Морална бездна

Велат дека времето на студени глави одамна минало. Ова кога е во прашање авторитет, мудрост, одмереност во сите пори од општеството, а посебно на луѓето што значат нешто. Освен тоа сѐ повеќе се злоупотребува кроткото однесување на мнозинството, односно драстичното поместување на границата на толеранција кон естаблишментот и концептите на владеење. Сѐ повеќе личности без докажани компетенции протураат изјави во медиумскиот простор за милитаризација на општествата, за заострување на состојбите, за сеење омраза и деструкција од секаков вид. Секој од сопствени побуди, цели и видувања. Притоа не сметајќи на последиците што можат да се случат токму од нивното искажано за јавноста. Се разбира, станува збор за војна на наративи. Ова е моја вистина и ти мора да ја прифатиш. Затоа, тие персони не се кој било. Тоа се претежно луѓе што значеле нешто во браншата. Но сега, откако им минало времето и стасале зрелите години, станува збор за инфантилни суштества што застраниле или застанале во сопствениот развој. Поточно кажано, луѓе што не успеале целосно да се докажат во областа во која заземале видно место. Овде пред сѐ, се мисли на некои високи воени старешини што со своите громогласни изјави навестуваат можна катаклизма, лежерно промовираат планови за воен старт и начин на кој ќе се дојде до победа со употреба на софистицирано оружје иако тоа не е така. Има и политичари со воинствена реторика, но кај нив има и вака и така. Има враќање.
Севкупните состојби во светот укажуваат на тоа дека човештвото се наоѓа пред длабока морална бездна. Можеби станува збор за континуиран процес односно генетски код на човекот бидејќи ни минатото не било поштедено од една слична состојба. Но да се надеваме дека вековното искуство ќе ѝ помогне на денешницава да пронајде начин како да ја одбегне стапицата наречена морална бездна над која виси цивилизацијата. Можеби сега е моментот кога треба да инсистираме на револуција на духот?
Од самите почетоци на цивилизацијата, сѐ било и ќе биде подложно на промени. Освен, срцевината односно структурата на владеењето. Обидите со различни општествено-политички системи, со надградби што не менувале суштински ништо, со експерименти што само површно нуделе вистински промени, стасавме на чекор од морална бездна. Ништо од критериум на вредности, ништо од емотивна експанзија со која ќе се изрази барем малку емпатија кон противникот, поразениот, скршениот човек или кон најосетливите категории од населението, ништо од суштински промени што ќе нѐ претворат во подобри луѓе.

Младоста се оттуѓи – алиенира. Тоа е веројатно резултат на новото време. Во анкетите учествуваат луѓе длабоко навлезени во постари години. Тие се и највоинствени, ама се како јунаци зад грмушка. Само вреват. Таму каде што ја има младоста, како да ја нема. Едноставно, секој чекори по својот пат, со сопствени маки, со своја животна војна. Другиот? Тој нека му ја мисли. Во секој случај, тие се во подобра положба од оние во рововите, шумите, зад ѕидиштата на разурнатите згради, под дожд од гранати и дронови. Зарем човекот не знае за ништо друго освен за конфликтни ситуации? Зарем и понатаму си мисли дека уривањето овозможува градење и просперитет? Веројатно влијанието на Холивуд каде што сѐ е возможно и каде што животот и по катастрфични состојби, спокојно продолжува да тече понатаму. А бездната демне. И моралната и армагедонот.
Русија се враќа на Куба. Во Венецуела однесе сѐ што ѝ е потребно за вонредни состојби. Трамп на средба со Зеленски за томахавк-ракети. Никарагва со понуда за воена база. Европа се подготвува за војна кратејќи на здравство, школство и социјала. Европа, некогашната принцеза на уметноста, музиката и духот. Рајот на спортските натпреварувања. Ерозија што навраќа на лоши спомени. Две светски војни… Сѐ почесто може да се слушне дека Кина е подготвена да му конкурира на Панамскиот Канал со отворање нов во Никарагва. Таму Русите ќе се грижат за безбедноста на пловидбите. Чирот расте. Ако се потсетиме на 1962 година и кубанската ракетна криза, тогаш може да очекуваме поволни вести. Апсурдно ама така е, нели? Којзнае, можеби цивилизацијата не може без холивудски завршници поткрепени со руска воена музика. Да се надеваме дека спектаклот наскоро ќе има свој епилог. Можеби веќе во Будимпешта, каде што е закажано рандеву Путин – Трамп?
И сето тоа пред сѐ поради ниското ниво на морален кредибилитет ама на светот во целина. Никој не крева глава, не повикува на разум. Молк, летаргија и покорност. Се чини дека светот и човекот во цивилизациската централна гравитациска зона навикнаа на пороци и ниско ниво на вреднувања. Кој знае, можеби добро се живее иако сите постојано се жалиме. Веројатно претеруваме и повторно се завлекуваме во сопствените душевни пештери. Таму господари, а тоа веројатно води кон колективна морална бездна.

Во таа исклучително кризна 1962 година, кога јадрените или атомски боеви глави ќе го испревртеа светот ничкум, во кината се појави „Најдолгиот ден“ со плејада врвни холивудски актери, предводени од Џон Вејн и Хенри Фонда. Сторијата за денот Д и инвазијата на Нормандија совршено се поклопи со воената напнатост на Атлантикот и Куба како главен актер. Да се рече, нешто како Украина денес. Но таму барем не се случи крвавење. Сурова сторија за Втората светска војна во која моралниот амбис во животот на Европејците доведе до уште една колективна трагедија на континентот. Истата година, во кината низ светот, содржина за одговорност и морална вредност на поединци. Камо среќа тоа да се случи и со колективитетот. Но… за одговор се погрижи Луис Мајлстон со неговиот „Бунтот на Баунти“, со Марлон Брандо, Тревор Хауард и Ричард Харис во главните ролји. Целта на мисијата на овој кралски брод; лебно дрво за храна на робовите на колонијата Јамајка. Капетанот на бродот ја удвојува пратката на сметка на вода и храна за морнарите. Кога тие ќе почнат да умираат, вториот офицер крева бунт. Откако капетанот ќе се врати во Лондон, каде што е закажан судски процес, првиот офицер што е одметнат и заедно со бродот и посадата живее на пацифички остров, одлучува и по цена на бесилка да се врати назад и да сведочи за настаните на бродот. Морнарите го палат, а тој умира од силни изгореници. Зарем вреди да се бориме против моралната бездна? Секако дека да, но само во услови кога ќе можеме да кажеме дека во целост сме го промениле нашето однесување прилежно за една цивилизација.
Музиката е храна за сетилата, гориво за расположението. Во тие 1960-и години, плодна музичка сцена. Од блуз и соул, па до хипи-филозофијата, која од Западниот Брег на САД се префрла во Големото Јаболко, кое има сопствен начин на приемливост и живеење. Од ливерпулското пристаниште кинисува најголемата музичка инвазија на светот – „Битлси“. На југословенската сцена доминира „Југотон“ со својот монопол во тогашниот СССР, а свој голем подем има Есма Реџепова, позната и надвор од границите на земјата.
Што во моментов кога светот се наоѓа на голема пресвртница? Човечки е да се очекува период во кој ќе можеме да избереме нов пат, а не бездна. Сеедно дали е морална или армагедон. Старите велат дека по лошо, доаѓа и добро, па така нека биде. Ова не е наратив туку само насушна потреба на изморената цивилизација.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател