Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“ станува светски познат бренд

И еве сме повторно во Струмица, во градот што изобилува со митски легенди, несекојдневни волшепства и мистерии на јубилејното дводецвениско отворање на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“. И во тој навидум само бавен протек на времето, како тоа да запрело, како небото на таа августовска вечер да се отвори и ги разлеа по нашите лица своите солзи радосници.
На првата вечер на 4 август, наградата за животно дело во сферата на актерството ја доби Емил Рубен. Овој ретко талентиран уметник со француско потекло блесна во просториите на струмичкиот културен центар „Антон Панов“, како ѕвезда што никогаш не згаснува под нашиот небесен свод. Веќе втората вечер во Античкиот театар во Струмица, во една ведра, топла летна ноќ за паметење, ѕвездите земски се мешаа со сјајните небески огледала кога на големото платно одеше втората филмска ноќ, исполнета со несекојдневно инспиративни филмски дела. Во еден миг, како сите да почувствувавме една естетичка катарза, сите што седевме на оние седишта на кои со векови пред нас некои други генерации гледале театарски претстави. Но сега на големото платно се случуваше еден необичен настан, една магија, и сите да потонавме во убавината и смислата на оваа уметничка ноќ. Како овие филмски остварувања со своите генијални сценарија и брилијантна режија да ни ги поставуваа вечните трансисториски прашања, на она Кантово ѕвездено небо и неговиот категорички императив. Ете, во публиката седнавме сите заедно, оскаровци, професори, актери, режисери со светска успешна кариера, случајни минувачи вљубеници на филмот, и секој за себе го доживуваше она што организаторот и автор на „Астерфест“, нашиот познат и истакнат режисер Горан Тренчовски сакаше да ни го каже. Тој толку питом и ненаметлив творец, волшебник на филмската естетика, создава заедно со своето семејство веќе две децении еден грандиозен избран од светски автори филмски опус, со кој придонесува за културната афирмација на нашата земја.
Задумана, занесена во првонаградениот филм „Јас не сум робот“, помислував за смислата на животот, станавме ли ние робови на секојдневието, зарем не дојдовме на Земјата да ги најдеме својата единствена страст и таленти. Зарем не сме дојдени на Земјата да се радуваме, зарем не дојдовме да бидеме среќни со најблиските или сите како да исчезнуваме во темната самотија? Токму филмот „Самотија“, кој ја доби наградата за најдобро сценарио, е едно извонредно филмско остварување на хрватскиот режисер Боби Грубиќ, кој живее и работи во Лос Анџелес, САД. Тој својот уметнички фокус го стави на самотијата, вешто ја разработи оваа проблематика со својата режисерска палка како една најпрепознатлива црта на нашето време. Тој како да ни ја отвори Библијата и во ова филмско остварување ни ги пренесе суштинските пораки – дека секој човек доживува свои ѕвездени мигови во семејството, во животот, но никој од нас не е подготвен да живее еднаш кога ѕвездата ќе падне на Земјата. Тој ни кажа дека во животот постојат, иако само навидум, едноставни работи како што се риболовот, медитацијата над сребрените огледалца на сончевите светлини, но дека на крајот на животот токму таму се враќаме, барајќи ги топлината и љубовта на најблиските. Но, што кога токму тие ќе нѐ предадат онака како што Јуда го предаде Христа, што кога пред крајот на животот сите од нас ќе се откажат, кога ќе настапи самотијата? Ете тогаш се нурнуваме во спомените и како во нив да сакаме се да заборавиме. И тогаш ќе се најде некој чија душа сме ја допреле со својата убавина и добрина и дури тогаш сфаќаме дека нашиот живот не бил залуден.

Во Струмица се случи еден чудесен настан. Со својата визуелна и уметничка структура, „Астерфест“ зрачи со една богата филмска метафизика. Таму како да се измешале картите земски со картите небески, сликите во филмовите бликаат со една совршена волшебност, можеби затоа што и самиот „Астерфест“ е несекојдневен, тамошните филмски остварувања се вонвременски и вонпросторни глетки на една универзална астрална филмска перцепција толку добро искомбинирана со ѕвезденото небо над тоа струмичко уметничко небо, полно со топли и прекрасни луѓе.
Во рамките на „Астерфест“ се одржа и промоцијата на три значајни дела во уредништво на Софија Тренчовска. Едно од делата, „Словенскиот Орфеј“, драма, која своевремено ја напиша Зоран Стефановиќ, во режија на Горан Тренчовски, доби свој особен книжевен белег. Тематски обработено до совршенство, ова дело нѐ потсетува дека кога и да говориме за почетокот на европската култура и уметност, секогаш се навраќаме во времето на антиката, кога доминира една хармонична и плуралистична култура во духот на самосвеста и сонот за атараксија, кои придвижуваат едно исклучително важно и духовно движење во согласност со природата. И како што сѐ уште преку своето капитaлно дело „Раѓањето на трагедијата од духот на музиката“ нѐ потсетува големиот германски филозоф Фридрих Ниче, во антиката се присутни две естетски начела – едното изразено преку богот Аполон и врвните естетски вредности на редот, мерата и совршенството, а другото преку богот Дионис како метафора на непромислените страсти и нагони. Токму во симбиозата на овие две спротивставени тенденции се раѓа и совршенството на античкото уметничко дело.
Кога и да зборуваме за едно вредно уметничко дело, секогаш е присутно и орфејското начело како симбол на она што било и веќе го нема и нашиот копнеж по изгубениот рај или прометејскиот симбол кога трагичниот херој во драмата го зема огнот од боговите и му го дава на народот, а тоа мора да го плати со сопствениот живот. И Орфеј и Прометеј, кои се само обични луѓе и сакаат да личат на богови, мора да направат грешка – Орфеј кога ќе се сврти по Евридика и Прометеј, кој ќе ги излаже луѓето дека ќе бидат бесмртни како боговите, на крајот мора да завршат трагично.
Токму оваа тематика води до „Словенскиот Орфеј“ од Стефановиќ, кој ни зборува за митологијата во уметноста и нѐ прашува кои се нашите богови на денешницата, каде одиме следејќи ги и го заборавивме ли нашиот единствен Бог.

Се најдовме ли себеси следејќи го маниризмот и лицемерството на навидум совршениот Аполон или, пак, следејќи го порочниот „бог“ Дионис, неговите оргии и пропаста на вредностите? Кои се нашите вредносни примери, каде сме се упатиле и дали таму навистина нѐ чека среќата? Дали влезот во „Кристалниот дворец“ што своевремено го опиша Достоевски е синоним за еден среќен, исполнет и вредносен живот?
Словенскиот Орфеј во драмата носи превез преку очите, тој ја бара светлината, но како самиот да не сака да го види она што боговите му го забрануваат. Нашата култура е дионизиско-орфејска, постојано е во потрага по изгубеното, со перманентно спротивставување на насилството. Зошто и кој не сака да гледаме во нашето минато и почетоците во создавањето на нашата единствена култура? Дали во нас завладеаја вечната тишина и молк, онаа тишина што своевремено лирски ја создаде Анте Поповски?
Уште една трогателна сцена во драмата „Словенскиот Орфеј“ е фрлањето на неговото мртво дете на Евридика. Ме потсети на една сцена од „Демони“ од Достоевски, можеби една од најтрагичните сцени што е напишана во светската книжевност, умирањето на Марија Шатова кога Ставрогин ќе го проколне своето дете. Што значи ова? Дека нема надеж за идните генерации, како да нема светлина во новиот ден, дека се наоѓаме во пеколните сцени на поезијата на Боб Дилан на Содома и Гомора, во пропаста на невиноста, убавината и безгрижноста под оргиите и самоволието на новиот Дионис. „Словенскиот Орфеј“ нѐ прашува – каков е овој свет и дали од карактерот на тој свет не извира трагедијата.
Сепак драмата на крајот ни порачува дека надеж и излез има, за секој од нас што ќе им каже НЕ на злото и на злотворот, НЕ на нихилизмот (кога сите вредности ја губат својата вредност), НЕ на атеизмот (убиството на убавината и божественоста во нас), НЕ на анархизмот. Затоа што нихилизмот никогаш не оди сам, туку секогаш се заедно, во тријадата на атеизмот и анархизмот.
Да се надеваме дека таму горе на небото моќниот бог Ерос ќе го победи исто така бесмртниот бог Танатос, но исходот од таа борба ќе биде неизвесен, сѐ до оној миг кога сите заедно ќе запливаме во духовното царство, ќе ги вратиме вредностите од нашето национално колективно несвесно и ќе дојдеме, јунговски кажано, до нашиот најдлабок архетип на божественото и ќе станеме совршени како таткото наш небесен, а тој пат оди преку безусловната љубов, победоносните уверувања, сѐ до вечниот живот.
Да, по „Астерфест“ не можеме да останеме исти, нешто во нас фундаментално се менува, како тој да создал некоја своја филмска формула како трајна вредност, што е уште еден доказ за голема уметност на фестивалот со која му пркоси на времето.