Мир и профит

Мир или профит или дали има крај? Тајланд започна воздушна кампања против Камбоџа откако по инцидент се убиени двајца негови граничари. Потоа започнале директни судири со пушкомитралези и минофрлачи на шест невралгични точки по должината на заедничката граница во француската колонијалистичка терминологија позната како „крвава линија“. Далеку од можноста воените кампањи на Русија и Израел да запрат. Понекаде под патронат на САД се потпишуваат само кревки договори (Конго – за кое откако знам, тешко крвави). Патем, Патрис Емери Лумумба, првиот премиер на тогашна Република Конго, африкански националист и борец за независност, бара од САД и ООН да интервенираат и да ја натераат Белгија да им дозволи да бидат независни. Откако тие одбиваат да го сторат тоа, се бара помош од СССР. Тоа доведува до растечки разлики со претседателот Касавубу и шефот на персоналот Мобуту, при што Лумумба завршува во затвор. Потоа е стрелан од страна на милитанти од Катанга, големата провинција на Конго, а по наредба на Мобуту. Неговата смрт го потресе светот и насекаде избувнаа демонстрации на осуда. Но бидејќи политиката е рецидив на профитот и вообичаено лежерно приспособлива кон правилото „кучињата лаат – карванот врви“, вревата со текот на времето стивнува. Човекот што му мислел добро на сопствениот и на народите на многу колонизирани држави на африканскиот континент, замина во заборав. Патем, Конго е многу богата, но исто така и многу сиромашна држава. Има блага клима, злато, дијаманти, нафта и постојано внатрешни оружени конфликти. Во едно парчосано Конго, главен град долго бил Леополдвил, а Леополд бил крал на Белгија. Дали човекот бил тиранин со тоа што во негово време Конго загубило милиони животи? Би се рекло дека не е, бидејќи тиранијата е својствена за едноумието на Истокот, а просперитетната Белгија живеела во мир и во демократско–монархистички спокој. Кој им е виновен на Африканците што се уништувале меѓу себе со туѓо оружје, а ги имало милиони наспроти минорните белгиски колонизатори. Освен тоа, дали може да се случи во тој слободарски Брисел барем едно тесно сокаче да го носи името на Патрис Лумумба како докажан зачетник на демократијата во Африка? Во секој случај, ние малите треба да се радуваме што немаме големи рудни богатства. Даниел Дефо, познатиот англиски писател („Робинзон Крусо“), вели дека секој од нас очајнички посакува да биде тиранин – ако му се даде шанса.

Што се случува со оваа сега веќе смешно тажна цивилизација, која гордо ги истакнувала достигнувањата речиси во сите области од животот. Како еден од водечките светски лидери, почитуваниот американски претседател Трамп ја менува траекторијата на своите ставови небаре се износени чорапи иако тој сигурно, заедно со Путин и Си, најдобро го знае патот по кој ќе чекориме во следните децении. Но тоа е сепак настап пред медиумите и пред јавноста до мера каде што треба тој атрактивен перформанс се чита меѓу редови. Бидејќи оваа цивилизација е зафатена со сѐ друго, а најмалку со вистинските вредности, кои се само „патем “, таа самата на чуден и чудесен начин успева ерозивно да ги урива сето она што наводно се градело со векови и што значи правен поредок и неговата функционалност. За римското право, врз кое се темелат повеќето денешни правила на меѓународното право што ги регулира постапките на сите учесници, затскриено се говорело дека многубројните прописи и закони важат само за плебејците, додека богатите се над неговите санкциони постапки.
Еден од многубројните примери е и нашата сага со Европската Унија, која се развлече во недоглед. Се чини дека малку по малку „успешно“ влеговме во возот што тромо се движи кон целта што постојано се оддалечува. Како во соништата. На овој пат сме заедно со Турција, која аплицира од раните шеесетти години на минатиот век, а тука се и неколку наши блиски соседи од срцето на Балканот, кои го зафаќаат дури и средишниот дел од Европа. Сите ние, што би се рекло топтан, не знаеме на кој терминал ќе нѐ паркираат, бидејќи патем има многу наплатни рампи. Турција е голема, била империја, па лесно ќе поднесе многу удари играјќи за сопствените интереси во океанот на бурите. Ние по пат сѐ повеќе и повеќе систематски се арчиме отфрлајќи сѐ повеќе исконски парчиња од сопствената руба, кои се нашата душа. Асимилација или обезличување? И едното и другото, катастрофа и неприлежно за модерниот свет. Ние, во срцето на европскиот континент, заедно со голем дел од сега крстениот Западен Балкан (секој во однос на некого е западен – право на големите да ги менуваат и прекројуваат териториите, државите, па дури и имињата на маалата), бараме да нѐ примат во ексклузивен клуб на „недопирливи“? Е, море, еј! Ова како едикојси староседелец со тапија, дом и двор, а отстрана наорлени соседи што не му мислат добро. Сметаат дека тоа е најдобро за нивните апетити. Всушност, тие носат мала вина. Големата со ситни пазарења се добивка за некој што осмислува и води мрачни игри.
Тајланд ги затвора училиштата. Што ќе ти се, по ѓаволите. Униформата и херојството се на цена, а не образованието и науката. Сега се редат први жртви. Јуначишта со оружје колку сакаш. Платени, одложено платени, неплатени. Кој зборува тука за количество на ум и разум? Денес, тоа е дефицитарно нешто. На светската берза на морбидност високо котира токму овој дефицит. Мир или профит? Секако второто, оти светот е материјалистички насаден. Освен тоа, профитот знае како да донесе и да одржува мир, но и како да поттикне немир повторно во интерес на нов развиток. Впрочем, по цена на сѐ, амбарите мора да се полнат.

Повторно пазарот и профитот застанаа на врвот на приоритетите. Воините што заминуваат на небото веќе го загубиле највредното во некој од смрдливите ровови. Нема кој да плаче по нив. Кучињата на војната се самотници израснати на улица, во сиропиталишта или во затвори. Ама, ете, имаат висока цена.
Лето, а тешки теми. Што можеме кога тоа е наше секојдневие. Да не ја спомнуваме црната хроника со која стануваме и легнуваме.
На 26 јули, на Скопје и Македонија им се случи катастрофален земјотрес. Над илјада жртви, разурнати 80 проценти од градбените објекти. Солидарност. Отворени стотици одморалишта низ Југославија, а нашите училишни клупи беа двојно пополнети со почетокот на учебната година. Беше тажно, беше и пријатно весело, бидејќи цело лето детските грла и веселата смеа ги „бркаа“ злокобните случувања, кои не беа пријатни за слушање. Целиот свет се солидаризираше со нас и нашата голема трагедија. Веднаш започна да пристигнува помош од сите страни. За првпат по Втората светска војна, на едно место и во заедничка мисија се најдоа советски и американски војници.
Се потсетив на „Скопје 63“, документарно игран филм на Вељко Булајиќ. На 37-то доделување на „оскар“, филмот не доби номинација за најдобар странски филм. Истото тоа се случи и на фестивалот во Кан, но таму беше прикажан надвор од натпреварувачкиот дел. Сепак, наградите стигнаа во Венеција, на фестивалот во Монте Карло и шпанскиот Ваљадолид.
Скопје покажа дека солидарноста на светот е можна за време на големи трагедии. Страшно е кога човекот намерно си создава состојби што нѐ оддалечуваат од мирот на сметка на „возвишени“ цели што полнат нечии џебови.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател