Можна ли е алтернативна македонска надворешна политика?

(прв дел – Европска интеграција и непосредно соседство)

Како би изгледала една алтернативна македонска надворешна политика? Државноста е голема привилегија и уште поголема обврска. Од околу пет илјади народи на Земјината топка, нешто помалку од двесте се избориле за своја држава, а меѓу привилегираните е и македонскиот народ. Изгледа како научна фантастика да се зборува за надворешна политика во земја што претрпи толку страшни дипломатски порази само во последните пет години. Сè започна со дипломатскиот армагедон наречен Преспански договор и насилното наметнување на „Северна…“. Како поинаку да се нарече „компромис“ што ги прегазува и ги поништува сите консензуално усвоени македонски „црвени линии“, воведува ново име што веднаш станува омразено од македонскиот народ, поминува на процедура што ги руши внатрешните меѓуетнички односи, дополнително ги влошува и ги обременува односите помеѓу Македонија и Грција, го повишува до усвитување антизападното, антиевропско и антиамериканско расположение во јавноста, а притоа е донесено со газење на волјата на граѓаните, меѓу другото манифестирано и со бојкот на референдумот. Преспанскиот договор очекувано предизвика и една друга предвидлива нуспојава во форма на повампирување на антимакедонските шовинизми во регионот. Старите и добро познати балкански дребни империјалисти го протолкуваа потпишувањето во Нивици како доказ за нивните чудовишни тврдења дека македонската нација е измислица, дека Македонците се „аморфна маса“, а и дека Македонија е само еден „провизориум“. Оттаму произлезе и бугарското вето за натамошната македонска европска интеграција, како и неправедно наречениот „француски предлог“, кој ја осуди Македонија на европеизација преку бугаризација. Да не зборуваме, пак, дека Преспанскиот договор создаде и парадоксална ситуација затоа што Македонија е демократска земја, а во моментов ѝ е оневозможено да води надворешна политика на демократски принципи. Имено, САД го ставија непочитувањето на Преспанскиот договор и на листата на причини за можни санкции против политичари од Македонија, а ЕУ го цементираше во претпристапните преговори. Тоа значи дека сега за македонската дипломатија ќе бидат погубни какви било истрчувања за еднострано укинување на Преспанскиот договор, но пак за која било демократска политичка партија ќе биде невозможно да излезе пред граѓаните и да го бара мандатот за водење на Владата, а со тоа и на надворешната политика, без јасно обврзување дека среднорочно и долгорочно ќе работи на поништување на Преспанскиот договор и на срамните одредби од преговарачката рамка со ЕУ. Но нема тука никакви причини за очајување или да се гледа некаков безизлез. Не сме единствениот европски народ, во поширокиот круг на Европската Унија, што се судира со неправда и со сè уште неизвојувана национална кауза. Конзистентноста и втемелувањето на надворешната политика во демократската волја на народот на крајот си доаѓа до израз.

Нејсе, прва точка на една алтернативна надворешна политика е европската интеграција. Јасно е дека Европската Унија нема намера да го продолжи процесот на проширување, барем не во скоро време, но уште појасно е дека сите балкански земји се органски поврзани со заедничкиот европски пазар и мора да пронајдат начин целосно да се интегрираат во европските економски текови. Стратегијата на актуелната влада е да ја сведе Македонија на колонија или на протекторат, односно на земја без никаква иницијатива на план на европските интеграции. Тоа е сосема погрешен приод. Македонија и сега има што да покаже на полето на пристапувањето кон Европската Унија и анализите дека како држава сме дури и пред Србија и Црна Гора во огромен дел од европската агенда не се претерувања, туку вистина. Лагите на „шарената револуција“ дека Македонија била изолирана и тапкала во место одамна се изветреани. Алтернативна македонска европска политика би бил еден активен и агресивен македонски настап пред европските институции и пред европската јавност, како во Брисел и во Стразбур така и во Париз, Берлин, Рим, Мадрид и во Варшава. Македонија мора да ја бомбардира Европа со своите резултати и со идеи, од типот итен влез во европскиот економски простор, сегментиран влез во заедничкиот пазар, придружно членство во шенген-зоната, целосна царинска унија со Европската Унија, дигитализација на превозот на стоки, либерализација на услугите и на протокот на капиталот, изедначување на правата на државјаните на земјите–кандидати со државјаните на земјите од ЕЕП и слично. Овие иницијативи би биле уште поуспешни ако се врамат како регионални, а идеално тоа би одело преку иницијативата Отворен Балкан. Македонската дипломатија може да ја одигра улогата на мост за влез на Сараево, Приштина и Подгорица во Отворен Балкан, како и за интеграција на самоникнатата регионална иницијатива, со „Берлинскиот процес“ воден од клучните европски играчи. Никој во Брисел, Париз или Берлин не би можел да игнорира заеднички настап на „балканската шесторка“, а Скопје може лесно да биде олеснувачот, медијаторот и координаторот во регионот.

Втор аспект на алтернативна македонска надворешна политика би биле односите со проблематичните соседи. Посебно на Грција не ѝ одговара ваква понижена и одмаздољубива Македонија како сосед. Македонската дипломатија мора да воспостави мостови за соработка помеѓу македонското и грчкото општество, со цел конечно да се запознаеме. Раните од триесетгодишната дипломатска војна не само што не се залечени туку уште пообилно крвават по Договорот од Нивици, а да не зборуваме за длабочината на историските лузни на македонско-грчките односи. Затруената атмосфера не може да се исчисти без отворен дијалог на сите нивоа. Грција умее глобално стратегиски да промислува и една од најуспешните и најдобри балкански дипломатии, но нејзината регионална политика сериозно потфрлува кај непосредното соседство. Замислете Грција да ја играше улогата, која Австрија и Италија ја одиграа за Словенија и Хрватска, во делот на нашата европска интеграција? За жал, минатото не може да се поправа, но искрен балкански дијалог, без беспотребни „европски методи“, може да произведе резултати во македонско-грчките односи на среден и на долг рок.
Односите со Бугарија, за жал, се на најниско ниво од создавањето на македонската држава на 2 август 1944 година. Дури ни во времето на Тодор Живков и Цола Драгојчева немало вакво дно во меѓусебната соработка. Нам прво ни е потребна детанта, па потоа повторна изградба на сите срушени мостови. Бугарија нема простор за ваква агресивна политика кон Македонија, а нема ни ресурси и капацитети за водење такви битки. Македонската дипломатија треба да го одработува теренот за евентуален пробив во односите кога Софија искрено ќе посака обнова на односите. Актуелниот момент е токсичен и секоја натамошна отстапка од актуелната македонска влада води во амбис. Македонско-бугарските односи се во тежок ќор-сокак.
Во делот на регионалната политика се и македонските односи со Турција. Дури и пораз на Ердоган на следните претседателски избори тешко дека ќе значи престројување на Турција на нов колосек во надворешната политика. Се чини дека Анкара избра независна врвица во меѓународните односи затоа што ѝ беше ускратен патот кон полноправно членство во ЕУ.

Нов момент е и фактот што Турција иако е полноправна членка на НАТО дејствува многу повеќе автономно, па дури и целосно независно од американската надворешна и одбранбена политика, карактеристика несвојствена за другите партнери од европскиот континент. Македонија долго и грижливо работеше на своите односи со Турција, па не смее да си дозволи да ги наруши дипломатските врски на Скопје со Анкара. „Посебен однос“ се нарекува соработката помеѓу Обединетото Кралство и САД, па и Македонија може да негува специјално партнерство со Турција, веројатно една од најзначајните регионални сили на Балканскиот Полуостров. За жал, македонските мисии во Анкара и во Истанбул не го отсликуваат овој „посебен однос“, а и зградата „Борис Сарафов“ не изобилува со туркофони дипломати, па мора системски да се пристапи кон корекција на оваа фалинка на македонската дипломатска служба.

Ивица Боцевски

(продолжува)