да изведе хируршка интервенција, која заврши со позитивен исход.
Освен споменатото, виктимолошката димензија на овој трагичен настан, меѓу другото, ја содржи и фактот според кој од експлозијата животот го загуби возачот на автомобилот на претседателот, беше повреден и еден од придружниците од обезбедувањето на претседателот, додека пет граѓани случајни минувачи беа повредени, од кои двајца потешко, при што еден од нив, од добиените повреди, подоцна и почина. Тоа е накратко елементарната феноменолошка дескрипција на овој безбедносен и историски општествено негативен настан.
И покрај моето долгогодишно научно истражување на атентатот врз Киро Глигоров, кое сѐ уште се сведува на научно фундирана хипотеза, односно оневозможено е научно истражување на атентатот што би резултирало со поволен научно-теориски исход, сепак, ќе се обидам низ конкретна, елементарна и кратка синтеза, на научен и општествено оправдан начин, повторно да ја актуализирам оваа „жива“ мистерија, конкретно да изложам едно од можните објаснувања на мотивациската основа за извршување на атентатот. Имено, синтезата ќе опфати содржини од мои поранешни научни и стручни трудови и колумни, но и мои ставови врз основа на нови некласифицирани информации, кои досега не сум ги публикувал. Конкретно, меѓу другите, наведената синтеза е фундирана врз следниве селектирани аналитички продукти: 1) мојата студија „Хипотетички ставови за атентатот врз првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров (прилог кон обидот за научно осветлување на одредени елементи на криминолошката, криминалистичката, виктимолошката, кривичноправната и политиколошката димензија на атентатот во услови на официјален информациски дефицит)“, објавена во публикацијата „Научно-стручна дебата: 15 години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров – мистерија или настан ад акта (Скопје, 30 септември 2010 година)“, Форум за безбедност, Здружение на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, Графотранс – Скопје, Скопје, септември 2012 година, стр. 56-105 (во понатамошниот текст: Студија); и 2) делови (кои се достапни и кои досега не сум ги објавил!) од српскиот владин документ „Извештај о уређивању, организовању и функционисању система обезбеђења председника Владе Републике Србије д-р Зорана Ђинђића“, ДТ 72 Број: 00-002/2003-86, Београд, 13 август 2003 године ([во натамошниот текст: Извештај]; кој Извештај не беше користен во споменатата Студија) – службен документ класифициран (веројатно и декласифициран) како ДТ (државна тајна) на Комисијата за испитување на системот на обезбедување на претседателот на Владата на Република Србија, д-р Зоран Ѓинѓиќ, комисија формирана од тогашната влада на Република Србија (во рамките на некогашната Државна заедница на Србија и Црна Гора како правен наследник на Сојузна Република Југославија [СРЈ]).
Определувањето на мотивот/мотивите на извршителот или сторителите (соизвршителите/соучесниците или на организаторот и припадниците на злосторничкото здружување/здружение заради извршување на атентатот, во зависност од тоа дали се работи за плуралитет на сторители/учество на повеќе лица во атентатот [concursus facultativus] и во каква форма се јавува плуралитетот) има поливалентно значење. Инаку, мотивите се поврзани со целите, интересите, намерите, потребите итн. Инаку, намерата претставува замисла кон чие остварување е насочено одредено дејство. Бидејќи станува збор за специфично кривично дело против државата (од областа на политичкиот криминалитет), оттука и можноста дека станува збор за специфична и веројатно сложена мотивациска основа на извршителот или сторителите на атентатот. Во случај да станува збор за плуралитет на сторители на атентатот, можно е структурата на вкупната мотивациска основа на сторителите да биде структурирана во следниве различни варијанти: 1) единствен мотив на сите сторители на атентатот со иста цел и намера; 2) вмрежување на повеќе поединечни мотиви со иста цел, но различна намера; 3) вмрежување на повеќе поединечни мотиви со иста цел и иста намера; и 4) различни други варијанти на структурата на вкупната мотивациска основа на сторителите на атентатот. Притоа, можно е и некои од сторителите на атентатот да немале политички мотив. Од аспект на формирањето на посебната верзија/хипотеза што се однесува на мотивот/мотивите за извршување на атентатот, во услови на немање доволно јавно објавен емпириски материјал, истата таа ќе се однесува на еден од можните мотиви на инспираторот/инспираторите или организаторот/организаторите на атентатот.
Општото криминалистичко значење на мотивот/мотивите за извршување на атентатот се состои (и се исцрпува) во нивната помошна, но суштинска улога при откривањето на извршителот или сторителите на ова кривично дело, како и неговото докажување и расветлување.
Значењето од аспект на материјалното кривично право се состои во тоа што од правилното согледување на мотивот/мотивите на извршителот или сторителите на атентатот ќе зависи: адекватното подведување на општествено опасното поведение (пројавено во облик на политичко насилство – атентат) под онаа кривичноправна норма што најмногу соодветствува на вистинската повреда или загрозување на општественото добро.
Општото криминолошко значење на утврдувањето на мотивот/мотивите на извршителот или сторителите на атентатот се состои во согледувањето на криминалната етиологија – факторите (причините, условите и поводите) за атентатот, при што ќе се овозможи утврдување на правилна криминално-политичка оценка за општествената штетност на атентатот, како и за социјално-етичките карактеристики и (од аспект на криминалната психологија и психологијата на криминалитетот) темибилитетот (елемент на опасна состојба во вид на криминалната способност на личноста) на извршителот или сторителите на ова кривично дело против државата.
Пенолошкото значење на мотивот/мотивите на извршителот или сторителите на атентатот (ако евентуално се откријат, фатат и ако евентуално правосилно им се изрече казна затвор) се состои во тоа што мотивите се појавуваат како еден од најсигурните критериуми за проценување на криминалната деструктивност на секој поединечен осуденик и како такви се извонредно погодни за определување на најсоодветните мерки во спроведувањето на индивидуалниот и групниот третман.
Виктимолошкото значење на мотивот/мотивите се состои во нивната функција за утврдување на односот помеѓу извршителот или сторителите на атентатот и претседателот Киро Глигоров како жртва. Врз таа основа би констатирал дека есенцијални и клучни елементи на виктимолошкиот дискурс на атентатот претставуваат: 1) апстрактниот ризик од виктимизација (со самиот статус на претседател на Република Македонија, како и врз основа на постоењето на одредени елементи што ги загрозуваа [во критичниот период] уставниот поредок и безбедноста на државата, Глигоров беше изложен на загрозување); 2) конкретниот ризик од виктимизација (елементите од политичкото однесување на Глигоров изразени низ неговите политички одлуки и постапки што ја креирале виктимогената ситуација); 3) виктимогената ситуација (во случајот со атентатот претставува една од димензиите од вкупната криминогена ситуација на ова политичко кривично дело; оваа виктимогена ситуација најверојатно ја сочинуваат оние елементи што се однесуваат на политичките одлуки и постапки на претседателот Глигоров кои кај сторителите на атентатот создале идеја за примена на политичко насилство, притоа одредувајќи ги и целта и очекуваните последици од атентатот; 4) виктимогените предиспозиции (предиспонираност за станување жртва).
Постои голема веројатност дека клучните виктимогени предиспозиции на претседателот Глигоров свој извор имаат во политичките околности, односно во латентниот или манифестен радикален политички конфликт помеѓу него и сторителите на атентатот. Овој политички конфликт и од него произлезените политички, социјални и ситуациони виктимогени предиспозиции на претседателот Глигоров најверојатно беа создадени, меѓу другото, и од неговите политички одлуки и постапки, кои најверојатно беа противречни (интересно спротивставени со доминантните политички потреби, мотиви, интереси и цели [како структурни чинители на конкретен политички процес] на оние надворешни и/или внатрешни политички субјекти што се сторители на атентатот).
Едни од можните извори на овој радикален политички конфликт, а оттука и можни извори на виктимогените предиспозиции на претседателот Глигоров да стане жртва на атентат претставуваат: а) конституирањето на Република Македонија како нова држава на Балканот и нов субјект во меѓународните односи, претставувајќи притоа нов елемент во распоредот на силите во регионот, со што се промени дотогашната констелација на геополитички односи и процеси на Балканот. Најинтензивните негативни реакции на создавањето на самостојна и независна Република Македонија доаѓаа од тогашна СРЈ (конкретно, Република Србија) бидејќи претседателот Глигоров јасно и недвосмислено развиваше државни и политички активности што не одеа во прилог на политичката потреба, мотив, интерес и цел на југословенскиот/српскиот претседател Слободан Милошевиќ за стапување на Република Македонија во сојуз со СРЈ; и б) политичките одлуки на претседателот Глигоров за нестапување во сојуз со други држави (на пример, со СРЈ) и стапување во членство во НАТО и ЕУ, како и неговата (можеби задоцнета) одлука за доследно почитување на ембаргото против СРЈ, најверојатно не беа израз на синтеза и резултанта на интересите и целите на сите политички субјекти во Република Македонија. Евентуалната извесност на постоењето на овие елементи во тогашниот глобален политички процес во Република Македонија ја експланира можната врска помеѓу евентуалните и можни инспиратори/организатори на атентатот надвор од државава и нивните евентуални и можни политички и агентурни инсталации во државава, односно ја објаснува евентуалната и можна комплементарност на нивните мотиви, која комплементарност најверојатно создала заедничка мотивациска основа за примена на политичко насилство, односно подготвување и изведување атентат врз претседателот Киро Глигоров; 5) интеракцијата помеѓу претседателот Глигоров и сторителите на атентатот (претседателот Глигоров и сторителите на атентатот не смеат да се разгледуваат одвоено и статички, односно потребно е да се разгледуваат како дијалектички спротивставени поими при што претседателот Глигоров претставува активен субјект во криминализацијата [подготвувањето и изведувањето на атентатот], како и во процесот на станување жртва, односно процесот на виктимизација [инаку, жртви беа и другите граѓани на Република Македонија бидејќи кај истите тие, самиот акт на насилство, кој поприми и облик на општоопасно дејство, предизвика чувство на страв и несигурност]).
Конкретно, станува збор за политичка виктимизација, односно процес на станување жртва од политичко кривично дело. Инаку, научно-теориската и оперативно-практичната смисла на научните и криминалистичко-оперативните истражувања на политичката виктимизација ја согледувам во одамна прифатениот факт (во криминологијата/виктимологијата) според кој сторителите на насилни политички кривични дела во процесот на политичката криминализација ја објаснуваат нивната жртва, додека жртвата во процесот на политичката виктимизација го објаснува самото политичко кривично дело и неговите сторители.
Од криминолошко-виктимолошки аспект, како и од аспект на политичката виктимологија, би напоменал дека процесот на политичка виктимизација на претседателот Киро Глигоров не е започнат со активирање на експлозивот во „автомобилот-бомба“, туку во одреден претходен период кога со одредени елементи од своето политичко однесување продуцирал виктимогени предиспозиции за примена на нелегално и нелегитимно политичко насилство врз него, што секако не е случај и со другите повредени жртви на атентатот.
продолжува
Гоце Аризанкоски
Авторот е дипломиран криминалист и поранешен претседател на Форумот
за безбедност