Медиумите имаат огромна улога кога станува збор за нивото на политичката култура на поединци и општествени групи и, генерално, на општеството. Тие, со уредувачките политики и своите реакции на општествените појави, силно влијаат на издигнување на нивото на свеста, гордоста и одговорноста и на политичката култура и општествениот развиток во целост. Изборот на тоа што и како конципираат, одбираат, уредуваат и ѝ пренесуваат на јавноста ги покажува нивото на зрелост и визурата како тие (медиумите) ја гледаат сопствената улога во јавниот живот и како влијаат.
Редовен дневен-вечерен метеоролошки преглед…
Стварноста Македонија во секојдневниот медиумски привид како да е оставена сама на себе. Во македонскиот етер, во таа необична врвулица од национални, регионални и маалски концесионери, препокриена со пластови странска продукција, таа станува сѐ помалку видлива или е цел на неприкосновен графички дизајн, кој со силата на виртуелната естетска сугестија секојдневно ни донесува ронки од нашата мила (за некои жална) татковина во нашите домови. Македонија единствена, безбедна и цела е во прогнозите за времето и во секој метеоролошки извештај, без исклучок. Тоа е жанрот каде што и поимот консензус ја пронаоѓа вистинската основа и го зацврснува својот онтолошки статус. Извештајот за времето е вистинскиот глобален патерн што го обединува гледалиштето секојдневно и без последици и е единствената медиумска понуда што може едноставно и во секое време да се провери и како факт и како фидбек. Тоа е жанр што може да се почувствува по кожата и длабоко во душата. Тоа е идеалната форма на глобалното лоцирање и себеспознавање, самодоволност, модел на една нова состојба на онтолошка плуралност, што и нашата (македонска), со перформанси и содржини, скромна реалност, ја преобликува виртуелно, ја дигитализира и трансмитира глобално, според универзалните принципите на информатичката ера.
И еве, како за потсетување… Во развитокот на електронските медиуми кај нас разликуваме три периоди. Првиот беше периодот на технолошко-техничка фасцинација, кога со радиото и телевизијата владееја инженерите и кога нивниот развиток го диктираше техниката. Ништо не можеше да се преземе без одобрение на технократскиот благослов и дежурниот инженер. Потоа настапува времето на програмскиот интерес, во кое развитокот го диктираа творците на програмите, во кое мораше да се направи сѐ за да се реализираат програмските цели и задачи.
И еве, сега, конечно сме во ерата кога со медиумите владеат политичките лоби-групи, сметководителите и интереси. На технолошки план амбиентот во оваа дејност силно е демократизиран, поевтинет и лесно достапен. Па така, објективната состојба на нивото на развиток на нашиот медиумски сокак и амбиент, но и пошироко, глобално, е секојдневен привид, кој е изграден и зацврстен како зона на пресметка со стварноста. Во таа калеидоскоп-бркотница, со постапката на т.н. „фина медиумска регулација“ на јавноста во глобални размери, континуирано ѝ се вградуваат ментални катализатори што имаат цел да го подобруваат и одржуваат нејзиниот имунитет и да ја преобразуваат нејзината емоционалност од рамнодушност, летаргија, апатија, во ентузијазам, бодрост, верба, надеж.
Преминот од аналогна во дигитална ера не подразбира само технолошки иновации туку и проширување на онтолошката рамка на медиумскиот хоризонт, на кој му се приоѓа како на моќен глобален поглед што ја детектира, набљудува и креативно професионално и (не)одговорно ја обликува стварноста.
Според истражувањата и во општества со многу поразвиена политичка култура и демократија, околу 60 проценти од гласачкото тело си создава своја виртуелна идентификација со одредена политичка опција и гласа врз основа на таа идентификација, а не врз основа на реалноста и вистинска бенефиција што таа политичка опција и програма го обезбедуваат како за него, така и за општеството во целост врз политичката култура.
Денес, кога современиот микрочип на мал простор може да содржи милијарди вмрежени информации, теоретски, достапни секому и во секој миг… ноторен факт е дека информацијата самата по себе не претставува спознание… вистинската реалност е побрза од вестите, информациите… Голем дел од читателското братство, аудиториумот, гледалиштето, социјалните мрежи, понекој и од медиумскиот еснаф, малку го разбира, признава и одбива да го сфати тој значаен пресврт во внатрешното битие на дејноста и стварноста.
Се наметнува нов вид поимање на жанровите, дејностите. Во тек е силен процес на редефинирање и проширување на онтолошката рамка на медиумското дејствување, како глобален обзор што ја детектира, следи и ја обелоденува стварноста како реална содржина и факт. Голема е веројатноста голем дел од медиумските дејности да се трансформира и преобликува од традиционалното перципирање и известување во иновативен мултимедијален процес комплетно преселен во кибер-просторот, на интернет и редица нови технолошки алатки и непрегледни можности. На медиумите денес сѐ помалку се гледа како на апокалиптично обоен материјализам, туку како на начин, моќна алатка што ни овозможува темелно да се информираме, осознаваме и да го одживееме квалитетно своето време.
Светот што го знаевме се менува неверојатно брзо. Големите медиумски концерни низ светот најавија масовни отпуштања на новинари и медиумски работници, а нивната работа ќе ја замени вештачката интелигенција. Што сè може да прави ЧетГПТ e фрапантно. Ќе стане ли новинарската работа целосно излишна, а новинарството како професија „obsolete“?
А метеоролошкиот извештај може слободно да се толкува и како проблесок на либералниот (сѐ уште) незаробен ум во мрежата, во зоната на постинформатичкиот универзум, во која човечкиот род длабоко и неповратно зачекорил и во која алтернативната и комплементарната димензија на времето и просторот е заменета со ѕвезден медиумски привид, кој сѐ повеќе станува наше секојдневие и наша втора природа. Според прогнозите на синоптичарите, април и мај годинава во Македонија, дожд и осетен пораст на температурите. Максималната над просечните за овој период.
Аљоша Симјановски