- Од „слободна трговија“ до прехранбена зависност: зошто агросуверенитетот е национална безбедност
„Народ што не ја обработува својата земја и зависи од други за својата исхрана се изложува на ризикот да пропадне“, Емерих де Вател, Законот на народите, 1758 година
1. „Macedonia mix“ – мешавина од сè, освен од Македонија.
Светот ја јаде „македонија“ како десерт. А за нас Македонците таа не е крај на оброкот, туку вовед во борбата за опстанок. Во светски метрополи може да се најде на мени: „Macedonia mix“: овошна салата, шарена и слатка. Сервирана како нешто лесно и егзотично, како завршница на оброкот. Но и малку блуткава. Луѓето ја јадат со насмевка, мислејќи дека вкусуваат нешто наше, балканско, што го носи името Македонија. Но стварноста е едноставна: таа салата речиси нема врска со наша Македонија. Банани и ананас во Македонија и на Балканот нема(ло)! Пред триесет години ја пробав оваа салата за првпат, и тоа при една моја посета на Версајскиот дворец. Навистина не се сеќавам од што повеќе ми се смачи! Од салатата или од Букурешкиот печат од 10 август 1913 година, со кој се потврдува поделбата на Македонија токму во овој париски дворец во 1919 година.
За разлика од Европа и преостанатиот свет, кај нас, за Македонците салатата не е крај, туку почеток. Таа не доаѓа по јадењето, туку пред него. Таа не е украс на масата, туку суштина. Кај нас доматот и краставицата не се „мешавина“, туку идентитет. Кај нас храната не е само вкус, туку ритуал, разговор, традиција и култура. И токму тука почнува поентата: не би требало да нè вознемирува тоа што светот направил своја слатка и блуткава верзија од „Македонија“, туку начинот на кој ние го гледаме тоа. Истиот факт може да биде навреда или потсетник. Двајца можат различно да ја гледаат судбината: едниот да види крај, другиот да види почеток. Настанот е ист. Ама парадигмата го определува значењето. Зашто за боите и вкусовите не се расправа, велат. Но кога Македонија е во прашање, за нас Македонците тоа не би треба да биде правило.
2. Македонија годишно увезува храна за милијарда евра
Сепак сѐ потешко успеваме да ја сервираме сопствената трпеза со наши производи. Не е затоа што плодната земја не раѓа. Туку затоа што со децении водиме погубни политики што ја оставаат земјата заборавена и опустошена. Земја што со векови се гордеела со градини и овоштарници и пазарни денови, денес стана земја што увезува основни работи за да преживее.
Оваа почва раѓала уште од антиката, кога луѓето овде не живееле во постојана потрага по храна, туку ја совладувале природата доволно за да имаат време и за културата, творештвото, создавањето. Не случајно што во антиката овде никој не живеел во потрага по залак: во Пела археоботаничките траги сведочат за речиси 8.000 години континуитет на растителна исхрана. Што денес е модерно да се нарече „макробиотика“. Стабилност што ѝ оставала простор на македонската цивилизација да расте. Во времето на Свети Климент и „првиот европски универзитет“ и неговите 3.500 ученици, таму не само што се описменувал народот туку се учел и како да ги обработува градините и полињата. За тоа како да имаат доволно храна, но и независност. Со доаѓањето на Османлиите, многу Македонци се повлекле кон планинските предели. Не само за да се заштитат туку и да преживеат. Така, планината станала засолниште, но и економија. Пасиштата биле богатство, а стадата сигурност. Во тие векови, сточарството не било споредна дејност, туку цел еден свет: кози овци, карвани што се движеле кон градовите, чаршии каде што се продавале волна, сирење, добиток и кожи. Патописци како Евлија Челебија, кој во XVII век минувал низ Солун, Драма, Битола, Прилеп и Охрид, ги опишуваат овие простори како земја со живи пазари и панаѓури, со чаршии полни со занаети и трговија. Добитокот и производите од него биле меѓу најважните стоки. Во белешките на Евлија Челебија се чувствува економијата на општество што, и под даноци и тежина, не се откажало од производството.
Во времето на Југославија (Кралска и „социјалистичка“), земјоделството било дел од една поширока економија на пазар до дваесет и два милиона потрошувачи. Храната била прашање на стабилност, а не на увозна зависност. И низ сите тие периоди, Македонија се држела за почвата како за корен. А денес, по сите тие векови плодност и знаење, увезуваме храна како земја што заборавила дека некогаш била градина и расадник. Денес, во независноста, парадоксално, од извозници станавме увозници – не затоа што земјата не може туку затоа што системот не знае што да направи со нејзиниот потенцијал. Ова не е судбина – ова е избор што го плаќаме секоја година. Како сами да сме го прифатиле тоа што другите го измислиле за нас: Македонија како име, а не како стварност. Македонија како „микс“, а не како корен.
Што ќе правиме понатаму? Не ни требаат лекции, ни требаат одлуки. Никој не ни должи мир, правда и лесен пат. Емпатијата не го решава проблемот, тоа е погрешен одговор кон реалноста.
3. Европската демагогија: планска економија за нив, слободен пазар за нас
Европската Унија е мајстор на реториката. Таа зборува за „слободна трговија“, но практикува најсофистициран протекционизам. За Франција – субвенции. За Германија – индустриска заштита. За Холандија – агроимперија. За Македонија – отворете го пазарот и молчете. Ова не е интеграција. Ова е економска дисциплина.
Европа не е либерален пазар. Европа е планска економија со висока култура и уште повисока лицемерност. Нејзиниот систем функционира како добро организирана тврдина: однатре се штити, однадвор проповеда. Слободата на пазарот е вредност – но само кога таа слобода значи пристап до туѓи пазари, туѓи ресурси и туѓа евтина работна сила.
Европа зборува за „слободен пазар“, но живее во систем на планска самозаштита. Заедничката аграрна политика на ЕУ – ЦАП (Common Agricultural Policy) – не е техничка програма, туку најголемиот протекционистички механизам на континентот. Во периодот 2021–2027, ЦАП располага со речиси 386,6 милијарди евра, околу една третина од целиот европски буџет. Франција во тој систем има аграрен „коверт“ од околу 49,8 милијарди евра, Грција 14,2 милијарди и така натаму. Тоа не се субвенции. Тоа е стратегија. Тоа е тврдина.
А Македонија? Македонија се обидува да игра „слободен пазар“ со буџет што во клучните земјоделски институции се мери во десетици и стотици милиони евра годишно, додека истовремено троши околу една милијарда евра за увоз на храна. Тоа не е конкуренција. Тоа е судир меѓу европски буџет и македонска немоќ. Како човек со мотика да се натпреварува со фабрика – и потоа да му кажат дека „пазарот одлучил“.
Не, не одлучил пазарот. Одлучила политиката. Одлучила ЦАП. Одлучила Европа дека храната е безбедност, а не стока. И токму затоа прашањето за Македонија не е економско, туку суверено: држава што не може да го нахрани својот народ не е независна држава – таа е територија со администрација. Суверенитетот не се мери со декларации, туку со леб.
И кога Европа зборува за „слободен пазар“, доволно е да ги погледнеме бројките.
Македонија увезува околу една милијарда евра храна годишно – и тоа за нас е економски потрес. Франција, земја што се претставува како земјоделска сила, увезува сурови аграрни производи од речиси 20 милијарди евра. Кога ќе го поделиме увозот по жител, сликата станува уште поапсурдна: Македонија увезува околу 550 евра храна годишно по човек, што за мала земја со плодна почва е економска зависност. Франција, земјоделска сила, увезува 294 евра храна годишно по човек, речиси двојно помалку. А кај нас – увозот не е избор, туку симптом.
Овие бројки не се само трговија. Тие се доказ дека храната во Европа не е стока – таа е политика. А „слободниот пазар“ не е неутрална арена, туку терен каде што силните играат со буџети, а малите преживуваат со увоз. И токму затоа прашањето за Македонија не е дали ќе бидеме конкурентни. Прашањето е дали ќе останеме суверени. Кога лебот е субвенциониран кај нив, а увезен кај нас – тоа не е пазар. Тоа е хиерархија.
Тони Менкиноски
(Колумната продолжува наредниот петок и ќе читате – Како Европа ги крши сопствените правила! Зошто Европа го брани својот фармер, а ние не?!
Што значи агросуверенитет за нас Македонците)































