Матеј на Микеланџело

Гледам, постојано ми забележуваш, драг читателу, дека насекаде и во сè ја барам Македонија, и таму каде што никој не се надева дека ја има како неверојатна аналогија. А, знаеш, таа моја опсесија, наречи ја и манија кај мене како некој вид и откровение се појави по нашата идентитетска катастрофа Преспа 2018, кога бриселска Европа нè фрли во безименото, во она што алхемичарите го викаат materia prima или nigredo, првобитното црно, бескрaјната ноќ на материјата. Неа најубаво ја сугерира и симболизира јагленот од кој по милениуми поминатата ноќ од него излегува дијамантот да се вглоби во прстенот на младоженците. Во контекстот на нашата визија: на прстенот на македонските љубовници и младоженци. А тој настан, таа откровенска визија, како што можеш да претпоставиш се случува по излегувањето на Македонците од безименото во кое се фрлени по Преспа 2018, од заборавот во кој, мислејќи засекогаш, ги закопа оваа сурова евроцивилизација заедно со нејзините балкански предатори. Ама како што велат теолозите и материјата има меморија, па сè што е фрлено во неа да се заборави еден од Господ определен ден таа повторно го исфрла на површина, како што ќе се случи тоа и со Македонците кога пак ќе се вратат од безименото во Името. Ќе се вратат од него како Матеј на Микеланџело подизлезен од големиот камен блок, со исчекор на левото колено кон бескрајот, ама сепак останат нецелосно изваден од каменот. Колку што знам единствената таква скулптура кај генијалниот скулптор во која фигурата не е докрај извадена од хаосот на материјата.
Доволно, драг читателу, за вовед во темата на овој наш по многу нешта алхемиски есеј во кој повторно оперираме со универзалниот Бодлеров клуч на аналогијата како Аладинова ламба за осветлување на македонската судбина, која денес е плен на црни гарвански јата што го пустошат до последното зрно нејзиното златно културно-цивилизациско поле стежнато од род. Мене еднаш по аналогија ме потсети на тоа и антологиската слика на Ван Гог „Житно поле со гарвани“. За неа во тој контекст пишував еден есеј по повод терористичката 2001 кога гарваните како темен облак се јавија над златното македонско житно поле, да го пустошат и обесветуваат. А има уште неколку слики во кои сум ја барал аналогијата помеѓу нив и македонската судбина. Тука е фрескосликата „Оплакување“ во Нерези, сликана пред еден милениум не само како уметничко ремек-дело од кое потече изворот и на италијанската ренесанса со Ѓото напоен од неа туку и како визија на македонскиот судбински проклетилак. И тука има едно неверојатно поклопување: Богородица што го оплакува Исус на неа е заштитничка мајка на Македонија инкарнирана во нејзиниот син симнат од крстот. Аналогијата како метафора (спој на далечни ама во контекстот блиски реалности) е целосно функционална, иако Македонците со столетија распнувани сè уште не се симнати од крстот. ЕУ ним сега им стави, во улогата на римските војници на Голгота, уште три реда клинци.

Покрај Марија што го оплакува Исус е и апостол Јован, единствениот од дванаесетте Исусови следбеници што умира со природна смрт во длабока старост на Патмос, каде што ја пишува последната книга од Новиот завет „Откровение“ или „Апокалипса“ како есхатолошка визија за крајот на суровиот и дотраен свет, каква што е впрочем денес и Западната цивилизација што повтела да нè ништи не до последниот атом, туку до последниот квант и кварк, без да знае дека ние од нив, ангелски раскрилени, се вглобивме во Божјата честичка, која е директно под закрила на Создателот. Последното откровение на квантната физика. А дека имено Македонците толчени и (до)толчени се „божјата честичка“ сведочи и апостол Павле, кој е директно од Исус насочуван и пратен во Македонија кај богољубивиот народ со кој тој сакаше да се пофали пред Господ, па и Грците (тој ги викаше Ахајци) ги молеше да се угледаат на нив. Ама тоа до денес не се случи и тие се главните гробари на Македонците со нивната канибалистичка Европа, и по сè изгледа до судниот ден. До Армагедон, кој и не случајно совршено како господова визија се римува со Армакедон. И нема поубава од таа потврда за Прашката лингвистичка школа на Роман Јакобсон со (хипо)тезата дека зборовите слични по звучност рефлектираат и слично семантичко значење.
Од другите слики кај сум го користел исто така клучот на аналогијата (проширена метафора) како осветлување на македонската судбина сум навраќал кон фрескосликата „Плачот на Рахела“ во Марковиот манастир. Во неа Рахела со небаре космички крик ги оплакува своите мртви деца. Сега тука, драг читателу, аналогијата посебно ме води кон 1948 година и геноцидниот погром од англиските бомбардери, сега наш стратешки партнер, полни со смрт за македонските деца во Егејска Македонија. И, еве ја, Рахела крика, лее солзи и плаче над нив. А нејзиниот плач плус се разлева како потоп од крик и солзи и над гробницата Преспа 2018 во која се фрлени од суровата цивилизација за да ги снема Македонците.
За некои, пак, други слики и аналогии на тема ќе говориме друг пат драг читателу. Така. А сега по овие нужни дигресии еве нè конечно и кај Матеј на Микеланџело, уште една претстава од која по мистичната патека на аналогијата стасуваме до Македонија и Македонците, кои имаат асоцијативен, аналоген контекст со ова дело на италијанскиот гениј. Тоа не е слика, иако сè што се гледа е тоа, туку е камен релјеф што повтел да се обликува во скулптура, но застанал на средина меѓу едното и другото. Ни напред, ни назад. Ни енергично исчекорување кон бескрајот како лик ослободен од каменот, ни со намера да се врати во него, како што впрочем некогаш (психоанализата на Фројд говори за тоа) човекот силно посакува да се врати, ослободен од егзистенцијалните грижи, во фетусот на мајката што го родила. Да се врати, ако ја следиме линијата на нашата аналогија, драг читателу, заспан во вечен сон во темната ноќ на материјата, во nigredo, спокојното во вечна нирвана и без невроза првобитно црно.

Всушност на Микеланџеловото дело е претставена метафизичката драма на создавањето на човекот, што е присутна и на неговата слика „Создавањето на Адам“, кој исто така како и Микеланџело Матеј Создателот го вади од темниот хаос на материјата. Матеј од каменот, а Адам од глината. Во секој случај сега и Микеланџело и Господ не се сликари, туку скулптори, па така, хипотетички изгледа дека паѓа во вода (освен ако не е глина или камен) (хипо)тезата на апостол Јован од почетокот на неговото евангелие за создавање на светот со Словото изедначено со Бог, во кое едноставно и на почетокот пред почетокот престојувал Тој. Конечно, речено со јазикот на поезијата, во кое е зачнат и роден Тој. Фасцинантна хипотеза. Во „Сoздавaњето на Адам“ со неверојатна интуиција Mикеланџело уште на самиот почеток, и пред првиот грев во кој е искористена змијата како алиби, Микеланџело ја слика и драмата, пред да се случи тоа, меѓу човекот, богообразното создание, и Бог кој на таа слика во Сикстина јури од бескрајот на вселената, како да ја заборавил, да се поздрави со својот најубав пронајдок. Дури, како некое извинување, тој му ја носи под мишка и Ева како најубав подарок. Добро, ама на сликата на италијанскиот гениј меѓу дланките на Господ и Адам сепак има едно растојание од неколку милиметри. Тоа е бескрајот во кој, за жал, изгледа дека не се допрени тие. Дека и по милениуми не е остварена врската меѓу прогнатиот од рајот човек и Бог.
И тоа е егзистенцијалната и метафизичката драма на човекот со која трауматично до крајот на СВОЈОТ ДОЛГ ЖИВОТ се занимавал Микеланџело, драг читателу. И на 89 години пред крај не го оставил глетото и го барал скриениот човеков лик во големите блокови мермер, во темниот хаос на материјата од која впрочем и Господ го извлекол па виделина Адам. А изгледа на прв поглед многу едноставна неговата вајарска ars poetica, усогласена и произлезена од таа на Создателот, дека, имено, богообразниот човеков лик спие во каменот, а задачата на вајарот е само да го извади од него неповреден и во сета негова божествена убавина. Ништо друго. А интересно е, пак, дека и ликовите на Микеланџело насликани во Сикстина на таванот оставаат таков впечаток. Обликувани скулптурално и тие изгледаат како живи фигури извадени од мермерни блокови. Тоа го сугерира и нивниот колорит, кој иако богато нијансиран, ги имитира боите на каменот. Всушност и му забележувале на Микеланџело дека е слаб сликар во однос на неговиот ривал Леонардо, но со фреските во Сикстина тој целосно го демантирал тоа, создаваjќи една голема генијална ликовна симфонија во de profundis стил коjа говори за човекот изгонет од рајот и фрлен во немилосрдно постоење. Тоа е старозаветната проекција за човековата судбина на која во јанѕа, распнат меѓу човековото проколнатништво и Бог, до крајот ѝ робувал духот на Микеланџело, без да го прескокне тој темен хијатус и да се сврти кон Радосната вест на Новиот завет.

Но да се вратиме, драг читателу, на скулптурите во кои драмата на постоењето е најмногу изразена, на пиетите на Микеланџело во кои Исус е во рацете на Богородица по неговото свалување од крстот. Да. И целата негова серија од скулптури говори за човековата егзистенцијална драма, за разлика од античката старогрчка скулптура од која тргнал, но ѝ дал сосема поинаква естетика и димензија. Нивната имперсонална, како што вели Жерман Базен, убавина тој ја преобразил во психолошка драма, која не е индиферентна кон човековата судбина, правејќи една сјајна синтеза на божественото и човечкото овoплотено и во ликот на Исус. Така, поаѓајќи од тоа Микеланџело можеме слободно да го означиме како егзистенцијалист пред Киркегард, Ками и Сартр. Да. Но конечно да се вратиме на Матеј, кој го вади тој од мермерот, но во еден миг застанува и не го доизвадува, па така тој останува, според некои, недовршено дело, главно, а според мене, како што сум размислувал за него, тоа е завршено и оставено во облик на импресивен камен релјеф. Дека тоа дело е незавршено, па дури и неуспешно (?!) тврди познатиот професор на Њујоршкиот универзитет Х. В. Џонсон во неговата позната „Историја на уметноста од праисторијата до денес“. Тој, имено, тврди дека и Микеланџело како гениј понекогаш правел грешка во откопувањето на фигурата заробена во каменот, како што се случило впрочем тоа и со евангелистот Матеј. Тој е подоткриен од глетото на скулпторот и неговото лево колено е подадено напред за исчекор од темниот хаос на материјата во бескрајот на животот. Да. И, оп наеднаш, како што мисли Х. В. Џонсон, Микеланџело разочаран дека некаде погрешил, го остава него неизваден целосно од каменот. И така со рационална картезијанска логика ја решава енигмата на Матеј њујоршкиот професор, врвен експерт за ликовните уметности. Секоја чест. Сепак јас имам хипотеза различна од неговата. Две. Мислам дека Микеланџело не направил грешка и не се разочарал, не мислел дека ако целосно го извади од каменот Матеј ќе биде неуспешна скулптура, која ќе отстапува од совршенството на неговиот Давид, или Мојсеј. Не. Тој е од оние гении кои не грешат. Постојат според мене, драг читателу, две хипотези за оставениот, во релјеф евангелист во Каменот.

Првата е дека едноставно Микеланџело, кој бил нагрбен и од Ватикан со безброј проекти за реализација, од фреските во Сикстина, до гробниците на папите и новото архитектонско преобликување на куполата на црквата „Свети Петар“, возможно е, заборавил на своето започнато и недовршено дело, Матеј. Втората, пак, хипотеза што е многу поверојатна е дека тој намерно го оставил незавршено своето почнато дело. Имено, Микеланџело во еден миг посебно и страшно се возбудил од феноменот со метафизички карактер на излегување на ликот од темниот хаос на материјата и го оставил него недоизваден со коленото на левата нога веќе зачекорена кон бескрајот на животот. Тука дошла до израз, како што би рекол Фројд, неговата сублимација на егзистенцијалната болка од која тргнувал во уметноста во екстаза. Екстаза во која егзистенцијата се проткајува со моќен естетски метафизички импулс.
Така. А ти, знам, сега по толку долга пловидба низ темата, драг читателу, исправно ме прашуваш каква аналошка врска има Матеј на Микеланџело со Македонија и Македонците. На крајот сме од просторот и немаме многу редови за микроскопско растајнување на оваа во добра мера и метафизичка енигма. Имено, по Преспа 2018 Македонија и Македонците фрлени во безименото ги гледам во визија макар и по столетија, како што бива тоа со нив, како некој Микеланџело и нив како Матеј ги вади од длабоката смрт на виделина на животот. Да. А сега, пак, дополнително и пак исправно ти прашуваш кој е тој што ќе нè извади од неа макар и нецелосно излезени, туку само подизлезени во животот. Прашуваш дали како Микеланџело се тоа Американците, Европа маскирана во ЕУ, или Русите, па на крајот и Кинезите на кои не само ние туку сега се надева и човештвото. Така. А јас одговарам: Не! Не! и Не! Стопати, илјадници пати не. Тие Микеланџели ќе бидат, драг читателу, само нашите повторно родени илинденски комити и асномски партизани со знамето „Смрт или слобода“, на кои оваа генерација им се помоча. Тие се новите Микеланџели, ангели спасители. Само тие можат да нè извлечат на видело од безименото, од темниот хаос на материјата римуван со смртта во која сме фрлени по Преспа 2018.