Подгответе се за „ударот“! Кога ќе слегне прашината, дури тогаш ќе ги видиме контурите на новиот свет што никнал од пепелта. Во меѓувреме, да се надеваме само дека сме биле на вистинската страна! Ако воопшто постои таква во една апсолутна смисла!?
Светот и заедницата во која живееме се бескрајно разновидни и комплексни. Но нашиот ограничен ум често, речиси секогаш, таа неверојатно бујна стварност ја поедноставува за да може да ја разбере и сфати. Не само што ја симплифицира туку многу често, ако не речиси и секогаш, човекот и ја митологизира таа стварност. Таа, можеби и еволутивно стекната човекова способност за митологизација на стварноста, прави човекот да ја редуцира до ниво на едноставен дуализам: црно-бело, добро-зло, плус-минус… Во основата на секоја митолошка симплификација на стварноста лежи оваа едноставна дуалистичка, речиси манихејска поделба, која функционира како когнитивен механизам на разбирање на комплексноста на светот.
Тоа од една страна е добро, но од друга страна, е лошо. Добро е, затоа што таквото поедноставување ни обезбедува некаква елементарна сигурност на егзистенцијата и некакви првични вредносни ориентири, кои ни помагаат брзо да реагираме во нови ситуации, повикувајќи се на веќе востановениот митолошки дуализам. Лошо е затоа што ја петрифицира стварноста и нè принудува да ја гледаме од таа исклучива страна на предрасудноста на веќе востановените шеми. Лошо е затоа што функционира како мрзелива перцептивна рамка. Затоа, понекогаш е добро кога стварноста ќе ни ја загрози таа шема, кога ќе ги предизвика нашите закоравени митолошки претстави до коска. Ова е случај како во нашите лични животи, така и во животот на заедницата. Тоа се тие мигови на потреси од кои секогаш се раѓа нешто ново. Ни подобро, ни полошо, но сепак нешто ново. Во такви историски мигови живееме сега. Денес светот живее на своите меѓи!
Еве, пред два дена го „прославивме“ 9 Мај, Денот на победата над фашизмот. Македонија реши едноставно да го премолчи. Како и многу други земји. Веќе одамна поствоена Европа не го слави овој празник заедно со Русија. Не само пред украинскиот конфликт туку и пред тоа, земјата што даде најголем број жртви во Втората светска војна, ретко, речиси никогаш не беше дел од заедничките чествувања. Така е и годинава. Дури, Европа го именуваше 9 Мај строго неутрално – едноставно Ден на Европа – што со ништо не реферира на антифашистичката основа на која настана и идејата за современа Европа и ЕУ! Како беше „убиј го спасителот свој, затоа што е сведок на твојата слабост“; или во конкретниов случај излегува прав генералот Жуков, кој веднаш по заземањето на Берлин изјавува: „Ги ослободивме од нацизмот, тие никогаш нема да ни го простат тоа “!
Во сферата на општественото живеење, фашизмот и нацизмот беа другиот пол, другиот крај на споменатата дуалистичка поделба на стварноста. Тоа беше она олицетворение на злото како противтежа на доброто. Без намера да ги релативизираме злоделата на нацизмот и фашизмот, но со намера да ја илустрираме погорната теза за дуалистичката симплификација на стварноста, ќе посочиме дека фашизмот и нацизмот, во основа, не се ништо друго, освен само една идеологија, исто како и комунизмот, или либерализмот, и како такви, сами по себе, се бенигни. Но со оглед на историскиот исход од таа идеологија, тие влегле во таа митолошка слика на современиот свет на дуалистичка поделба и се нашле на спротивниот пол од нашите вредности. И како такви, фашизмот и нацизмот се наполниле со симболичко значење, кое до ден-денес секому му е јасно и кое преферираме да остане како нешто наспроти нас – добрите, победниците, праведниците…
Но веќе подолго време во Европа, светот, а и кај нас, за некои групи, поединци и интересни заедници, фашизмот престана да бива толку страшен. Одамна веќе како да не претставува проблем некои да кокетираат со фашизмот и нацизмот, во име на личните и националните интереси! Деновиве и дотаму ја дотеравме работата, што националните телевизии на слободниот, либерален свет, без задршка прикажуваат слики од „кукастите крстови“ во Украина и нацистичките формации што се борат таму. Дома, пак, ни отворија културен, да „културен“ центар, на соработник со фашистичкиот окупатор! Се подигаат споменици на балисти…. Пред наши очи, не само во овие случаи, се растегнуваат границите на веќе воспоставениот светски поредок. Полека, но сигурно, како да се релативизира, дури и да се брише таа јасна меѓа, одамна востановена, во нашата колективна митолошка свест. Како полека да се руши таа митолошка претстава на која го темелевме нашиот досегашен живот, како тивко и суптилно да се предизвикува стариот светоглед и да се поматува таа дуалистичка поделба за светот, која до денес ни ги обезбедуваше вредносните ориентири.
И со тоа, како сите полека да насетуваме дека светот влегува во тешка криза, криза во која заедницата и поединецот го губат тој вредносен компас за кој сме се договориле дека ќе го почитуваме. Тогаш сите меѓи на постојниот поредок се распаѓаат и сѐ станува релативно, се будат стари духови и апетити. Веќе одамна сме влезени во сивата зона на релативизација на постојниот поредок, од која допрва ќе се роди нешто ново. Оваа сива зона е дефинитивен доказ дека всушност живееме мрачни историски времиња. Речиси сме убедени дека стариот свет повеќе не постои, а новиот сè уште не е роден.
Рековме, светот навистина е комплексен, но човекот љуби да симплифицира за да преживее. И во таа смисла, таа симплификација е добра, затоа што ја обезбедува сигурноста на нашата егзистенција. Но, од друга страна, е и лоша, затоа што тоа симплифицирање значи и петрификација, замрзнување на актуелниот поредок и неможност за согледување друга перспектива. Така што, овој предизвик пред кој сме исправени денес е сивата зона што ќе го роди новиот свет, ќе ја создаде новата митолошка претстава на која ќе го темелиме новиот поредок, ќе го постулира новиот дуализам во кој повторно круто ќе ги исцртаме „добрите“ и „лошите“. Подгответе се за „ударот“! Кога ќе слегне прашината, дури тогаш ќе ги видиме контурите на новиот свет што никнал од пепелта. Во меѓувреме, да се надеваме само дека сме биле на вистинската страна! Ако воопшто постои таква во една апсолутна смисла!?
Автор: Трајче Стојанов