Можни „стручни консултанти“ за расветлување на атентатот врз Киро Глигоров

TРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД АТЕНТАТОТ ВРЗ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ КИРО ГЛИГОРОВ (2)

(Не)дигресивно и контекстуално ќе ја напоменам конкретната календарска коинциденција на датумот на неуспешниот атентат врз Киро Глигоров со датумот 3 октомври 1929 година, кога кралот Александар Први го преименува Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во Кралство Југославија, како и со датумот 3 октомври 1999 година, кога беше извршен неуспешен атентат врз Вук Драшковиќ, претседателот на Српското движење за обновување (СПО – Српски покрет обнова), при што загинаа четворица функционери на СПО, а за што беа обвинети четворица членови на криминалната група – т.н. Земунско-сурчински клан.
На 2 октомври 1995 година (ден пред атентатот) се оствари средба помеѓу претседателот Глигоров и претседателот на Република Србија, Слободан Милошевиќ. Официјално е разговарано за меѓусебното признавање меѓу Република Македонија и СР Југославија. По атентатот, следна одвоена средба на претседателот Киро Глигоров со Слободан Милошевиќ се оствари на 2 ноември 1997 година, при учеството на Првиот балкански самит на Крит, Грција. Пред овој самит, на 19 октомври 1997 година од Атина имаше лансирани најави дека Симитис на Крит ќе предложи формирање балканска унија, по примерот на Европската Унија.
Не навлегувајќи (не мешајќи се) во официјалната криминалистичка истрага на атентатот врз Глигоров, особено би истакнал дека при идни продлабочени и напредни научни истражување на овој конкретен облик на политичко насилство, научно употребливи би биле „консултациите“ со врвни наши/домицилни, но и странски „експерти“ од областа на безбедноста, конкретно разузнавањето, контраразузнавањето и (анти)тероризмот. Според одредени критериуми што се однесуваат на научната употребливост на стручните компетенции и знаења од овие области, јас лично, со длабока научно фундирана убеденост, ги предлагам за „научно-стручни консултанти“ сите живи поранешни потсекретари и директори на Службата за државна безбедност/Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање и на Службата за јавна безбедност, вклучувајќи и припадници на СДБ//ДБК и СЈБ што учествувале во разјаснувањето на атентатот врз Киро Глигоров (врз основа на Законот за основите на системот на државната безбедност (чл. 23 став 2), а во согласност со Одлуката за единствените начела за примена на средствата и методите што во својата работа ги применуваат органите што вршат работи на државната безбедност, донесена од Претседателството на СФРЈ на 17 април 1985 година, а изменета и дополнета на 16 ноември 1988 година; Законот за внатрешните работи („Службен весник на Република Македонија“, бр. 19/95 од 29 април 1995 год.); Правилата за работа на СДБ; и Насоките за примената на средствата и методите на СДБ спрема носителите на одредени функции, донесени на 6 мај 1976 година од Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со Уставот. Ги предлагам и поранешниот началник на Ресорот за државна безбедност на Србија (во периодот од 31 декември 1991 година до 27 октомври 1998 година) Јовица Станишиќ (кој на 11 јуни 2003 година му беше испорачан на Хашкиот трибунал), потоа Франко Стаматовиќ–Френки, кој во рамките на српската државна безбедност (ресорот за државна безбедност) беше командант на озлогласената Единица за антитерористички дејства, која (по атентатот врз Глигоров) во средината на 1996-та (поточно на 5 мај 1996 год.) се реорганизира и преименува во озлогласената Единица за специјални операции, на чие чело дојде претходно активно ангажираниот Милорад Луковиќ–Легија, кој исто така би можел да даде солиден „придонес“ при научните истражувања на атентатот врз Глигоров. Во тој контекст би го предложил и поранешниот претседател на СРЈ/Србија Слободан Милошевиќ, но човекот е починат, така што останува само релевантноста на мојот предлог.

крај

Гоце Аризанкоски

Авторот е дипломиран криминалисти поранешен претседател на Форумот за безбедност