Селективната меморија, се чини, е глобален феномен. Селективната меморија започнува како основен човечки импулс да се отстрани осилото од поразот или да се избегне признавање на некое злосторство. Но тоа е и начин да помогнете да се справите со тешката сегашност. И како израсток на прстен од дрво, можете да го задржите минатото на неспокојот додека некоја идна генерација не биде доволно храбра да го исправи. Кај нас поминаа многу генерации од осамостојувањето до денес, но ниедна доволно храбра да се соочи со црните петна на македонската историја. Македонија има сериозни проблеми со меморијата. Ги заборавивме генерациите што претрпеа вечна траума во општество изградено на лаги и ужас. Велат дека само по падот на комунизмот може да има простор за отворена и искрена дебата за жртвите и сторителите на комунистичката репресија. Изгледа како во Македонија комунизмот никогаш да не падна. Ова што го живееме како транзициона реалност е еден вид зомби-комунизам што ја продолжува традицијата на заборавање. Жртвите на комунизмот во голема мера намерно се заборавени од пошироката јавност, а нивните имиња некој се обидува да ги избрише од колективното сеќавање на македонскиот народ.
Безмалку 34 години од падот на социјализмот или комунизмот (како сакате да милувате) во Македонија, јавните претстави за режимот на едно време сè уште се митолошки искривени. Нијанси на толкувања за тоа време, иако многу потребни, се оскудни и маргинализирани од двата доминантни јавни наративи, кои го прикажуваат комунизмот или како „добра идеја, лошо применета“ или како „нелегитимен, криминален режим“. За сиве години независна држава не успеавме, а можеби не сакавме, да ги надминеме двете историографски парадигми што го опишуваат сеќавањето на комунизмот: она на виктимизација со осуда на злосторствата и злоупотребите на режимот и онаа на општата вина, сугерирајќи дека сите ние сме одговорни за постоењето и издржливоста на комунизмот.
Никогаш за сиве години на независна македонска држава не ја нагласивме важноста на официјалниот меморијален дискурс во обликувањето на личните наративи за комунизмот, затоа што вешто беа потиснати во колективното сеќавање на македонскиот народ. А токму сеќавањето на другите во минатото го обликуваат нашето сегашно разбирање на настаните, а оние спомени што ги држиме заедно нè обликуваат како народ. Не видов барем досега дека историографијата и политиката покажаа какво било чувство на одговорност да не ги заборавиме минатото и злоделата и злото што луѓето ги правеле порано.
Македонија сѐ уште ја прогонува минатото. Сега повеќе од кога било порано. Сакате по дома сакате однадвор. Македонија упорно бега да се соочи со мрачните делови на своето минато, нешто за што потрошив многу време пишувајќи и потсетувајќи на потребата од декомунизација на земјава. Така е кога мојата земја има проблеми со меморијата. Никако да се соочи со историската вистина за минатото, колку и да е болно тоа сеќавање. Кога не успеавме како демократска држава да развиеме различен историски наратив за да може да се редефинира или реконструира минатото во светлината на новите околности, историјата нѐ направи нестабилни во минатото. Одбиваме сеќавањето на другите во минатото да го обликува нашето сегашно разбирање на настаните и да ја прекине непријатната врска со сеќавањата на оние што се и беа вклучени во засегнатите настани. За сиве години не видов чувство на одговорност за злото на минатото. Напротив, видов воскреснување на митот за тоа минато од политичарите. И токму ова нѐ прави губитници како народ и држава, осудени на неостварени соништа и понижување. Никој не е роден да губи, а сепак неуспехот ги отелотворува нашите најлоши стравови. Не сакаме да видиме како гревовите од минатото ја преплавија сегашноста. Дозволивме да го изгубиме нашето минато, со кое не сакавме сами да се соочиме. Сега некој друг сака да го прави тоа за нас, еквилибрирајќи со нашата почит и национално достоинство.
Македонската историја дозволи да не биде само сопственост на историчарите, а историските факти да влезат во доменот на актуелната политика. Сега политичарите ја прават разликата меѓу меморијата и историјата. Политичарите си го презедоа ексклузивитетот за тоа како македонското општество се гледало и се гледа себеси, нудејќи неизбалансирана репродукција на минатото. Секако, во ваквата репродукција на минатото недостига додадено искуство на комунизмот. Така, заробена од идеолошкиот баласт на минатото, нашата колективна меморија стана заложник на политиката. Нормално дека во една таква креирана колективна меморија нема место за жртвите на комунизмот. Изгледа нема за што да се сеќаваме или не сакаме да се сеќаваме, па мора други да нѐ потсетуваат на нашето минато. Тажно и жално. Новата македонска реалност. Под споменикот на другарот Тито нашето сеќавање тивко умира. Како што полека си заминуваат и жртвите на комунизмот од таквата меморија. Затоа е ова потсетување. Во љубовен спомен на Македонија.
Проф. Звонимир Јанкулоски