Мелодрамата, како драмска форма во која актерите се пренагласени (сакаат трипати повеќе и мразат пет пати посилно), е иманентна на македонскиот дух и поведение. Од социолозите, третирано како поведение блиско на јужни – темпераментни народи, интердисциплинарно е ламентирано дека е комбинација на повеќе фактори – клима, генетска предиспозиција, историско, културно и материјално наследство, социјален дискурс… Тоа особено се потврдува со одредени случувања на политичката сцена – секако убаво надградени од медиумскиот пристап, со зашеметувачко богатство на форми, но и грозничави напори – да се биде ексклузивен, најгледан, да се одработи… Така, искрената духовност и емпатија напати се транспонираат во сеирџиски разговор на глуви (но и тврдоглави), каде што често наместо силата на аргументите, замената на тези – ги воспева ароганцијата, силата и силеџиството.
Стварноста Македонија во секојдневниот медиумски привид како да е оставена сама на себе. Во македонскиот етер, во таа необична врвулица од национални, регионални и маалски концесионери, таа е препокриена со пластови странска продукција, станува сѐ помалку видлива или е цел на неприкосновениот графички дизајн, кој со силата на виртуелната естетска сугестија, секојдневно ни сервира ронки од нашата мила /за некои жална/ татковина во нашите домови. Единствена, безбедна и цела таа е само во прогнозите за времето, во секој метеоролошки извештај, без исклучок. Тоа е жанрот каде што и поимот консензус ја пронаоѓа својата вистинска сончевина и основа на која и го зацврснува својот онтолошки статус. Извештајот за времето е вистински глобален шаблон што го обединува гледалиштето секојдневно и без последици. А тоа е единствената медиумска понуда што може едноставно и во секое време да се провери и како факт и како фидбек. Тоа е жанр со содржина што може да се почувствува по кожата и длабоко во душата. Тоа е идеалната форма на глобалното лоцирање и себеспознавање, самодоволност, модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата /македонска/, со перформанси и содржини, скромна реалност, ја преобликува виртуелно, ја дигитализира, и трансмитира глобално, според универзалните принципи на информатичката ера.
Во развитокот на електронските медиуми кај нас разликуваме три периоди. Првиот беше периодот на технолошко-техничка фасцинација, кога со радиото и телевизијата владееја инженерите и кога нивниот развиток го диктираше техниката. Ништо не можеше да се преземе без одобрение на технократскиот благослов и дежурниот инженер. Потоа настапува времето на програмскиот интерес во кое развитокот го диктираа творците на програмите, во кое сѐ мораше да се направи за да се реализираат програмските цели и задачи. И еве сме во ерата кога со медиумите владеат сметководителите, политичките лоби-групи и интереси.
На технолошки план амбиентот во медиумските дејности силно се демократизира и е поевтинет и лесно достапен. Преовладува свеста за етерот како ресурс, медиумски колач, простор што треба да се освои и во кој се одвива жестока битка за рејтинг, но и немилосрден политичкиот натпревар, трагикомична бркотница на сурија дезориентирани безнадежни персони. Но, според истражувањата и во општества со многу поразвиена политичка култура и демократија, околу 60 проценти од гласачкото тело си создава своја виртуелна идентификација со одредена политичка опција и врз основа на таа идентификација гласа, а не врз основа на реалност и вистински бенефиции што таа политичка опција и програма ги обезбедуваат, како за него така и за општеството во целост врз политичката култура.
Па така, објективната состојба на нивото на развиток на нашиот медиумски сокак и амбиент, проширен и денес дополнет со многубројни технолошки погодности и можности, глобално – е секојдневен привид, кој е изграден и зацврстен како зона на пресметка со стварноста. Во таа калеидоскоп–бркотница, со постапката на т.н. фина медиумска регулација, на јавноста кај нас и во глобални размери континуирано ѝ се вградуваат ментални катализатори, што имаат цел да го подобруваат и одржуваат нејзиниот имунитет и да ја преобразуваат нејзината емоционалност од рамнодушност, летаргија, апатија, во ентузијазам, бодрост, верба, надеж.
Преминот од аналогна во дигитална ера не подразбира само технолошки иновации туку и проширување на онтолошката рамка и на журнализмот како дејност и моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно професионално и „одговорно“ ја обликува стварноста.
Денес кога современиот микрочип и многубројни технолошки иновации на мали простори може да содржат и да понудат милијарди вмрежени информации, алгоритми, апликации, теоретски достапни секому и во секој миг… вистинската реалност станува побрза од вестите, информациите… Но ноторен факт е дека информацијата самата по себе не претставува спознание… Голем дел од читателското братство, аудиториумот, гледалиштето, понекои и од новинарскиот еснаф, малку го разбираат, признаваат, одбиваат да го сфатат, тој значаен пресврт во внатрешното битие на дејноста.
Се наметнува нов вид поимање на жанровите, дејностите, а и на журнализмот. Во тек е силен процес на редефинирање и проширување на онтолошката рамка на медиумското дејствување, како глобален обзор што ја детектира, следи и ја обзнанува стварноста како реална содржина и факт. Голема е веројатноста журналистичката дејност да се трансформира, преобликува, од традиционалното перципирање и известување во иновативен мултимедијален процес комплетно преселен во сајбер-просторот, на интернет и редица нови технолошки алатки и непрегледни можности. Па така, на медиумите денес сѐ помалку се гледа како на апокалиптично обоен материјализам, туку како на начин, моќна алатка што ни овозможува да го одживееме квалитетно своето време.
Медиумите имаат огромна улога кога е во прашање нивото на политичката култура на поединци и општествените групи и генерално на општеството. Тие, со уредувачките политики и своите реакции на општествените појави, силно влијаат на подигнување на нивото на свеста, гордоста и одговорноста и на политичката култура и општествениот развиток во целост. Изборот на тоа што и како конципираат, што одбираат да уредат и да пренесат во јавноста, го покажува нивото на зрелоста и визурата како тие /медиумите/ ја гледаат сопствената улога во јавниот живот и како влијаат.
А метеоролошкиот извештај може слободно да се толкува и како проблесок на либералниот /сѐ уште/ незаробен ум во мрежата, во зоната на постинформатичкиот универзум, во која човечкиот род длабоко и неповратно зачекорил и во која алтернативната и комплементарната димензија на времето и просторот се заменети со ѕвезден медиумски привид, кој сѐ повеќе станува наше секојдневие и наша втора природа. Според прогнозите на синоптичарите, на крајот на октомври во Македонија ќе има дожд и забележлив пад на температурите. Лисјата пожолтуваат, планинските врвови забелеа – вистинска златна есен.
Аљоша Симјановски