Браво, Нордистан! Извини, Куба! Што да правиме, знаеме понекогаш, ама ептен лигуши да бидеме, ние, едни од најобесправените на планетава, на кои им зедоа идентитет, им акнаа ембарго на името Македонија, нормално, и сами учествувавме и придонесовме за таа мизерија да ни се случува, па затоа сега сме како заклани кокошки, како муви без глава, дури и во лична карта ни пишува дека не сме Македонци, туку граѓани на некаква северна територија, која остана без својата суштина при едно патешествие наречено агонија, кое започна со нацистичка Лисабонска декларација, а заврши со геноцидна преспанска повраќаница.
Браво, Нордистан! Извини, Куба! Ѝ се исчаталивме на сиромашна земја под постојан притисок, ембарго, санкции, ограничувања и закани од моќен силеџија, иако, баш цинично нели(?), таа иста Куба со својата медицина се покажа како земја со едни од најдобрите резултати за време на ковид-кризата, за разлика од нас, „моќната“ НАТО-членка во која практично се случи холокауст среде пандемијата. И мајка ми беше жртва на ова монструозно мутирано злосторство против човештвото за чии творци, се надевам, Бог има отворено нов страшен „ол инклузив“ дел во пеколот. Циникот во мене тогаш горчливо заклучи, уф, изгледа и не е толку страшно да бидеш како Куба, изолиран од западната страна на идиотштината што се умислува цивилизирана.
Браво, Нордистан! Извини, Куба! Нашата делегација гласаше против резолуцијата на Обединетите нации за укинување на санкциите спрема Куба и децениското малтретирање на кубанскиот народ. Па што го враќавте Фрчковски од мисијата? Можевме да го оставиме таму како идеолошки симбол на нордистанизацијата преку која ги читаме изопачените вредности на западната „цивилизација“. Деновиве за инает ќе слушам само кубанска музика. Патем, резолуцијата беше необврзувачка. Сето тоа за да ја засили кловновската функција што ја имаат истите тие Обединети нации, кои необврзувачки постојат за да штанцаат необврзувачки извештаи и резолуции. Само парите се обврзувачки што државите ги фрлаат за овој непродуктивен циркус на белосветски бирократ-паразити да „функционира“.
Туку гледам, и Унгарија како нас се изглупирала. Чудно ми е, оти Унгарците се покажаа меѓу најинтелигентните среде слабоумната „вона би“ политика на Европската Унија последнава деценија. Пред некој ден пред очи ми прелета изјава на Орбан. Човекот рече дека Европа сака да војува со Русија, ама Унгарија нема да учествува во таква безумна одлука на Унијата. А војна ќе има, верувајте ми на зборот. Можеби не сега, ама за година-две, сигурно. Политички девастираната дистопија на Унијата не може да излезе поинаку од својата налудничава матрица, оти такви се капацитетите на нејзиниот Левијатан што ја киднапира европската политика во својата изопачено перверзна утроба каде што нема веќе место за Јона и Пинокио или поинаку кажано, која ги задушува сите пророштва и фантазии, ако ми ја разбирате симболиката.
Иако, гледајќи ги децава што се раѓаат, но и оние родените што му се радуваат на детството, се надевам дека нема да ми се оствари претпоставката за војна во блиска иднина, ама живо ме интересира, ако сепак бидне кланицата, а нас сè уште нè води сегашната политичка гарнитура што владее со државата, дали ќе го фати патот на својот идеолошки постар брат од Унгарија, кој најави дека ќе одбие да војува или ќе тргне по (без)умот на Фон дер Лајен, Макрон, Мерц и, од сегашна гледна точка, смешната британска империја, оти некако сум убеден, доколку САД останат под владение на Трамп, односно неговиот наследник Венс, ќе ја пуштат Европа низ вода, за да биде масакрирана на источниот фронт каде што ќе доживее крај западната цивилизација полна самобендисана ароганција, која нема капацитет здраворазумски да расудува, па ита кон својата пропаст што ја заслужува.
Но што ако сепак најлошото се случи во блиска иднина, оти ене ја Унијата, неспособна да си ја гледа сопствената куќа, фати како луда да се вооружува за да ја срушела туѓата, што ако се случи кланицата, а ние приклучувајќи се, го избереме патот на безумноста? Ништо посебно. До моментот кога едните во очај ќе ги кренат нуклеарките за да ја завршат нашата планетарна приказна, ама со убава визуелна претстава полна печурки што се креваат кон сонцето, војната што ќе се одвива ќе биде очигледно како оваа во Украина, која фронтално наликува на првата глобална идиотштина. Јас, фала на прашање, нема да учествувам. Или дотогаш ќе скинам конци што можеби ќе биде нешто најпаметно, со моја асистенција направено, имајќи предвид како со себе се однесувам или ќе сторам сè властите да ме стрелаат, како државен непријател на каузата што ми ја внесе татковината во војна, на страната на стратегиските партнери на политичката арогантна кусогледост и сето тоа ќе биде крајно логично затоа што јас и без белосветска касапница, со години вербално војувам против нацизмот на ЕУ кон Македонија, па оттука, зошто би ѝ дал поддршка во нивното срање со Русија?
Ама јас сум сосема небитен во „светлата“ иднина на помрачените умови што ја носат кон погибел планетата. Што со мојов народ што ме опкружува, некогаш Македонци, а сега по лична карта и суштина, припадници на нордистанската наметната повраќаница? Исто така, ништо посебно. Ако ја постелеме пред себе „мапата“ на сегашната домашна политичка нарација, имаме четири различни пристапи кон истата трагикомична будалаштина. Едните, моментално најмоќни и со најголема (и моја) поддршка, кои на збор и по чувство се гнасат од зомбито Нордистан, во пракса го прифатија истото за реалност легнувајќи во брачната постела со силувачот. За вторите не ми се ни пишува. Тие лично ја кренаа смрдливата нордистанска депонија и врз неа ја запалија Македонија. Третите, пак, арогантни нордистанчина што сега продаваат македонштина, а составени од шуто и рогато на интелектуалната бижутерија и граѓанството луѓенца, втемелени се и брендирани во одвратната нордистанизацинја како шарена револуција. Четвртите, кои припаѓаат на најголемата малцинска популација, лесно се објаснуваат со една цинична реченица, која гласи, Артан ќе тргне да го спасува градоначалникот на селото Грушино (Грушински селски совет, Првомајски реон, Харковска област), а Биљал ќе се стрча да му помага. Значи цел Нордистан е спремен за мобилизација од страна на зарибаната, ама налудничава ЕУ-машина, која ќе фаќа накај источниот фронт да продолжи кајшто заглавија Наполеон и Хитлер. Му се молам на Бога да излезам геополитички најглуп, но ако сепак се случи она што со сите сили се подготвува, мајките на милиони голобради момчиња нека фатат да учат како бабите плетеле шалови, капи и ракавици, оти, не дека нешто ќе помогне, ама многу студи во Русија.


































