Колку што ќе треба да се чува од непријателите, толку Мицкоски треба да се чува од тие околу него и од себеси. Таа внимателност му ја налага фактот што тројца негови претходници (Бучковски, Заев и Груевски) се најдоа на криминогени листи и го чувствуваа мирисот на судските лавиринти, само тие самите и корумпираното судство знаат како спасија глава да не ја чувствуваат мемлата во македонските сурови затвори
Добро е на почетокот на мандатот како претседател на Владата на Република Северна Македонија да му се укаже на Христијан Мицкоски на неколку искуства како поддршка да не подлегнува на искушенијата што ќе произлегуваат сами по себе или што ќе му се нудат од оние што ќе го искушуваат на разни начини.
Мицкоски не е ниту првиот ниту последниот што седнува во жешката претседателска владина фотелја во независна Македонија. Пред него деветмина јаделе леб од таа фурна, но никој не заминал со признанија и славно. Од првиот, Никола Кљусев, до последниот, Димитар Ковачевски, сите биле дочекувани од граѓаните со надеж и верба дека ќе ја држат државата исправена на нозе, ќе ја лекуваат од детски болести, ќе ги чистат контејнерите од ѓубрето на претходниците. Но на крајот резултатот бил ист – неисполнети надежи и многу измами. Многу ветувања останале безвредни и биле поништени поради недоследноста токму на претседателите.
Речиси кај сите преовладеал истиот синдром – ангажираноста, полетноста, добрите намери, успехот и довербата траеле две, максимум три години од мандатот. Третата година почнуваат лутањата и ескивирањата, четвртата е влегување во живиот песок на сопствените илузии, заблуди и грешки и горчливата борба за опстанок на власт. Заминувањето од функцијата било поразително, драматично и болно за нив, иако нивниот личен пораз никако не значел победа на народот.
Колку што ќе треба да се чува од непријателите, толку Мицкоски треба да се чува од тие околу него и од себеси. Таа внимателност му ја налага фактот што тројца негови претходници (Бучковски, Заев и Груевски) се најдоа на криминогени листи и го чувствуваа мирисот на судските лавиринти, само тие самите и корумпираното судство знаат како спасија глава да не ја чувствуваат мемлата во македонските сурови затвори.
Заедно со нив или блиску до нив, во притвор или затвор, се најдоа и тројца генерални секретари на Владата, што покажува дека дувлото, местото каде што се собира сомнителен свет, функционирало зад масивните врати во Владата, а не на плоштадот, крај споменикот на царот Самоил или во дворот пред Соборната црква.
За да биде владиниот криминоген портрет дополнет се погрижија американските власти, кои еден владин потпретседател го печатираа на нивната црна листа, што, секако, не е срам само за функционерот туку и за државата. Партиска поговорка е дека „каменот доаѓа одблиску“, Мицкоски ја почувствува неа на своја кожа кога се обидуваше да ги зајакне лидерските позиции во партијата и кога навистина некои вмровски сениори ја бараа неговата глава со намера да му ја скинат неповратно.
Мицкоски, откако целосно ја освои партијата, победи на собраниски избори, ја доби масовната доверба од гласачите во улога на опозиционер, допрва ќе се гледа каква е и колкава е таа доверба од народот во него како премиер. Таа доверба не е лесно да се стекне и да се одржува во држава каде што владее мислење дека законот е главна пречка за среќен живот, дека функционерите се над законите, дека е бескорисно да се учи, да се чита и да се пишува, дека престапникот подобро и посигурно живее од обичниот човек. И дека секоја друга земја е подобра од сопствената, дека среќата е на друго место, а не таму кај што ти е родната грутка.
Кусо кажано – нужно е Владата да влезе во војна со сопствената општествено и морално изопачена држава. Ништо не е едноставно во овој миг, дури ни како да се воспитуваат децата, од кои учебници да учат и да се поучат да прават разлика помеѓу доброто и злото. И ништо нема да биде лесно, како што сега мислат новопоставените еуфорични министри дека ќе најдат волшебно стапче да ги решат проблемите во своите ресори.
Новиот претседател на Владата долго ја гради својата политичка кариера како отелотворение на македонски патриот, милосрден, верен, човечен, искрен и побожен, особини што како целина ги немал ниту еден претходник. Добиваше пофалби зашто го одржува дадениот збор, работи чесно и без измами. Дека ќе опстои на тие карактерни особини и политички принципи тешко е да се тврди уште сега, но секое подрастично поместување и изместување ќе се пишува на негово негативно салдо.
Ако досега тој ѝ пишуваше негативни поени на власта, сега други нему ќе му ги бележат и бројат ветените 1.198 чекори, барајќи му напати и влакно во јајцето со прецизност што нему му беше силна страна како лидер на опозицијата. Ако досега не видел, Мицкоски наскоро ќе види дека Амазон е мал за споредба и за да се објасни разликата меѓу тоа да си лидер на опозицијата и безмалку неприкосновен господар на Владата и на државата. Едното со другото никогаш не биле ниту ќе бидат во трајна љубовна и брачна врска. И на децата им е јасно дека не е исто да си опозиционер или премиер.
Од памтивек постојат два начина на владеење – со закон и со сила. Историјата покажува дека првиот е недоволен и затоа се бара на помош вториот. Комбинацијата меѓу двата начина е патот што го одбирале сите владетели ако сакале да успеат во своите намери. И сега, гледано објективно, намерите на Мицкоски се искрени, убави и делотворни, што не мора да значи дека сигурно такви ќе бидат и делата.
Секако дека не е посакувано да се случи едно долго чекање да се претвори во изгубена надеж, еден пат поплочен со рози утре да биде послан со трње. Само една криминогена афера, негова или на неговите министри или пак на партиски другари, може да го кутне на земја и да го изедначи со неморалниот лик на неговите претходници.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе владеат без опозиција и без каков било домашен отпор, што е штетно не само за опозицијата туку и за самата власт. Кога се набројуваат граничниците на неговиот мандат не треба да се докажува дека една од змиите отровници лежи под каменот на познатата изрека дека владетелот е најслеп кога се чувствува најсилно и тогаш ги прави најголемите грешки. Уште од Александар Велики е знајно дека настрада, го загуби животот, набрзо откако се прогласи за бесмртен.
Новиот претседател на владата не покажува дека живее или гради кариера врз историски национални митови и трауми, иако по потреба, благо и умерено, се повикува на некои од нив. Неговото образование, професурата, потесната техничко-информатичка струка упатуваат на студена глава, на логички и строги шеми, на прецизни пресметки и сигурни реализации. Колку и да не го сакаме, (за оние што не го сакаат) да му посакаме да издржи добрите намери и плановите да ги претвори во вистински дела.