Разбирате ли сега зошто пишувам за ова? Токму сега додека седам и бдеам врз дилемата – да вреснам и да треснам или да збеснам без да вреснам. Ако вреснам и треснам, а не сакам да треснам тогаш имам чувство на вина поради што избирам да збеснам без да треснам (под в). Ако збеснам и вреснам без да треснам, тогаш имам чувство на самозадоволство (под б). Ако вреснам и треснам, а притоа не збеснам јас и немам никакво чувство (под а). Јас решив, а вие?!
Во животот на секој човек постојат мигови во кои му доаѓа да вресне. Кај некого тоа се само прашинки во залез, само резидуи потреба од крик. Кај некого тоа се периоди на неснослива фрустрација со нагон за повраќање од невреснати нешта. Кај некои, пак, тоа е целиот живот исполнет со нечујни вресоци, со придушени голтања што никој не може да ги чуе.
Ако се пронајдеш во една од овие категории, тогаш текстов е за тебе. Најпрво одбери каде припаѓаш:
а) Врескам секој ден по сѐ и сешто и кај сите за по нешто;
б) Врескам повремено кога ќе ме здоболи, ама никогаш докрај;
в) Не врескам за ништо на овој свет. Сѐ што ми успеало е да кркорам.
За оние под а)
Врескам кај стигнам, како стигнам и на кого стигнам. Оти ако вреснам јас нема да збеснам. А ако збеснам како ли ќе вреснам, зашто ако збеснам ќе си вреснам во утробава моја скапа. Затоа врескам бре, брате, и по ден и по ноќ и на јаве и на сон. Крикам од мал, крикам од жал, крикам од радост и крикам со сладост. Крикот е мојот знак и затоа сум јак. Само, откривам дека не ме сакаат туку ми се плашат.
Дијагноза: Вие сте дете растено во изобилство, а тато ви велел дека сте предодредени за социјален ариевец, посебна сорта ѕверка кому небото му е мерка. Обично сте гален, а фрижидерот ви е полн. Учени сте да барате и од туѓата чинија.
Прогноза: На крајот ќе скапете како скот оти кога газот ќе ви клапне луѓето лесно ќе најдат друг што ќе вреска наместо вас и кому ќе му го земат скалпот кога не ќе врши работа. Сепак, додека сте силни и здрави вие врескате и трескате, а по природа сте садист.
За оние под б)
Јас, пак, си вреснувам чат-пат, строго по потреба. Како мал не сакав да ја делам ужинката со други и ако ми штрбнеа од лепчето си вреснував. Потоа си врескав секогаш кога јас бев во прашање, никако за друг. Мојот принцип е – туѓо не сакам, свое не давам. Од оние сум што не врескаат и трескаат ако ги оставиш на мир. Понекогаш врескам, а никогаш не трескам оти се плашам дека ако треснам некого ќе збеснам, а јас си го сакам удопството, нели.
Дијагноза: Вие сте умерени во сѐ, достатно јадење, достатно пиење, умерено секс и сѐ така педантно. Од сѐ по малку, а ништо докрај. Припаѓате на просекот лица што живеат речиси незабележително поради внимателното живуркање. На крај на краиштата, ретко ве гибаат, долго живеете ама млако, неекспресивно оти врескате само за себе и своето.
Прогноза: Долго и тивко непостоење во аналите на стварноста седејќи пред ТВ грицкајќи семки, ретко кој ќе ве споменува. По природа сте себичник.
За оние под в)
Јас не можам да вреснам, оти ако вреснам нема јас да збеснам, а без да збеснам не знам како да се треснам. Не сакам да треснам оти треба да вреснам, а не сакам да вреснам затоа што не знам како. Каков конфликт, утробата вели плукни, а јазикот голтни, па ајде сега најди му НЗС. Вреснам е кон надвор, а збеснам е кон внатре ако не знам да вреснам. Врти-сучи, сѐ останува внатре.
Дијагноза: Вие сте непоправлив интроверт, човек навикнат да страда поради добрите намери и моралот што стега. Сте биле воспитувани да им помагате на другите и да голтате кога ви се повраќало. Постојано ве пече совеста ако случајно згазите мравка на улица, а за ретките помисли да вреснете се измачувате деноноќно.
Прогноза: Ако продолжите вака ќе умрете со прашањето – зошто така по целата мака. Во спротивно, постанете испосник затворен во мазохистичкото себенапаѓање зошто не го сменивте светот. По природа сте мазохист.
И, кај сте, а?! Разбирате ли сега зошто пишувам за ова? Токму сега додека седам и бдеам врз дилемата – да вреснам и да треснам или да збеснам без да вреснам. Ако вреснам и треснам, а не сакам да треснам тогаш имам чувство на вина поради што избирам да збеснам без да треснам (под в). Ако збеснам и вреснам без да треснам тогаш имам чувство на самозадоволство (под б). Ако вреснам и треснам, а притоа не збеснам јас и немам никакво чувство (под а). Јас решив, а вие?!
Ви останува само да вреснете! Одма!!!
Мирослав Пендароски
(Авторот е психолог и универзитетски професор)