Внатрешниот говор, односно вербалното размислување, покажува дали сме благонаклонети или критични кон себе, дали се тешиме или се храбриме и затоа е важна психолошка категорија
Со кого најчесто разговараме? Дали се тоа пријатели, колеги или членови на семејството? Можеби, сепак, најчесто разговараме со себе.
Внатрешниот говор или монолог, односно вербалното размислување игра голема улога во перцепцијата, сознанието и однесувањето што ги манифестираме на сите возрасти и во сите ситуации, а секое нарушување често може да укажува на различни ментални нарушувања. Тоа се ситуации кога се омаловажуваме, имаме некои фиксни идеи, кога сме опседнати со нешто или сме окупирани со агресивни намери што не се приспособени на надворешниот свет, но и на внатрешниот свет, односно се насочени кон нас самите.
Вербалното размислување е многу важна психолошка категорија, која ни кажува како се однесуваме кон себе. Дали сме критични, негативни, како да го рационализираме нашето однесување затоа што не сме направиле нешто што сме го замислиле. Тоа покажува дали сме благонаклонети кон себе, дали се тешиме или храбриме, дали си даваме себеси поддршка.
Долго задржување на лошите мисли
Некои ќе тврдат дека никогаш не зборуваат сами со себе, додека други ќе пријават дека постојано имаат внатрешен монолог. Меѓутоа, секој води внатрешен дијалог, само некој повеќе внимава на тоа. Највообичаен пример е кога ги меморираме наједноставните работи: ако вербализираме во главата, кажеме телефонски број и му дадеме значење, ќе го паметиме полесно и подолго. Веднаш штом ќе се разбудиме, почнуваме да разговараме со себе и размислуваме за работите што ни се случиле и што нѐ чека. Тоа ни служи за решавање проблеми, размислување за различни исходи и последици од замисленото дејство.
Понекогаш постојано се присетуваме на некоја слика од некој настан, особено на оној што предизвикал емотивна реакција, и на тоа реагираме во нашиот монолог непотребно долго во нашите глави, откако ќе заврши и кога веќе не можеме да сториме ништо. Или го повторуваме истиот исход од некоја акција што сакаме да ја преземеме. Во вакви ситуации треба да си кажеме: доста е. И потоа да го насочиме вниманието кон нешто друго, за да го „заборавиме“ она што го предизвикува маѓепсаниот круг на мислата. Ако премногу размислуваме за лошите резултати или за тоа што би можело да тргне наопаку, ние самите си наштетуваме, се ставаме под стрес и стануваме вознемирени.
Децата често си објаснуваат нешто гласно, што трае до одредена возраст, а потоа исчезнува бидејќи ја интернализирале таа дискусија. Во зависност од настаните во нивните животи, сумирање на доброто и лошото, луѓето честопати стануваат критични кон себе. Кога нешто не излегува како што замислиле, некои почнуваат да се обвинуваат себеси, да кажуваат дека можеле да направат нешто поинаку, дека се глупави, не размислуваат доволно… Со текот на времето ги оценуваат повеќето работи од тој самокритички аспект, што не е добро. Тоа доведува до колапс на самодовербата и самопочитта.
Постојат различни ситуации кога некој ќе ви каже нешто омаловажувачко, тоа може да ве погоди накратко, но многу поопасно е кога сами себе се омаловажувате цел ден! Ваквиот внатрешен говор треба да се надмине со воспоставување позитивен став кон себе, што доведува до посветла перцепција на светот. Многу е важен и начинот на кој зборуваме со себе, како си се обраќаме. Таму можеме да вежбаме и да се дистанцираме. На пример, тој глас му го припишуваме на некој што го цениме и себеси си се обраќаме како советник, како некој што пообјективно ги набљудува нашето однесување, размислување и проблемот што лежи во коренот на сè.
Позитивно размислување како прв чекор
Менувањето на верувањата и размислувањето поинаку, позитивно за себе и, следствено, за светот околу нас е првиот чекор. Позитивниот однос кон себе нè наведува да размислуваме поздраво и попродуктивно.
Исто така, многу е важно да се разјаснат две ситуации: треба да се прави разлика помеѓу тоа кога некој „зборува“ со себе и кога некој „слуша гласови“. Оваа втора ситуација може да укажува на некои ментални нарушувања, со присуство на некои други симптоми. Таквите лица треба да побараат помош од психијатар.
Д-р Лазар Мариќевиќ