Преспа 2018: Или анатомијата на едно злосторство (7)
Менталната болка, драг читателу, е par excellence македонска колективна тема. Пред сè, а потоа тема и на секој неодроден Македонец микрослика на колективната слика на македонската психа: Македонец~македонство, по аналогија на дефиницијата на Шлаермахер за секој еден човек како човештво. И Македонецот како индивидуа е до самата своја срж сраснат со психата на колективот како судбина. Судбина отворена како голема рана, почнувајќи од кобната Беласица 1014, кога на Македонците им е одземено виделото, па наваму сè до Преспа, јуни 2018, кога се спушта врз нив целосно затемнение, идентитетската смрт со чиј мртовечки чаршаф оваа цивилизација ги покрива и положува во нејзината европска мртовечница.
А новата, најнова наша болка, драг читателу, како што знаеш, е поврзана со нашето насилничко лишување од генеричкото име, кога (воздух, Свет Дух на нашиот живот и нашето постоење) со неговата варварска кражба за да им се даде на крвожедните и незаситни за македонска крв Грци, со што е подигната на ента степен и грчката историска слава. Така, иако Плутарх го цитира Александар Македонски, кој им се обратил на своите воини на Исток: „А јас за Македонија го освојувам светот“. Што значи не за Грција како што сакаат да мислат Европа и Грците.
Цивилизациска мегакражба. Украдено ни е Името, знакот на живот и во древните архаични, магиски култури во кои тоа било тајна што се криела од темните сили, бидејќи секое негово изговарање и обелоденување значело смрт за индивидуата што го носи, но во крајна инстанца и за племето, народот што е именуван со него. Така како што ни се случи и нам со него, бидејќи го изговаравме на сет глас и со сета негова историска и културно-цивилизациска слава. Името е генетски божји благослов (ама во нашиот случај и проклетилак) за постоење. Така, „бидејќи тоа не само што именува туку и го обликува (делумно) битието, влијае на душата, ја инспирира, ја поттикнува на дејствување, и нема ништо необично во тоа што губењето на името предизвикува длабоки нарушувања во рамнотежата на личноста“, вели францускиот антрополог Луј Вансен Тома во неговата книга „Антропологија на смртта“. Немаме никаква забелешка на оваа негова онтолошка дефиниција во која се ставени во тактилна врска името и битието, иако, драг читателу, со тебе се оградуваме од таа картезијанска претпазливост на Тома (ставена во заграда) дека името само делумно го обликува битието. Важна онтолошка и цивилизациска тема. Можеби во неговиот француски случај држи таа (хипо)теза, како и кај сите други неранети моќни нации, но за малите и смачкани Името е целосно поклопувачко со битието. Самото тоа е битие на индивидуата и нејзиниот колектив. Тука, како во нашиот случај, индивидуата извира од колективот, а не обратно колективот од индивидуата, како што е тоа теза на до атрофија хипериндивидуализираниот Запад, кој ги загубил генеричките врски меѓу индивидуата и колективот. Нека прости на таа ремарка мојот омилен антрополог, кој во тој случај само делумно ја разбрал, но и тоа е доволно, болката на смачканите племиња што немале колонии по Африка и кои во својата егзистенција се потпирале на своите духовни, а не на материјалните вредности, како што е тоа карактеристично за западните колонијалистички нации. Не делумно, Името кај смачканите племиња и народи во кои денес, далеку од нивната историска слава, се и Македонците не го обликува делумно битието, туку тоа е целосно поклопувачко со него. Самото тоа е битие par excellence, па ако се загуби истото тоа, се губи целосно и идентитетот на колективот што го носи него, а потоа, по домино-ефект, и на секој негов член.
Дотука би требало сè да биде јасно, и сега можеме децидно да кажеме, драг читателу, дека менталната болка за која станува збор кај Македонците, како кај ниеден друг народ извира директно од Името толку многу убивано низ историјата што сега е претворено во една огромна физичка и ментална рана. А менталната сега за нас рана е и поесенцијална и поважна од физичката што извира од неа.
Тоа и таков е македонскиот колективен и индивидуален психијатриски случај на траума, македонската психијатриска болница на колективната душа во која се наоѓаме ние ставени во неа од менгелеовските психијатри на оваа брутална цивилизација. Не верувам дека таа ексклузивна цивилизациска ситуација би можеле да ја опишат од македонски аспект на менталната болка дури ни таквите врвни пера што се занимавале со таа тема, како што се на пример руските гении Достоевски, Чехов и Гогољ. Или Иво Андриќ, на пример, нивен роден брат по талент за дефектите на човекот и цивилизацијата што отвора рани на телото и душата. Пред сè како што е тоа примерот со Македонците.
Така стасуваме до душата и нејзината болка, драг читателу, која сепак не е езотерија како што е тоа за Гурџиев, Блавацка или Рудолф Штајнер, оти е конкретна отворена рана. Сега огромна македонска рана, поголема и од небесата од кои, како што знаеме, единствено е поширока Богородица „ширнаја небеса“, таа што го оплакува со космички крик Христос во „Свети Пантелејмон“ во Нерези како архетип и на македонската голготска судбина. А поимот душа можеби како кај ниеден друг народ, драг читателу, кај Македонците е поврзан со поимот болка. Со неа, имено, се врзува синтагмата „ментална болка“. Да. И оттука нашиот народ кога е во длабока депресивна траума вели „ме боли душата“. Душата е најважниот елемент во Менделеевата егзистенцијална и онтолошка таблица на човековото постоење, но не само во значење на болка, како што е тоа сега случај со Македонците по Преспа 2018, туку и на радост, екстаза од постоењето. Песните, свадбите и ората се нејзините најевидентни шифри за тоа. Тие и кај нас се енергетски силни за да ја ублажат душевната болка, па и да ја нивелираат макар за момент по Преспа 2018. Дека, пак, душата е најесенцијалното нешто по Платон, тоа го знаел и Леонардо да Винчи кај кого таа е имагинациски креативен епицентар, земајќи ја неа како perpetuum mobile инспиративен погон на своjата креативна инвенциjа и енергиjа дефинирани во неговата ars poetica. Таа е естетски императивна во секој случај од фактот дека целта на уметникот, особено на сликарот, е да ја изрази „намерата на душата“. Повеќе од сјајно. Добро, ама целата легија историчари на уметноста и други слични на нив ја тупат главата околу шифрата на насмевката на Мона Лиза, што изразува таа. А Леонардо кажал јасно дека е тоа „намерата на душата“. А за таа намера, потсети ме, драг читателу јас и ти ќе пишуваме посебен есеј.
Тоа е и така е со душата, која не од Платон, туку пред тоа од Стариот Египет (најсилно изразена во него) трае до денес. Нејзиниот култ никој не може да го укине. Ни безбожната западна цивилизација, која посегна да ја уништи македонската колективна душа, уништувајќи ја така и сопствената. Одамна е западната душа разменета со душата на Мефистофел (ѓаволот). Фауст тоа го направи за интелектуална (науката) и сензуална страст (убавата и невина Маргарита), ама тоа донесе онтолошки кошмар во западната цивилизација. Така. А сета оваа ситуација на оваа цивилизација со еден потег ја дефинира Ниче со онаа негова страшна (хипо)теза „Бог е мртов“, која ги збуни не само теолозите туку и филозофите. Но нас со тебе, драг читателу, не нè збуни. Имено, не бил толку глупав Ниче за да мисли дека нема Бог, односно дека тој е мртов од прапочетокот на човековата историја. Според него, тој е убиен од потрошувачката цивилизација на „еднодимензионалниот човек“, како што вели Маркузе, а не дека не постои. Филозофите (теолозите ги исклучуваме тука) треба да го знаат тоа. Тоа е вистината. Да, драг читателу, за тоа нека мисли и размислува западната антибожја цивилизација, но ние Македонците знаеме дека постоиме и сме во самото средиште на Божјиот Логос. Не случајно во тој контекст, како што сведочат и „Дела апостолски“ на Лука во Новиот завет, најревносниот христијански апостол Павле лично од Христос е упатен кон Македонија.
Да. А пратен е Павле тука како психијатар да ги лекува не само раните на Македонија туку и раните на цивилизацијата. А како лек тука се, парадоксално, раните на Исус, кои, како што вели старозаветниот пророк Исаија, тој ги добил за ние да бидеме излекувани со нив. Човечкиот род. Ама по сè изгледа дека во колонизаторска Европа што нè ништи, само ние веќе многу долго време се лекуваме со нив, имено, затоа што само ние во неа толку долго сме како Божјиот син распнувани на цивилизациската голгота. Ја лекуваме со нив сега и големата колективна и индивидуална ментална болка, болката на колективната и индивидуалната душа што ни ја донесе европскиот идентитетски геноцид врз нас: Преспа 2018. Nocturno. De profundis. Memento mori. А, менталната болка како најтрауматична за човечкото суштество, драг читателу, е запишана како таква и во декларацијата за дијагностицирање на поимот геноцид во планетарната психијатриска, покрај другото, институција Обединетите нации, а оттаму пренесена и во Кривичен законик кај нас (членот 403), кој го определува геноцидот како „дејства со намера за наполно или делумно уништување на некоја национална, етничка, расна или верска група“, вклучувајќи и преку „тешко нарушување на физичкото или душевното здравје на групата“. Да. Сега со смртоносната Преспа 2018, пак, освен „инцидентниот“ масакр планиран од Западот во 2001, сè друго, почнувајќи од она несреќно БЈРМ, а веднаш по него и нацифашистичката европска Лисабонска декларација (1992), до Преспа 2018 беше Менгелеов цивилизациски експеримент (experimentum macedonicum) на редица варварски пониженија на една исконска колективна душа за да се обезличи и цивилизациски обезвредни таа, и со тоа да ѝ се нанесе неизбришлива ментална болка, која може да ја избрише (толку многу е длабока и голема) само гумата на Создателот, ама кој со неа пред тоа ќе ја избрише оваа расипана колонизаторска и несреќна за човештвото цивилизација. Тоа го заслужува таа. А дотогаш ќе треба, драг читателу, малку да истраеме и да истрпиме. Трпението ‒ Христовата есенција на нашата душа. Да. Оти во ниеден народ на светот нема такви и толку многу имиња како што се тоа Трајче и Трпе, а во женска варијанта Трајанка и Трпана. И тоа се вика антропологија, култура и магија за опстој, кој се остварува со трпење и траење. Да. Иако раните христијани, нашите Богомили ја пееја како духовна химна, до бескрај изнастрадани, „Господе, дојди што поскоро“. Тие тука како да имаа по линија на искуството и интуицијата некое темно претчувство/визија за крволочната Преспа 2018, налокана со македонска крв и смрт, ама, како што читаме во „Откровението“ (или „Апокалипсата“ сеедно) на апостол Јован, најомилен на Христос, Господ вели да почекаме уште малку додека не го стави злото под нозе. Да, а ако го читаме како шифра тој симболизам, треба, конкретно во македонскиот случај, да ја детерминираме нашата Сатана од Преспа 2018 и пред тоа, на протекот на долги столетија ништење на македонскиот род што работела на забраната македонските невести да раѓаат Македонци. А наместо нив, да бидат тоа Грци, Бугари или некои трети, наместо Богомладенци, безлични и генетски атрофирани суштества. Ете затоа, сфаќаш ли драг читателу, ми се гади и ми се повраќа од оваа надувана, профитерска и политички малоумна цивилизација, која сега за да ги скрие своите историски злосторства се крие зад проѕирната маска ЕУ. Да. Ама тоа е саката и искривоколчена имитација на македонскиот антички и сегашен космополитизам, на Рациновата куќа ‒ цел свет. Но тоа е читливо за нас. Па и она француско „Egalitè, fraternitè, libertè“ на надуваните Французи на новиот со садистички менталитет француски Наполеон во кожата на Маркиз де Сад Макрон, не е ништо друго туку формула позајмена од космополитската визија на Античките Македонци, со таа разлика што кај Французите таа блесна миговно, а потоа веднаш згасна.
По укинувањето на француската монархија со помош и на изумот што сече глави на месје Гилотен, меѓутоа Наполеон брзо потоа го заведе својот авторитарен систем, кој и денес го користи француското мало Наполеонче Макрон, заканувајќи им се и на Македонците, „смачканото племе“, со француската демократска гилотина сместена за ново сечење на нашата идентитетска глава во неговата таканаречена проклета „француска рамка“.Во неа Бугарите се тие што треба, наместо Французите, по Преспа 2018 да ја отсечат нашата идентитетска глава. Не сакам тоа да звучи како богохулие, оти и не е, ама додека на Јован Крстител (светец и со македонска судбина, другпат ќе објаснам) еднаш му ја отсече Ирод (сега сместен во Брисел) неговата глава, Европа во ликот на новиот цивилизациски уште покрвожеден Ирод, драг читателу, којзнае по кој пат ја сече македонската колективна глава. Чин во кој, разбирливо, е отсечена и идентитетската глава на секоја македонска индивидуа. Долга и болна е менталната болка на Македонците, на нивната душа, која е отворена длабока рана.
Така. Длабока и бескрајно трауматична е генезата на македонската ментална болка, на отворената рана што зјапа како длабок и непроѕирен цивилизациски хијатус. Толку многу е длабока и толку многу е прегрната со бескрајот таа што во јанѕа се прашуваме дали може да се премости и да излезе најпосле „смачканото племе“ на осветлена висорамнина на Божјата Правда и Вистина. А ние, утописти, веруваме во тоа. Оти скокот во вера има страшна трансцендентална моќ да го смени од корен овој расипан свет, кој го направи таков, имено, западната нарцистичка ариевска цивилизација, која под претекст дека цивилизира и носи култура кај „варварите“ го опљачка и сè уште го пљачка светот. А нам ни го опљачка, драг читателу, најдрагоценото нешто, Името, дијамантот што свети и на прстенот на раката од космичкиот младоженец Исус во Небесниот Ерусалим соѕидан од скапоцени камења, меѓу кои од земните на овој свет е македонскиот сончев камен. За тоа даде сведоштво и апостол Павле, по род Евреин, но по болка и визија Македонец. „Кој има уши ќе чуе, кој има очи ќе види“, вели Исус. Тоа и така. А јас и ти, драг читателу, гледаме како од македонската ментална болка со, сепак, божествен печат, се крева и цвета Дрвото на животот. Македонија вечна, крената над страшната физичка и ментална болка што ѝ ги има нанесено оваа мефистофелска (во сојуз со сатаната) цивилизација.
Крај на бескрајот на оваа тема на менталната болка на Македонците, драг читателу. А на крајот останува само јас и ти да ја запееме како нашите прахристијани, Богомилите, песната: „Господе, дојди што поскоро“. Дојди оти ова веќе не се трпи, иако и понатаму македонските невести продолжуваат, против струја, да раѓаат Трајчевци и Трпевци, Трајанки и Трпани. Господе, дојди поскоро, голема е македонската ментална болка! Nocturno. De profundis. Memento mori.