Македонски мозаик и мозаичари

Мозаикот е како што знаеш, драг читателу, прастара уметност со филозофски и мистичен контекст. Тој е еден од уметничките праоблици на израз, човековиот напор да му даде на мигот статус на вечност. Тоа е всушност прамотивацијата на секоја уметност, да се откочи и да тргне во креативна авантура човековиот дух, кој од уметноста се префрла на филозофијата и науката. Мозаикот се создава од камчиња како просторни и временски микроструктури вглобени во големата слика на вечноста што треба да ја изразат, без разлика дали неговиот мотив е само детаљ од неа (паун, дрво, срна) или е тоа претстава на космосот со сонце и ѕвезди околу него.
Таква, уметноста на мозаикот филозофски нè потсетува на Хераклит, кој трескавично го промислувал проблемот на минливоста, седнат на брегот од реката, која при секое ново загазување во неа не е истата, бидејќи ја одразува сликата на времето што тече во кое секоја нова секунда, секој нов миг е ново време. „Тие секунди-мигови всушност кај претсократовскиот филозоф се камчињата со кои си игра бремето персонифицирано како дете на брегот од брзотечната река што го куси човечкиот живот. Тоа се камчињата на уметноста што се вика мозаик, еднакво аналитичка и синтетичка“.
Малку подолг вовед, на изглед и мистичен во темата на нашата колумна, драг читателу, со индикативен наслов „Македонски мозаик и мозаичари“. А тој сега во аналошка перспектива се однесува метафорички на мозаикот на македонската држава, на нејзините мозаичари политичарите и секој вид политичка полтронерија што ја влечат со и по себе тие. Тие, сите, што се нафатиле да го градат монументалниот мозаик на државата (општеството) како идеален за егзистенцијата на нејзините граѓани. Многу владетели се обиделе да создадат мозаичка слика што ќе го изразува идеалното општество, државата. Тие биле истовремено и големи утописти, илузионисти и визионери. Од филозофите таква слика-мозаик на идеалната држава создал Платон. Византија, посебно и во времето на Јустинијан, во некои аспекти се обидела да биде мимезис на таа слика. Всушност во епохата на Византија, а потоа и во италијанската ренесанса и се создаваат најубавите мозаички дела, кои се замислени како идеална слика на духовната и егзистенцијалната хармонија на животот и светот во кој постои тој. Таа идеална хармонија, имено, најубаво е претставена на прекрасните мозаици во Равена-Италија, на кои мозаичарите имале цел да ја доловат сликата на рамнотежа и меѓусебно проткајување на земното и небесното, нешто воопшто што е карактеристично и за целокупната средновековна христијанска уметност како филозофија на промислување на светот и на човекот во него. Како филозофски концепт, таква, таа е израз на херметичката метафизичка формула на Хермес Трисмегист, која изгледа многу едноставна и гласи: „Она што е горе е и долу“. И обратно: „Она што е долу е и горе“. Но во таа едноставност се крие шифрата на земното и небесното во едно, на слегување на небесното наземи во животот и духовниот свет на човекот. Всушност, во таа смисла и целокупното средновековно христијанско фреско, иконо и мозаичко сликарство не е ништо друго туку пресликување на небесното слегнато долу, наземи. На мозаиците во Равена тој естетски и метафизички ефект се чини е највпечатлив и максимално екстатичен.
Тоа е така, и тоа е сè во ред, но сега кога е конечно веќе ред да се префрлиме на македонскиот мозаик и неговите мозаичари, јасно е, драг читателу, дека тука нема ништо што може да се спореди со мозаичката уметност на Равена. Дури е богохулие и самата помисла за некаква споредба тука, но понекогаш аналогиите се дрски да го прават тоа. Па така е сега и метафоричката аналогија на македонскиот државен со равенските мозаици, следствено на тоа, на македонските со равенските мозаичари. Нема ни најмала трага од блесокот на Равена во македонскиот денешен мозаик. Тој е тотално сив. Нема во него ни еден кристал, ни едно скапоцено светкаво камче од продуховената материја на минералните блокови чиј сјај Новалис го дефинираше со поимот „интелигенција“. Тие скапоцени камчиња, дијаманти, рубини и сафири светкаа вградени во мозаикот на античката македонска држава на Филип и на Александар. И толку. Но тие како израз и одраз на менталниот мозаик на македонската психа останале да сјаат и понатаму низ столетијата на историска поморија и искушенија на опстанок. Останале да сјаат силно во свеста на македонските преродбеници од деветнаесеттиот и од почетокот на дваесеттиот век: Миладиновци, Цепенков, Пулевски, Џинот, а потоа во свеста на Чуповски, Гоце и Сандански. Во свеста на илинденците, а потоа и на асномците од Мисирков до Рацин, и од Рацин до Ченто и Конески. Тоа беа сјајни мозаичари, кои го доизградуваа мозаикот на македонската меморија и визија за постоење во светот.

Тоа беше всушност и мозаикот на светот што го сфаќаше Гоце како „поле за културен натпревар меѓу народите“ во ЧИЈ епицентар тој го гледаше како микроструктура македонскиот духовен и културолошки мозаик. Мозаикот што, надоврзувајќи се на неговата визија, Рацин, пак, утопистички го гледаше како „силно светнат ден“ искокнат од неговите „Бели мугри“ од црната ноќ на цивилизацијата со која долго време, долги историски столетија беа поклопени Македонците. Уште од онаа кобна 1014 година на Беласица во која ним им беа извадени очите за да не гледаат, ама тие според божјата промисла прогледаа со своето внатрешно визионерско око како библиските пророци од Стариот завет. Со еден збор, тие станаа, како што е тоа во виденијата на Езекиел „битие од очи“, кое никако да го доослепат ослепувачите на цивилизацијата. И колку повеќе го ослепуваат толку повеќе е видовито тоа и толку повеќе гледа. Тоа е како онаа materia prima, првобитната ноќ на тварта од која тргнуваат алхемичарите како исходна точка за нивното алхемиско злато каменот на мудроста. Ноќта што се буди, зазорува кај Македонците и ги отвора не само за себе, туку за сите вратите на Белите мугри, кои ноќното го преобразуваат во дневно сонце, во, како што вели Рацин, „силно светнат ден“. Денот што ја осветлува најубавата планета во универзумот што ја создал Господ, најубавиот негов мозаик од безброј скапоцени камчиња на божјиот во човековиот дух, такви со кои, по аналогија, тој го замисли и креира и мозаикот на материјата, осветлувајќи ја силно ноќта на нејзиното првобитно „црно“ (nigredo) од која изгреа сонцето на живиот живот.
Да. И така, како што гледаш, драг читателу, сликата на првобитното црно на материјата преобразена во кристали, блесок на минерали и скапоцени камења е всушност божјиот мозаик, превртената слика на рајот. Тоа интуитивно со понорна рефлексија го сфати и Хермес Трисмегист, дека „она што е горе е и долу“ и обратно. А тоа покрај Новалис со неговата хипотеза за интелигенцијата на материјата, која тој ја виде во неговите филозофски фрагменти во блесокот на скапоцените камења, интуитивно го чувствуваше и Гете, кој фасциниран од тајната на материјата го истражуваше страсно минералниот свет од аспект на светлината што се крие во него дестилирана како феномен во скапоцените камења. Тој тука беше близок до Њутн и неговата фасцинација од светлината и боите, пишувајќи во мистична синтеза на научен и алхемиски стил цели есеистички трактати на таа тема. Купив една таква негова книга за боите на француски за време на мојот дамнешен престој во Париз како стипендист на француската влада.

Така, и дигресија по дигресија (ама темата ги влече нив) заскитавме во филозофски и мистични спекулации. Се кренавме високо како Дедал и Икар на восочните крилја на имагинацијата, или илузијата, па сега ни е тешко да се спуштиме во просторот на дезилузионизмот, или во рамките на темата поставена во насловот на оваа колумна, во просторот и времето разделени кај Њутн, а споени кај Ајнштајн како простор-време, на современиот македонски мозаик и неговите мозаичари, супституиран во сликата на државата (општеството) и политичарите (водачи министри и целата таква тајфа). И тој македонски мозаик сега е, драг читателу, дистопичен, сив, без бои, без ни една светла нијанса. Ништо во него нема од мозаичниот блесок на Равена за кој веќе стана збор, и ни од мозаиците на Стоби и Хераклеја кај нас, што можат да стојат рамо до рамо со него. Не. А до скоро, до пред некоја деценија во него имаше скапоцени камчиња, не венецијански, туку чисто македонски, уште поубави, како дијаманти што потсетуваа на „белите мугри“ и „силно светнатиот ден“ на Рацин, како неговиот сон за слободата на неговата татковина, ама не било пишано, како што би рекол Бранко Миљковиќ, неговиот српски брат по перо и поетска екстаза, слободата да пее во ова наше скудно време како што пееле некогаш на полн глас за неа робовите. Не. Денес е молк и сивило таа, меѓупартиска и меѓуетничка, со раситнет тоталитаризам завиткан во целофан на либерална „демократија“ што ја јаде однатре неа додека се распаѓа, и НИКОЈ не може да го сопре тоа распаѓање во кое се ронат сивите безлични камчиња на мозаикот. Мозаикот што, таков, говори за неговите калпави неталентирани за таа уметност мозаичари. И не само уметничкиот талент, туку ним тука им недостигале и технолошка вештина и знаење. Нивниот меѓуетнички лепак со КОЈ се лепени камчињата е лош, не ги држи нив. Друга приказна е, пак, што едни со други не се трпат камчињата во мозаикот. Едни меѓу нив се како неутроните во атомот, без електричен полнеж како протоните, но такви имаат моќ да го разбиваат атомското јадро. Во мозаикот, пак, за кој зборуваме ние во овој текст, драг читателу, иако се во малцинство тие ги разбиваат како со чекан што мава во тилот мнозинските камчиња, создавајќи така мозаични рани кон кои се разместуваат тие иако немаат доволно капацитет и енергија да ги пополнат нив, без разлика што нивните мозаичари и дење и ноќе се трудат да го направат тоа, носејќи мозаични камчиња и од туѓи простори и земји. Камчиња чии атоми се составени во јадрото само од разбивачката честичка на неутронот, без протонот што е отсутен, и без светлината на електроните што кружат околу јадрото како планетите околу сонцето. Тоа го нема во атомите на тие камчиња, ама дотолку повеќе со агресивната моќ на неутронот што го имаат во изобилство тие и понатаму ги потиснуваат и разбиваат мнозинските камчиња на мозаикот што се, иако и тие сиви, за нијанса посветли од нив. Ама тоа ништо посебно не прави за да се избегне општото сивило на големиот, колку што е голем, мозаик со префиксот или атрибутот македонски. Тој што некогаш бил славен и голем, ненадминато уметничко дело, а денес е разјаден и скусен на едно рането парче откинато од челуста на историјата, која сè уште го аби и докусурува него.

Сега, таков каков што е, и толкав колкав што е како историска микроструктура покрај страничните удари по него и самиот се јаде и аби и однатре. А не се знае кој и што може да ја запре таа ентропија, која, таква, е ентропија и на големиот монументален мозаик на цивилизацијата, ама таа како да не е свесна за тоа. И тој не е многу светол, далеку од неговиот ренесансен блесок на Равена. И тој станува од ден на ден сè посив и сè повеќе потфатен од забот на ентропијата. Му нема спас. И неговите мозаичари како нашите се без талент и сиви. Ни меѓу нив, како ни меѓу нашите нема некој што е даруван како кралот Мидас сè што ќе допре, секое камче да го претвора во златен сјај и злато. Тоа го прави и Рембрант на своите слики. Нема таков талент меѓу нив. Нивните прсти добиваат команда од сивата мозочна маса да го претвораат сè до што ќе се допрат во безлично и без идентитет сивило. Нивната сива мозочна маса не дава команда за бои како што беше тоа случај во Византија и во италијанската ренесанса. Во Равена. Има команда само за сиво, оти и нивната душа е безбојна и сива, нивните вратоврски и гардероба, фотелјите на кои седат, мебелот во нивните канцеларии, и домот во кој живеат. Сите тие артефакти и ним им викаат на сив глас: и ние сме сиви како вас! Безмалку онака како што фотелјите, шифоњерот, столовите и масата во собата на Собакевич во Гогољевите „Мртви души“ сите без исклучок велат: и ние сме Собакевич.
А по аналогија на Гогољ уште и камчињата на нашиот македонски државен мозаик, до едно, викаат: и ние сме СИВИ како нашите мозаичари. Но не било секогаш така. Имало во тој изабен од историските катастрофи македонски мозаик и светли како молња шари од блескави скапоцени камчиња. Таков беше во еден кус историски период нашиот мозаик изведен и обновен од под пепелта на Втората светска војна. Во него блеснаа како дијаманти, рубини и сафири асномските камчиња на македонските асномски мозаичари. Да. А ти сега прашуваш трауматично, драг читателу, како се случи овие последни неколку децении нашите модерни мозаичари целосно да го посиват тој светкав македонски мозаик. Кажи ми да ти кажам, драг читателу. Тие ги искорнаа и ставија в џеб тие скапоцени дијаманти, а на нивно место ставија мртви, сиви бекатонски камчиња. Скапоцениот асномски рудник со скапоцени камења и кристали го забранија за експлоатација, го затрупаа и му се помочаа модерните сиви мозаичари на сивиот македонски мозаик. Точка. Крај. Изгасната е светилката на сонцето. Во сива темница е сивиот македонски мозаик.