Можна ли е во Македонија влада без Албанци?

Магнитудата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, во некои ќошиња на социјалните мрежи, ја разбуди дебатата околу воспоставената уставна конвенција во демократска Македонија секоја влада да содржи и партија или партии што изворно ги претставуваат етничките Албанци во земјава. Веќе цели 34 години, поточно од првите демократски избори во земјата, владите вклучуваат министри, директори и други политички раководители што произлегуваат од партиите што добиле директен легитимитет од граѓаните со албанско етничко потекло.
Претходно за време на реалсоцијализмот единствената дозволена политичка сила, Сојузот на комунистите, самата избираше „чесни Албанци“, кои потоа ги кооптираше во највисоките ешалони на политиката. За волја на вистината, системот си избираше и „чесни Македонци“, како и други, а сите мораа да го минат кадровскиот филтер на Це-ка и длабоките проверки од тајните служби. Сепак се почитуваше фактот дека етничката структура на населението во Македонија е реалност што не смее никако да се игнорира и дека треба да се овозможи најширока можна вклученост во системот и на етничките Албанци, како најголема заедница во земјата по македонската. Оваа реалност не се игнорирала и во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, каде што партијата Џемијет имала свои претставници во власта, а потоа за време на неговата диктатура и кралот Александар кооптирал Албанци и Турци на политички позиции во системот на локално и на национално ниво. Секако дека албанската заедница не била задоволна со својот статус во кралството, како што не беше задоволна и со својата положба во СР Македонија и СФР Југославија, но барем номинално отсекогаш се внимавало на етничките различности во земјата.
Демократизацијата коренито ја промени целата ситуација околу меѓуетничките теми во Македонија. Неверојатниот успех на коалицијата ПДП-НДП, кои го образуваа албанското национално движење во демократска Македонија на првите избори од 1990 година укажа дека албанскиот чинител во Македонија не смее да се пренебрегне. Првата таканаречена „експертска“ влада вклучи и министри од албанската заедница што влегоа во извршната власт со амин на ПДП-НДП. Оттогаш, па наваму секоја политичка влада во Македонија содржи и партија што го земала изворно мандатот од граѓаните Албанци. Оваа уставна конвенција е мошне значајна за Македонија затоа што овозможува вклучување на сите слоеви од општеството во демократскиот политички поредок.
Може да се замисли и ситуација кога граѓаните од албанската етничка заедница во Македонија ќе бидат претставени во извршната власт преку партии што немаат етнички предзнак. Меѓутоа, очигледно е дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, а ни СДСМ, сè уште немаат платформа во што граѓаните Албанци ќе се препознаат. Во некое хипотетичко сценарио каде што граѓанските партии ќе земат значителен број гласови од албанската заедница, ќе биде сосема извесно да се состави и влада што нема да содржи етнички партии во своите редови. Но дури и тогаш Албанците ќе бидат претставени со пратеници и министри што изворно го добиле мандатот од граѓаните. Значи, клучот е во претставувањето што оневозможува надгласување, мајоризација и игнорирање на специфичните барања на албанската етничка заедница.

Разбирлив е гневот кај огромен број од гласачите во Македонија против ДУИ. Таа партија и нејзиниот лидер, Али Ахмети, се последен рецидив на овие постјугословенски простори од мрачната декада на 1990-тите кога етничкиот шовинизам навлезе во политиката со сета своја разорна сила. Немоќта на СДСМ, од 2017, па до 8 мај 2024 година, ни овозможи да го видиме најгрдото лице на ДУИ. Тоа е партија на моноетничкиот шовинизам, партија што нема друга диоптрија, освен етничката, и која не се колеба да влезе дури и во отворена дискриминација на сите други етнички заедници, вклучувајќи ги и мнозинските Македонци. Наедно, како и секоја партија со жестока етнонационалистичка агенда, ДУИ настојува да ја претвори Македонија во нефункционална држава затоа што „колку Македонија е поодбивна за сите свои граѓани, толку сништата за некои други големодржавни проекти се попримамливи“. Ваквата политика однесе многу држави и етнички заедници од балканските простори во тешки национални трагедии и овие политички приказни никогаш не завршуваат добро. Но ДУИ досега се потпираше на стравовите на меѓународната заедница дека тие се единствената политичка сила со потенцијал за внатрешна дестабилизација на Македонија, како и структура што може да олесни прелевање на некој нов регионален конфликт во Македонија. Веројатно во Мала Речица не го пресметале фактот дека Македонија сега е земја членка на НАТО, па дека поинакви се математиките на САД и на клучните земји од ЕУ кога станува збор за дестабилизација на НАТО-партнер, особено во услови на војна во Украина по руската инвазија од 2022 година, но и на конфликтот во Газа.
Изборниот бојкот на ДУИ целеше Македонија да влезе во уставна и во институционална криза затоа што шефот на државата ќе беше со спорен легитимитет, како преодно решение до некој нов избор, што е помалку веројатно, или до промена на Уставот. Да се остави држава членка на НАТО без врховен командант, при голема можност од ескалација на Украина, вклучувајќи и со влез на конвенционални сили на Алијансата во војната, е чин насочен против компактноста на сојузот. Веројатно ова им било посочено на Али Ахмети и на ДУИ на некои состаноци за кои ќе дознаеме некогаш во иднина. Затоа и нивниот бојкот беше тивок, низ структурите на партија и без посебна драма во јавноста, освен веќе излитените малограѓански штосови на Артан Груби, како и глумењето државник од Али Ахмети, кој зема две ливчиња.
За жал, опозициските партии кај Албанците во Македонија целосно влегоа во играта на ДУИ дека единствената политичка тема за албанската заедница е мерењето на патриотизмот. Тоа „натпатриотчување“ создава нервоза кај Македонците и им дава храна на маргинализираните шовинисти, кои сметаат дека влада без Албанци е решение за сите проблеми во земјата. Исто така, мошне е смешна (но, и опасна) и оваа регионална игра помеѓу Еди Рама и Албин Курти околу тоа кој е сеалбанскиот лидер на Балканот, а уште потрагично е тоа што тукашните албански политички лидери земаат страна во оваа игранка, наместо да продолжат да си бидат автентични политичари, со јасна политичка тежина и доволно зрели никому да не му служат како измеќари или подопашници.

Така што, да го одговорам прашањето од почетокот. Во демократска Македонија не е можна влада без учество на партија или партии што го добиле изворниот мандат од граѓаните од албанската етничка заедница, сè додека во земјава не изградиме граѓански партии што ќе ја прескокнуваат и надминуваат етничката бариера. Досега тоа не е случај и сите срамежливи (и отворени) обиди за изградба на вистински државотворни политички структури досега пропаѓале. Мултиетничноста, мултијазичноста и мултиконфесионалноста се одлика на Македонија, која е реалност и која мора да се почитува со одржливи решенија. Тоа значи дека при формирањето на владите во Собранието магичната бројка за успешна коалиција е 61 пратеник, а коалицијата притоа мора да содржи партија или партии што добиле изворен мандат од граѓаните со албанско етничко потекло. Дали е можно при таквите математики да биде надгласана партијата што освоила мнозинство од гласовите, па дури и апсолутно мнозинство од гласовите на Македонците, како најголем етникум во државата? Да, секако, и тоа е легитимно, а и тоа беше ситуацијата од 2017 до 2024 година. А дали е можно при таквите математики да биде надгласана партијата што освоила мнозинство од гласовите на етничките Албанци, па дури и апсолутно мнозинство од нив. Да, и таква ситуација е еднакво можна и еднакво легитимна. Во конкретниот случај прашање е дали Вреди има помалку гласови кај Албанците од Македонија затоа што ДУИ коруптивно влезе кај ранливите категории на помалите муслимански етнички заедници и тешко може да се пресмета кој блок доби повеќе албански гласови во Македонија.
Оттука, редно време е да ги замолчиме шовинистите од сите етнички заедници во Македонија со аргументите на демократијата. Незамислива е влада без претставници на албанската заедница што изворно го добиле својот глас од граѓаните Албанци, но сосема е замислива која било владина коалиција што ќе дојде до бројката од 61 пратеник во Собранието, независно дали овој политички блок ќе има мнозинство од пратениците Македонци или мнозинство од пратениците Албанци. Во демократија правилото е „еден човек – еден глас“, па трката е како да се дојде до 61 пратеник и како да се испочитува македонската специфичност на мултиетнички коалиции. Сите други изопачености, како влада без Албанци или „победник со победник“, е најдобро да ги оставиме за друштвата на кафеанските астали. Граѓанското мора веќе еднаш да го победи етничкото во Македонија!

Ивица Боцевски