Македонскиот светител Димитрија Солунски и бугарскиот цар Калојан

Денешните малобројни етнички Македонци, кои го прифатиле турко-монголскиот етноним „Бугари“, знаат по нешто од македонската историја, секако, гледана од бугарски аспект, но ако ги прашате да ви кажат нешто од бугарската историја (на пример да ви ги набројат „нивните“ турко-монголски бугарски ханови или да ви посочат податоци за роднинските врски помеѓу Бугарите и Татарите – кои се сериозно поткрепени од бугарски историчари) ќе видите дека немаат поим од сето тоа. Значи, се прават „Бугари“, а немаат поим од бугарската историја. За жал, и македонските историчари што се должни да ѝ се спротивстават на бугарската пропаганда имаат слаби познавања од бугарската историја (попрецизно кажано од „дупките“ во бугарската историoграфија), па нивното дејствување главно се сведува на одбрана против бугарските шовинистички напади против македонската историја. Но тоа мора да се смени. Ако бугарските историчари ја негираат и напаѓаат македонската историска вистина, тогаш треба ли ние на ист начин да дејствуваме против бугарската историографија каде што има голем број „дупки“, нелогичности, па дури и смешни толкувања?! На пример, како е можно денешните Бугари, кои во најголем дел ѝ припаѓаат на белата раса, да тврдат дека нивните етнички предци (турко-монголските Бугари на ханот Кубрат и Аспарух и нивните наследници Паган, Токту, Омуртаг, Цок, Телец и други како нив) ѝ припаѓаат на жолтата раса? Значи станува збор за две различни раси! Тоа е исто како кога некој денешен белокож Швеѓанец би тврдел дека негов прв крвен предок е црнецот од Африка (со целата почит кон сите раси). Тоа навистина е смешно, но денешната бугарска историографија токму тоа го тврди без да даде одговор на ова едноставно прашање. На тоа поле ние треба да работиме проактивно пред меѓународната јавност, а не само (реактивно) да се правдаме зошто сме Македонци.
Пред да поминеме на основната тема на овој текст, потребно е да дадеме уште неколку дополнителни објаснувања. Наспроти апсурдните тврдења на бугарските шовинистички историчари дека Македонците и Бугарите во средниот век биле „еден народ“, фактите и историските податоци говорат за војна и за непријателство помеѓу овие два одделни етникума. Да го земеме на пример покрстениот бугарски цар Симеон (893 – 927). Тој исто така бил припадник на турко-монголските Бугари, т.е. ѝ припаѓал на жолтата раса. Негов прапрадедо (по таткова страна) бил злогласниот бугарски хан Омуртаг, познат по неговата изјава објавена во Четаларскиот натпис во која вели дека „ќе ги убива Словените сѐ додека свети сонцето и тече реката Тича“. Ова секако е уште еден трагикомичен апсурд во бугарската етногенеза – денешните жители на Бугарија себеси во голем дел се сметаат за „Словени“, а се гордеат со турко-монголскиот етноним „Бугари“, т.е. со етничкото име на ханот што ги убивал нивните крвни предци Словени!
За царот Симеон постојат историски извори, според кои, тој им нанел многу страдања и на Македонците. Цариградскиот патријарх Николај Мистик за навлегувањата на бугарските војски во Македонија возбудено констатирал:
„… Кога си припомнувам за толкавиот број разрушени храмови, манастири и домови, за убиените епископи, за силуваните девици, за измачуваните монаси – како можам да се надевам дека Бог ќе го заборави сето ова?“
За пустошењата од страна на војските на бугарскиот цар Симеон Лав Ѓакон во својата Историја (ГИБИ, т. 5. стр.179) ќе запише:

„Во месец септември, втор индикт, Симеон Бугаринот повторно настапил со својата војска против Цариград. Притоа ги опљачкал Тракија и Македонија, каде што сѐ опустошил и разурнал.“ (Подетално за ова кај Сариса Параос, в. Народна Волја, Благоевград, февруари 1998, стр.6).
Византискиот историчар Симеон Логотет, за разурнувањата на нашата земја од бугарскиот цар Симеон, го напишал следното:
„Во месец септември бугарскиот кнез Симеон со целата своја војска дојде до Цариград и притоа ги оплени Тракија и Македонија. Таму тие разурнаа и запалија сѐ и ги исекоа овошките.“
Овде сами по себе се поставуваат прашањата: чија земја уништувал турко-монголскиот Бугарин (со крстено име) Симеон и чии жени силувале припадниците на неговите војски? Зарем тие си ги силувале сопствените сонароднички доколку наводно ние Македонците сме биле етнички Бугари?
Постојат и други вакви сведоштва, кои во интерес на просторот ќе ги оставиме за некоја следна пригода.
Македонија и Македонците страдале од Бугарите и за време на т.н. Второ бугарско царство (за чиј етнички состав исто така има што да се напише). Посебно познат по несреќите што му ги донел на македонското население бил владетелот на оваа држава Калојан (инаку, Куман по етничката припадност). Поради злоделата што ги извршил во Тракија и во Македонија, Ромеите го нарекле Скили-Јован (Куче-Јован). За неговите злодела врз македонскиот народ Владислав Граматик од Рилскиот манастир напишал:
„Тој Калојан при секое враќање од борбите што ги водеше против Ромеите ја пустосеше македонската земја и извршуваше многу жестокости врз населението. Засолништата им ги рушеше до темел, а многу народ одведе во пленство и го пресели преку Дунав.“
И овој документ е објавен во бугарска книга (Петар Ников: Материали за средновековната историа на Блгариа – ПСп, кн. 55-56, с. 250, цит. според Сариса Параос), а од него гледаме дека Калојан не го заборавил стариот азијатски обичај да плени народ и да ги води плениците далеку од нивните родни огништа.
Во врска со походот на Калојан во Македонија и во Тракија, византискиот писател Никифор Григора запишал:

„Македонските и тракиските градови беа целосно уништени, откако претходно доживеаја многу несреќи ту од Латинците, ту од Бугарите и Скитите. Уште што ли не им направија на христијаните овие крвожедни народи…“ (В. Златарски: Историа на блгарската држава през Средните векове, 3, 266).
Во Дејанијата на Свети Димитрија исто така постои сведоштво во врска со пустошењата на бугарскиот цар Калојан во Македонија:
„Тогаш владетел на Бугарите бил Калојан… Тој, откако ја пребродил цела Македонија, ги опустошил сите области, до темел ги срушил основните крепости, пљачкосувал и го испустил и го преселил целото население покрај брегот на реката Дунав – со еден збор, го престорил во пустина секое место што го нападнал. Потоа тој незадржливо се упатил против Солун, заедно со својата војска, која била побројна и од морскиот песок и која се состоела од Бугари, Кумани, Татари, Хазари…“ (Христоматиа по историа на Блгариа, Софиа, 1964, с. 273).
Значи, бугарскиот цар Калојан ја пустошел Македонија и ги убивал Македонците со својата војска, од која големото мнозинство (покрај Бугарите) биле нивните роднини, т.е. турко-татарските племиња: Кумани, Татари и Хазари.
Кога сме кај уништувањата на Македонија и на Македонците од времето на царот Калојан, да кажеме уште еден интересен податок. Имено, познато е дека во 1207 година овој цар презел опсада против Солун. За време на оваа жестока опсада, Македонците од Солун, и старо и младо, со сите сили го бранеле својот град. Додека мажите војувале, жените деноноќно бдееле во црквите, молејќи го Свети Димитрија Солунски да им помогне. Токму кога се чинело дека градот ќе падне, Калојан бил убиен под неразјаснети околности. Ова солунчаните го примиле како дело на Свети Димитрија. Оттогаш на фреските и на иконите во Македонија и пошироко Свети Димитрија се слика со долго копје, јавнат на коњ, како го прободува бугарскиот цар Калојан.

Овие податоци се објавени и во хагиографското предание каде што тие се прераскажани од рускиот митрополит Димитриј Ростовски (1651 – 1709). Според раскажувањето на митрополитот Ростовски, Свети Димитрија се појавил во 1207 година во логорот на бугарскиот цар Калојан, кого го прободел со копје и така го убил. Оваа сцена е позната како „Чудото на уништувањето на царот Калојан“ и таа недолго потоа станала популарен елемент во иконографијата поврзана со свети Димитрија, кој е прикажан на коњ како го прободува бугарскиот цар со своето копје.
На официјалната веб-страница на големата црква „Свети Димитрија Солунски“ во Москва (Русија) во врска со сето ова читаме:
„Непремостлива пречка за ширење на империјата на Калојан било антибугарското расположение во Македонија и Тракија. Калојан се обидел да ја смени оваа состојба во освоените територии со помош на својот меч и репресија… Во 1207 година за време на опсадата на Солун, под мистериозни околности тој починал. Преданието ни кажува дека во шаторот во кој лежел Калојан се појавил Димитрија Солунски и го прободел со своето копје. Легендата пренесена од Роберт де Клари, според која Свети Димитрија го прободел царот со копје, подоцна станала еден од честите мотиви во иконографијата на Димитрија Солунски – Свети Димитрија јавнат на коњ чие копито го гази Калојан, кој лежи на земја додека Димитрија го прободува со копје… Еден ден по убиството на Калојан, Бугарите ја прекинале опсадата на Солун и со телото на својот воен командант заминале во Трново. Подоцна, во Русија, жителите на руските градови, кои биле под непријателска опсада, го повикувале на помош Свети Димитрија од кого барале да го убие непријателот, исто како што тоа го направил со царот Калојан“.