Медиумите во времето на Титовата мека диктатура

Некои од вас живееле во времето на Југославија, некои биле родени во времето на Југославија, а некои не ни биле родени. Во поранешна Југославија имаше интересни нешта на кои е добро и благо упатно да се навратиме и потсетиме. Една од нештата и темите што секогаш се предмет на внимание на проследувачите и аналитичарите е т.н. Титова мека диктатура. Веројатно обврзната временска дистанца за евалуација на ликот и делото стасала, па еве и од оваа перспектива поранешнојугословенско мини-потсетување и одговори на прашања, пред заборавот и историскиот ретуш ја земат таа материја во свои раце.
Шест и пол милиони метри филмска лента, снимена за време на епохата на Јосип Броз Тито (1945-1980), која никогаш поради цензура, „неподобност“ на некои личности, но и од други причини останала во депоата на „Филмске новости“, ќе ја види светлината на денот.
Необјавени и „забранети“ документарни материјали беа претставени како капитален проект на „Филмске новости“ под името „Титовата соба на тајните“, подготвена и емитувана телевизиска серија од 29 епизоди на РТС.
Феноменот на 6.500 километри лента што останала зад најхаризматичниот водач на овие простори, според познавачите и проследувачите на дејноста, треба да се бара во тоа што „Филмске новости“ била неговата најголема пропагандна машинерија.
Ј.Б. Тито, 35 години, дневно бил сниман по неколку часа, а за јавно објавување бил одбиран најрепрезентативниот рекламен материјал, склопен и едитиран во секвенци, на снимки на кои тој изгледа убаво. Така е создаден огромен суров материјал, километарската лента од која беше направена серијата. Во епизодите се поместени материјали снимени при протоколарните посетите на Николае Чаушеску, Моамер ел Гадафи, Ким Ил-сунг, но и снимки на кои е прикажано како маршалот вози луксузен автомобил на Бриони. Она што малку се знае во јавноста е дека Тито често бил во посета на болници како пациент и, според изворите од материјалот, до 1960 година пет пати бил опериран, но за тоа владеел молк, јавноста не смеела да знае…
Според искусните продуценти, а и според последните мерења на јавното мислење во независна и демократска Македонија и пошироко на просторите на поранешната СФРЈ, популарноста на ликот и делото на Јосип Броз Тито не стивнуваат. За младите и учени историчари, магистри, новинари, автори и докторанди, овој проект е убава можност да се запознаат со еден изворен документарен материјал и историска епоха, времето на социјализмот, диктатурата на пролетаријатот, времето „кога Господ одеше по овие простори“, кога луѓето бесплатно се лекуваа и се школуваа, и кога „достоинствено“ страдаа, човечки тагуваа.

Името на Ј.Б. Тито е тесно сврзано со настанувањето, траењето и распадот на историскиот реалитет Југославија, заедница на народи и народности сплотени околу идејата за просперитет и социјална правда, социјализам како општествен систем, но практикуван како динамичка доктрина. Успешната анимација на неврзување како блоковска определба му донесе на Јосип Броз и мондијална популарност. На неговиот погреб се собраа државници и достоинственици од сите блокови и политички определби.
Меката диктатура, како облик на владеење, е една од најчестите карактеризации на ликот и делото на Ј.Б. Тито од западните експерти, но и од аналитичките кругови на новиот демократски бран. Таа е факт. Но таа секогаш треба да се разгледува во еден поширок општествено-историски контекст.
Ако се има предвид историското сознание дека речиси сите држави во настанување минуваат низ силни премрежиња и драматични околности, и многу од нив и не успеваат во државотворната конституција. Историскиот реалитет Југославија, која постоеше речиси пет децении и од настанувањето до распадот се совпаѓа со биолошкиот тајминг и ликот и делото на Јосип Броз и неговите соборци и истомисленици, беше еден вид „држава во револуција“. И според логиката на револуциите, кои ги јадат своите деца, по органското исчезнување на Маршалот и најголемиот дел од првата генерација револуционери, се случи хаварија, распад на братската заедница на народите и народностите. Што се однесува до меката диктатура во однос на она што се случи, трае и што допрва претстои, разбирливи се носталгичноста на граѓаните и популарноста на Јосип Броз Тито, што во извесна смисла подразбира и денес, молкум, согласност со „меката диктатура“ од времињата.
Но еве и еден интересен светол пример што потекнува и се случува и во демократии со традиција. Во Би-би-си, најстарата и престижна телевизиска компанија, пред неколку години беше формирана т.н. – Комисија за политичка коректност – програмска инстанца што ги преоценува програмите од продукциски вид создадени во минатото и ги детектира деловите и содржините што не соодветствуваат на актуелниот момент. Па така, од многу играни ТВ-серии се препорачува да се извадат и да се премонтираат одредени делови што ги навредуваат и карикираат странците. Мора да се биде внимателен и коректен, особено кон богатите руски и арапски тајкуни и дојденци од транзицискиот исток, но и да се испочитува историскиот миг во кој дискретно се најавуваше можноста за амнестија на над 600 илјади илегални имигранти.
Со времињата многу работи се променети и се менуваат. Сега Англичаните се пофлексибилни во однос на странците и се сѐ повеќе благонаклони. Сега на островот се популарни транзициските милијардери што со својот капитал одлично се вклопија во општеството. Особено беше популарен Роман Абрамович, кој на времето раскрчми, купи и доведе во Челси светска фудбалска елита и со многубројните титули им донесе многу радост и задоволство на обожавателите, со што непрестајно ја потхранува и дополнува англиската пословична гордост.

Во нашата куса неверојатна и фантастична историја на медиумите ваквите рафинирани уредувачки потези, проблесоци на демократскиот дух се ретко забележани. Пред сѐ поради компликуваноста и цената на чинење. Но интересно е да се потсетиме на одделни историско-политички шпицеви во кои најмногу „страдаат“ одделни медиумски профили (монтажери, уредници од понизок ранг), кои имаат задачи експресно да ги рекомпонираат и раздвојат содржините и будно да внимаваат да не се протне некоја непожелна секвенца, некој групен фотос и слично.
Карактеристичен опит во нашето медиумско тоталитарно минато е контроверзниот политичкиот случај на Јованка Броз, сопруга на Ј.Б.Тито, и нејзиното отстранување од протоколот, фотоархивите, видеоматеријалите. Со своевидна атракција монтажа, Јосип Броз Тито одеднаш на страниците на печатот и во телевизиските прилози останува сам без Јованка, брачниот сопруг, инкриминираниот политички субјект.
Со оглед на хетерогениот идеолошко-политички состав на нашето гледалиште и партиската распарцелизираност на македонскиот медиумски простор, комисија од ваков рафиниран вид теоретски е остварлива, но практично е невозможна, а може да биде интересен документарен ентертејмент. Којзнае. Иако сме млада, политички и медиумски релативно неискусна средина, некои примери се убава можност и многу нешта можат да се научат.
И се разбира секогаш треба да се има на ум дека и во развиениот свет медиумите живеат или умираат според тоа колку и како ѝ служат на широката заедница и според „степенот на доверба“ што го генерираат, без оглед на карактерот, типот и жанрот на материјалот, кој и онака секогаш може да се монтира, преуреди, дотера, презентира – според потребите.

Аљоша Симјановски