Од „шок-терапија“ до дијагноза
Пред помалку од еден месец, на овие страници го именував феноменот што тивко се инсталира во светската политика: наместо колективен систем за управување со кризи, добиваме корпоративна логика на „одбори“ – тесни коалиции што решаваат брзо, неформално и, најважно, трансакциски. Тогаш, ова можеше да звучи како претерано алармистичка „шок-терапија“ за заспаните институции. Денес, по завршувањето на 62-та Минхенска безбедносна конференција, ова веќе не е предупредување – туку официјализирана дијагноза. Самата конференција беше поставена под насловот „Под деструкција“ („Under Destruction“), со теза дека светот влегол во период на „wrecking-ball politics“ – политика на уривање, а не на внимателна поправка.
Минхен, како сцена и како симбол, одамна не е само место за говори. Тој е пазар за сигнали. Во салите се изговараат формули за јавноста; во ходниците се склопуваат „пакети“, се тестираат црвени линии и се мерат цените на компромисот. Токму таму се гледа што во 21 век значи моќ: да можеш да преместиш агенда, да ја замрзнеш расправата, да создадеш паралелен механизам и – кога ќе ти затреба – да го „печатиш“ исходот преку ослабените институции.
Клучниот пресврт што го гледаме не е само промена на теми туку промена на граматиката на меѓународната политика. Во институционалниот модел, легитимитетот доаѓа од правила: процедури, мандати, повелби, јасни надлежности и предвидливост. Во трансакцискиот модел, легитимитетот доаѓа од резултат: „работи ли“, „дали испорачува“, „кој плаќа“, „кој гарантира“. Минхен го потврди токму тоа: наместо молба за спас на старите правила, видовме демонстрација на нови зделки.
Таму каде што некогаш се бараше консензус, денес се бара коалиција на подготвени. Таму каде што некогаш се чекаше резолуција, денес се гради механизам што може да функционира и без неа – а потоа, ако е потребно, институцијата се повикува како нотаријат за формален печат. Овој образец е токму она што го нареков „Одбор на моќта“: мал број актери, висока концентрација на ресурси, краток хоризонт на одлука и прагматична равенка „придонеси – добиј влијание“.
Во таа логика, Обединетите нации изгледаат како куќа оставена во друга ера. Повелбата е производ на 1945 година: архитектура што ја вградува геополитиката на победниците како трајно право на вето. Во Советот за безбедност, суштинските одлуки зависат од „согласните гласови“ на постојаните членки – правило што правно ја легализира блокадата кога интересите на големите се судираат.
Кога институцијата е „заробена во фотографијата од 1945-та“, светот не престанува да се движи. Тој само почнува да функционира паралелно: со ад хок групи, регионални клубови, финансиски гаранции, специјални мандати и хибридни „јавнo-приватни“ аранжмани. Токму тоа го опишува и дијагнозата во Минхенскиот извештај: дека „принципиелната соработка“ се заменува со трансакциски договори и дека приватните интереси се пробиваат пред јавните.
Кога „печатот“ станува услуга: Резолуцијата 2803 како прототип
Ако некој бара конкретен пример за „легитимитет на позајмување“, тогаш Резолуцијата 2803 (2025) речиси е учебникарски случај. Советот за безбедност со неа стави „печат“ на сеопфатниот план за завршување на конфликтот во Газа и го поздравува воспоставувањето Одбор за мир („Board of Peace“) како транзициска администрација со меѓународен правен капацитет, овластувајќи го паралелно и формирањето привремена меѓународна стабилизациска сила.
Во формална смисла, ова изгледа како триумф на мултилатерализмот: резолуција, гласање, текст, мандат. Во суштинска смисла, ова е сигнал дека институцијата се користи како легитимирачки апарат за веќе договорен аранжман. Дури и аналитичките осврти забележуваат дека процесот на создавање на текстот бил компримиран и дека целта била да се извлече максимална легитимност од ООН, но со минимално влијание и контрола од самата организација врз имплементацијата.
Токму овде се гледа трансформацијата на ООН: од арена за преговарање во нотаријат за потврдување. Од „институција“ во „услуга“. И токму затоа, кога ваквиот модел еднаш ќе се покаже функционален, тој станува modus operandi – повторлив шаблон за секоја следна криза.
Знаеме дека малите држави не живеат од брзи решенија, туку од правила. Минхенската конференција брутално нè потсети на тоа. Во свет каде што големите можат да си дозволат „агилност“ со сила (војна, санкции, тарифи, технолошки контроли), малите држави ја немаат таа слобода. Тие имаат една валута: предвидливоста на правилата.
Но што се случува кога правилата се „под деструкција“? Тогаш малите стануваат статисти во сценарија напишани во други престолнини. Тие може да присуствуваат, да се фотографираат, да потпишат декларации – но да не бидат слушнати. Во такви услови, старата цинична метафора станува реалистична: ако не си „на маса“, лесно можеш да завршиш „на менито“.
Минхенскиот извештај предупредува токму за тоа – дека региони може да се обликуваат од регионални хегемони наместо од универзални норми. За малите, тоа е дефиниција на ризик: сфери на влијание што се цртаат преку нивните граници, без нивниот потпис.
Кога слабее системот на универзални правила, ревизионизмот престанува да биде само теорија или идеолошка позиција; тој станува практичен прирачник за надворешна политика. Логиката е едноставна: ако санкцијата за прекршување на правилото е мала, а добивката е голема, тогаш прекршувањето станува рационален избор.
„Правото на посилниот“ не доаѓа како гром. Тоа доаѓа како рутина: прво како исклучок („само овој пат“), потоа како преседан, па како нова нормалност. Тоа е најопасната фаза – фазата кога јавноста се навикнува, а институциите се приспособуваат на сопствената маргиналност.
Европа во пресврт: од економска сила кон безбедносен фактор
Една од најважните подлоги на Минхен 2026 беше европската свест дека безбедноста повеќе не е „увоз“ што секогаш ќе пристигне навреме. Во последните години, германската политика јавно ја именуваше оваа промена како историски пресврт, со фокус на засилување на одбранбените капацитети и крупни инвестиции во вооружените сили.
Ова не е само буџетска корекција; ова е промена на самоперцепцијата на Европа: од простор што нормира, кон простор што мора и да брани. Во Минхен, ова се чувствуваше како подземна струја низ сите панели: од конвенционална одбрана и индустриски капацитети, до сајбер-закани, хибридни операции и отпорност на критична инфраструктура. Дури и програмата и медиумските осврти покажуваат дека технологијата, сајбер и вештачката интелигенција веќе не се „периферија“, туку дел од архитектурата на безбедноста.
Кинеското предупредување: паралелизам наместо интеграција
Вториот голем сигнал дојде од азискиот пол: тезата дека „исфрлањето“ од постојниот систем нема да резултира со капитулација, туку со паралелен систем. Во јавните настапи, пораката беше формулирана како повик за ревитализација на системот на ООН и предупредување дека без него светот се лизга кон „законот на џунглата“ каде што силните ги јадат слабите – најопасно сценарио токму за малите и средните држави.
Иронијата е очигледна: дури и оние актери што се критикуваат како ревизионисти, се повикуваат на ООН – затоа што ООН останува единствениот универзален јазик на легитимитет. Но кога повикувањето на ООН станува тактика, а не принцип, тогаш се враќаме на почетната теза: институцијата се користи како печат, а моќта – како одбор.
Втор дел: Илузијата на „домашниот терен“ и географската судбина
Додека во Минхен се препишува речникот на глобалната моќ, кај нас често се однесуваме како да сме во друга временска зона. Најголемиот пораз на нашата политичка елита – без разлика на партиските бои – е неуспехот да им ја објасни на граѓаните бруталната вистина: ние не сме меѓу оние што ги кројат правилата, туку меѓу оние што мора да научат да преживуваат во нивните промени.
Малите држави, по дефиниција, не можат да го менуваат времето; тие можат само да изберат соодветна облека за бурата што доаѓа. Но наместо зрел реализам, често добиваме домашни митови: дека сме „клучни“, дека „без нас не може“, дека нашата дипломатија е пресудна во големите равенки. Во свет на трансакции, ваквите приказни се опасна анестезија. Тие го намалуваат притисокот за вистински реформи и го хранат евтиниот национализам како замена за државна стратегија.
Кога системот на правила се заменува со систем на трансакции, малите држави ја губат заштитата што ја дава „универзалноста“. Ние немаме капацитет да бидеме „брзи“ со сила; нашата единствена шанса е да бидеме стабилни со правила, предвидливи со институции и полезни со партнерства. Кога исчезнува тоа, тогаш повторно важи суровата формула: не си на маса – си на менито.
Европа како последно прибежиште (и како единствена реална опција)
Во овој нов, фрагментиран пејзаж, европската рамка – со сите свои бирократски лавиринти, внатрешни противречности и повремена неодлучност – останува единствениот преостанат геополитички простор што барем декларативно и институционално се обидува да ја стави правната норма пред голата сила. Ова не е повик за слепа верба во Брисел, ниту, пак, тврдење дека Европа е некаков идеален рај на правдата. Напротив, тоа е препознавање на нејзината суштинска политичка ДНК, која е нераскинливо врзана за владеењето на правото како единствен темел на интеграцијата. Во свет што се лади и каде што дипломатијата се заменува со трансакциски притисок, инсистирањето на европскиот модел не е прашање на политичка романтика, туку на суров, гол прагматизам.
Нашата географија не е прашање на демократски избор или изборна волја; таа е нашата судбина. Ние не се граничиме со далечни, изолирани финансиски оази или автократски империи што нудат лесни решенија за да можеме да си дозволиме луксуз да бараме „алтернативни модели“ на спас. Македонија е физички и стратешки сместена во утробата на Европа, а таа реалност е непроменлива, без разлика кои политички гарнитури ќе владеат.
Токму затоа, дилемата пред која сме исправени не е идеолошка, ниту е избор помеѓу „Истокот“ и „Западот“ во класична смисла. Таа е чисто егзистенцијална: Дали ќе избереме да бидеме дел од рамка што, колку и да е несовршена, се обидува да одбрани правила и предвидливост или ќе продолжиме да талкаме како „ничија земја“ во свет на ад хок „одбори“ на моќта? Во тој втор свет, празните столчиња за малите држави се само декор на туѓите сцени, а нивната судбина е само фуснота во договорите на големите акционери.
Што значи „стратегија“ за мала држава во време на „одбори“
Да се каже дека „ни треба стратегија“ во Македонија е најлесниот политички рефрен; тоа е фраза што се повторува со децении, честопати како замена за отсуството на каква било реална акција. Но во новиот глобален контекст, каде што правилата се топат, а трансакциите доминираат, дефинирањето на стратегијата престанува да биде академска вежба и станува прашање на опстанок. За мала држава како нашата, сместена на геополитичка ветрометина и со ограничени ресурси, стратегијата не е список на желби, туку брутален план за навигација низ минско поле. Ако светот се движи кон логиката на „одбори“ – каде што влијанието се купува и продава – Македонија мора итно да стане мајстор за три егзистенцијални дисциплини: (1) радикално да ја намали сопствената внатрешна ранливост, (2) да ја зголеми својата предвидливост кон сојузниците и (3) да ја максимизира сопствената употребливост – правејќи го своето постоење вредно за партнерите, без притоа да ја распродаде својата суштинска автономија.
Прво, ранливоста не се намалува со говори, туку со градење повеќеслојна отпорност. За Македонија, ова е најболната точка. Нашата ранливост не е само надворешна; таа е примарно внатрешна, вкоренета во децениската ерозија на институциите преку партизација и корупција. Во ера кога хибридните притисоци – од дезинформациски кампањи до економски уцени – стануваат секојдневие, држава од „глинени“ институции е идеален плен. Отпорноста за нас значи: енергетска независност што не се базира само на увоз, економска структура што не крахира при првиот глобален потрес и, клучно – институционален имунитет. Кога разузнавачките служби, судството или регулаторните тела се сервилни кон домашни политички центри, тие автоматски стануваат лесни влезни точки за малигни надворешни влијанија. Затоа, департизацијата на безбедносниот апарат не е „реформа за ЕУ“, туку прва линија на одбрана на државниот суверенитет.
Второ, предвидливоста е нашата највредна валута во односите со големите партнери. Во свет на растечки хаос и геополитички импровизации, Вашингтон, Брисел и клучните европски престолнини очајно бараат „сигурни точки“, односно сојузници што нема да произведуваат дополнителни кризи. За Македонија, ова значи крај на политиката на циклични кризи и импровизации. Кредибилноста се гради кога владеењето на правото е посилно од политичкиот момент и кога преземените меѓународни обврски (како НАТО-членството) се исполнуваат без „змија во џебот“. Ние не можеме да си дозволиме луксуз да бидеме перципирани како „балкански пациент“, чија стабилност постојано зависи од надворешна терапија. Нашата стратегија мора да биде транзиција од „увозник на безбедност“ во „извозник на регионална стабилност“.
Трето, и можеби најтешко за нашето колективно его – максимизирање на употребливоста. Ова не е повик за национално понижување или сервилност, туку чиста реалполитика. Во трансакцискиот свет, ако не носиш вредност на масата, ќе бидеш игнориран. Македонија мора ладнокрвно да процени: што е она што ние го имаме, а на другите им треба? Не можеме да понудиме воена или економска моќ. Но можеме да понудиме стратешка географија (како клучен логистички коридор Север-Југ и Исток-Запад), специјализирани капацитети за справување со хибридни закани (бидејќи сме биле полигон за истите тие) или улога на кредибилен регионален посредник со уникатно мултиетничко искуство. Стратегијата значи да се идентификува таа „ниша“ и да се инвестира во неа до перфекција, така што нашето присуство во западниот блок да има конкретна, мерлива цена за оние што би помислиле да нè заобиколат или жртвуваат во некоја идна голема зделка. А тоа го имаме, само нема кој да слушне.
Заклучок: Крај на илузиите – време за зрелост
Ако Одборот на мирот од Резолуцијата 2803 пред само неколку месеци изгледаше како изолиран експеримент или идеја во зачеток, Минхенската конференција во 2026 година брутално го потврди спротивното: оваа трансакциска логика повеќе не е исклучок, туку нова оперативна нормала. Глобалната сцена дефинитивно се подели на две јасни класи: на „акционери“ – оние што поседуваат ресурси, плаќаат за влијание и одлучуваат зад затворени врати; и на „набљудувачи“ – оние што седат во публиката, чекаат исход и се надеваат дека нема да бидат колатерална штета на туѓите договори. Парадоксот е целосен: дури и кога високите говорници го користат свечениот јазик на мултилатерализмот и универзалните вредности, реалната политичка работа се одвива преку сурови, прагматични и честопати тајни трансакциски механизми.
За Македонија, ова не е академска дебата за природата на меѓународните односи, туку егзистенцијално прашање. Дилемата пред нас останува иста, но сега е драматично поитна и поостра: дали можеме да опстанеме во свет на слаб систем и гола сила или нашиот единствен спас е свет со правила, кои, барем формално, важат за сите? По овој викенд во Минхен, впечатокот е застрашувачки јасен: големите избори за архитектурата на светот често се прават без наше присуство – и, по некое непишано правило на историјата, тие ретко се во корист на малите држави.
Во вакви околности, единствената рационална и одговорна реакција е дефинитивно да се откажеме од удобноста на самозалажувањето. Време е да престанеме да веруваме дека нашата „исклучителност“ или моралната исправност на нашите позиции сами по себе се доволна заштита. Мора да изградиме зрела државна политика што не гледа во светот каков што би сакале да биде, туку каков што навистина е: сурова епоха во која предупредувањето за уривање на поредокот стана здодевна дневна рутина, а самата таа рутина на прифаќање на хаосот – нашата најголема и најнепосредна нова опасност.
Автор: проф. д-р Александар Иванов
































